„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Македонско-казахстански бизнис-форум: зајакнување на економската соработка и нови можности

21.04.2026

| Актуелно

На 20 април 2026 година, во Стопанската комора, се одржа Бизнис-форум и билатерални средби меѓу Северна Македонија и Казахстан, на кој учествуваа високи владини претставници и претставници на деловните заедници од двете земји, со цел унапредување на економската и трговската соработка.

Настанот се реализираше во рамки на официјалната посета на министерот за трговија и интеграција на Република Казахстан, Арман Шакалиев, кој предводеше бизнис-делегација во нашата земја. Форумот започна со поздравни обраќања од заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија на РСМ, Зоран Димитровски, и од министерот Шакалиев, кои ја истакнаа важноста од продлабочување на билатералните односи и отворање нови можности за соработка.
„Денешниот форум не е само церемонијална формалност. Тој е резултат на заедничка посветеност и конкретни иницијативи на двете страни. Денес, тие конкретни можности веќе се тука. Конкретни компании, конкретна волја за дејствување – постои“, истакна заменик-министерот Димитровски.
„Оваа прва посета на наша деловна делегација и економска мисија во Северна Македонија ја одразува нашата заедничка определба за зајакнување на билатералната трговска и економска соработка“, наведе министерот Шакалиев.
Централен дел од форумот беше свеченото потпишување на значајни документи за соработка во присуство на министрите – Договор за основање Деловен совет меѓу Комората за меѓународна трговија на Казахстан и Стопанската комора на Северна Македонија, како и Меморандум за соработка меѓу Центарот за развој на трговска политика „QazTrade“ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Со потпишаните на овие значајни документи се постави основа за подинамична институционална и деловна соработка.
Форумот продолжи со обраќања и презентации на претставници од релевантни институции и организации, меѓу кои и од извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, и директорот на Комората на претприемачи на Астана при Комората за меѓународна трговија на Казахстан, Канат Алин. Во фокусот беа можностите за соработка во трговијата, инвестициите, логистиката и прекуграничната поврзаност.
Изразувајќи задоволство од присутноста, Антони Пешев истакна: „На Македонија, колку што ѝ е потребна европската интеграција, подеднакво ѝ е потребно да има пријатели насекаде во светот, затоа што светот покажа дека диверзификацијата на синџирите на снабдување е од суштествено значење“.
Канат Алин се осврна на важноста на потпишаните спогодби: „Трговско-економската соработка меѓу нашите земји е стабилна и динамична повеќе од 30 години. Казахстан е заинтересиран за практични чекори, насочени кон резултати, како и за развој на транзитните коридори и спроведување заеднички инвестициски проекти“.
Настанот заврши со коктел за вмрежување во организација на Амбасадата на Казахстан, по што следеа Б2Б-средби меѓу компаниите од двете земји. Голем број компании изразија интерес за учество, што претставува јасен показател за потенцијалот за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Казахстан.