„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за начинот на вршење на надзорот над работењето на финансиските друштва

27.05.2024

Врз основа на член 22 став (5) од Законот за финансиските друштва (*) („Службен весник на Република Македонија’’ бр.158/10, 53/11, 112/14, 153/15, 23/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.173/22 и 154/23), министерот за финансии донесе
ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ НА ВРШЕЊЕТО НА НАДЗОРОТ НАД
РАБОТЕЊЕТО НА ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА
 
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот на вршењето на надзорот над работењето на финансиските друштва.
Член 2
(1) Надзорот над работењето на финансиските друштва се врши од овластени лица за вршење на надзор вработени во Министерството за финансии, врз основа на овластување од министерот за финансии.
(2) Овластените лица од ставот (1) на овој член се лица кои во извршувањето на работните задачи се задолжени за прибирање, контрола и анализа на извештаите и податоците од финансиските друштва доставени до Mинистерството за финансии согласно закон, како и на барање на Министерството за финансии.
(3) Надзорот над работењето на финансиските друштво го вршат најмалку две или повеќе овластени лица.
Член 3
Овластените лица од член 2 од овој правилник, надзорот над работењето на финансиските друштво го вршат така што можат:
1) да влегуваат и вршат проверки во деловните простории на финансиското друштво;
2) да бараат од финансиското друштво да му бидат обезбедени канцелариски услови за работа во деловните простории на финансиското друштво;
3) да бараат копии од документите кои се опфатени со надзорот и истите слободно да ги изнесат од деловните простории на финансиското друштво;
4) да го потврдат идентитетот на лицата присутни за време на вршењето на надзорот над финансиското друштво;
5) да бараат од одговорното лице на финансиското друштво или од вработените во финансиското друштво усно објаснување во врска со прашања од делокругот на надзорот, а по потреба да бараат и писмена изјава;
6) да организираат состанок со одговорните лица на финансиското друштво со цел обезбедување на дополнителни усни информации кога тоа е неопходно за вршење на надзорот;
7) да укажат за утврдените неправилности и/или незаконитости во работењето;
8) да изготват записник од спроведениот надзор со наведување на неправилностите и/или незаконитостите во работењето и
9) да вршат и други активности согласно Законот за финансиските друштва (*) и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.
Член 4
Доколку овластеното лице од член 2 од овој правилник се најде во состојба на судир на интереси, односно да треба да врши надзор над финансиско друштво кај кое основачот и/или управителот е лице кое може да ја доведе во прашање неговата неутралност, треба да се изземе од вршењето на надзорот и за истото да ги извести останатите овластени лица со цел негова замена.
Член 5
(1) Надзорот над работењето на финансиските друштва може да биде вонтеренски надзор или надзор со непосредна контрола кај финансиското друштво (во натамошниот текст: теренскиот надзор).
(2) Теренскиот надзор од ставот (1) на овој член може да биде:
1) редовен теренски надзор и
2) вонреден теренски надзор.
(3) Редовниот теренски надзор се спроведува по претходно известување доставено до финансиското друштво согласно планот за надзор од член 15 од овој правилник.
(4) Вонредниот теренски надзор се извршува по потреба, а по предлог на министерот за финансии или по предлог на овластено лице со образложение за причините за надзор.
Член 6
(1) Вонтеренски надзор над работењето на финансиското друштво се врши преку континуирано следење на извештаите и податоците кои финансиското друштво ги доставува до Министерството за финансии врз основа на Законот за финансиските друштва (*) и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, како и подзаконските акти донесени врз основа на овие закони.
(2) Покрај извештаите и податоците од ставот (1) на овој член, на барање на овластените лица, финансиското друштво доставува и дополнителни документи и информации со цел спроведување на вонтеренскиот надзор.
(3) При вонтеренскиот надзор над работењето на финансиските друштва, овластените лица ги вршат следните активности:
1) утврдуваат дали извештаите и податоците се доставени во пропишаната форма и содржина согласно Правилникот за формата и содржината на извештаите за финансиските активности и за состојбата и изворите на средствата и во рамки на законски определените рокови;
