„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Димитар Кондовски

Димитар Кондовски

Свечена слика VII, 1980 темпера и злато на панел (54х43,5)

Димитар Кондовски е еден од најпознатите македонски сликари. Основно и средно образование завршил во Скопје, а Академија за ликовни уметности во Белград, во 1952 година, во класата на проф. Недељко Гвозденовиќ. Во 1958 година е на студиски престој во Париз. Во текот на 1961/62 година специјализира ѕидно сликарство во Рим. Тој има особено значење за развојот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Бил член на групите „Денес" и „Мугри". Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, критика. Бил сценограф, дизајнер, член на МАНУ, професор на Педагошката академија во Скопје, член на ДЛУМ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Во почетокот, во сликарството на Димитар Кондовски се чувствуваат ШТО од Париската школа. Подоцна оформува автохтон и препознатлив геометриски израз, инспирација црпи од влијанието на средновековната византиска уметност, апстрактното сликарство, а понатаму и со мотиви од македонското народно творештво. Во овие негови слики-објекти, во начинот на изработка на делата користел технологија која е карактеристична за изработката на икони. Овој вид на геометриска апстракција со владеење на знакот, симболот и архетипските претстави авторот го развива по 1962 година, при што се чувствуваат рефлексии на асоцијативниот геометризам, посткубизам и конструктивизам.

Делото „Свечена слика VII“, 1980, претставува пролонгиран интерес кој стилски и припаѓа на т.н. Иконовидна фаза (1963-1977) во која, како што упатува називот, создава оригинална синтеза на ликовната византиска традиција и современото сликарство, односно изворната византиска ликовна традиција и модерната геометриска естетика. Во ова дело (кое ги носи белезите на сериите „Триптихони (полиптиси)“ и „Портали“) карактеристична е геометризацијата и стилизацијата на формите, разбивање на сликата во строго изделени геометриски површини, до конструктивистичко градење на формите преку радикална геометризација вкрстување на хоризонтала и вертикала на апстрактно асоцијативни знаци, системи од знаци и елементарни симболи. Овие метафизички комбинирани слики-објекти, налик на свети предмети, ги носат формално стилските карактеристики на иконите според прикажаното, но и начинот на минуциозна изработка и акцент на златото симбол на светлина со метафизичка функција и симболична вредност. Делата од оваа фаза кај нас и во светот се препознаени како универзални естетски творби кои изобилуваат со архетипски симболи од колективната меморија. Овие комплексни композициски градби изобилуваат со праелементи и геометриски форми (квадрат, триаголник, круг), симетрија, хармонија, ритам, чисти бои (златно жолта, црвена, црна), мрежи на линии, амблеми и филигранско прецизни орнаменти (розети, ѕвезди, сонце, симбол на вечното движење итн.) од орнаменталните симболични елементи од народното творештво, поделени на правилни полиња на правоаголници со впишани сложени знаци поставени околу централниот знак во средниот квадрат како средновековни икони.