2) утврдуваат дали износите што се наведени во извештаите се целосно и правилно пополнети;
3) ги анализирааат трендовите во работењето на финансиското друштво врз основа на извештаите и податоците што финансиските друштва ги доставуваат, со цел проценка на неговата стабилност и сигурност;
4) изработуваат профили на ризик за финансиските друштва со цел подготовка на планот за надзор од член 15 од овој правилник;
5) составуваат записници за констатираните неусогласености и/или незаконитости во работењето на финансиските друштва и
6) вршат и други активности во насока на континуирано следење на работењето на финансиските друштва.
(4) При спроведување на вонтеренскиот надзор, овластените лица можат да побараат од финансиското друштво да обезбеди можност за увид во оригиналните документи кои се побарани од овластените лица.
Член 7
(1) Теренскиот надзор над работењето на финансиското друштво се спроведува во седиштето на финансиското друштво и/или во некоја од неговите подружници.
(2) Теренскиот надзор се спроведува редовно во текот на годината врз основа на планот за теренски надзор од член 15 од овој правилник.
(3) По исклучок од ставот (2) од овој член, теренскиот надзор се спроведува и вонредно во следните случаи:
1) доколку преку спроведување на вонтеренскиот надзор се утврди влошување во работењето на друштвото, што може негативно да влијае врз неговата сигурност и стабилност и ризичност;
2) од вонтеренскиот надзор се утврдени неусогласности во работењето на друштвото и за истите е потребно детален теренски увид во работењето на финансиското друштво;
3) доколку има доставено пријава за незаконско работење на финансиско друштво, а за постапување по истата вонтеренски не можат да се обезбедат соодветните документи и податоци и
4) заради прибирање, обработка и анализа на податоци неопходни за ефикасно извршување на работните задачи на овластените лица.
Член 8
(1) За вршење на теренскиот надзор, овластените лица изготвуваат известување за надзор, кое се доставува до финансиското друштво најдоцна седум дена пред отпочнувањето на теренскиот надзор, во писмена форма по пошта и во електронска форма на електронската адреса на финансиското друштво.
(2) Известувањето од став (1) на овој член содржи податоци за правниот основ за вршење на надзорот, називот и седиштето на финансиското друштво предмет на надзор, видот на надзорот и датумот на почеток на надзорот.
(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, при вршење на вонреден теренски надзор, известувањето за надзор може да се достави лично во седиштето, односно подружницата на финансиското друштво, на денот на вршење на надзорот.
Член 9
(1) Финансиското друштво со писмено барање може да побара одложување на почетокот на редовниот теренски надзор, со наведување на причините заради кои се бара одложување.
(2) По барањето од ставот (1) на овој член, овластените лица можат да го одложат почетокот на редовниот теренски надзор, за што доставуваат известување до финансиското друштво.
(3) Овластените лица можат да го откажат вршењето на теренскиот надзор, по доставеното известување од членот 8 став (1) од овој правилник, но најмалку еден ден пред денот на започнување на надзорот.
Член 10
(1) При вршење на теренскиот надзор, овластените лица се идентификуваат при доаѓањето во просториите на финансиското друштво со предавање на копија од овластувањето.
(2) Надзорот од став (1) на овој член започнува со средба со членот на органот на управување на финансиското друштво и/или од него овластено лице на која се разговара за целта и времетраењето на надзорот. На средбата можат да присуствуваат и други лица од финансиското друштво, по претходно одобрение од овластените лица.
(3) Финансиското друштво треба да обезбеди соодветни технички услови за спроведување на теренскиот надзор, пред сѐ во поглед на обезбедувањето соодветен простор во финансиското друштво за овластените лица во кој ќе може да се ограничи физичкиот пристап, како и обезбедување пристап до интернет и друга информатичка опрема побарана од овластените лица.
(4) Финансиското друштво, во согласност со своите безбедносни процедури, им обезбедува на овластените лица пристап до сите простории, им ја дава на увид целокупната расположлива документација, вклучително и податоците коишто се чуваат електронски, како и ја обезбедува документацијата и информациите што ќе ги побараат овластените лица.
(5) На барање на овластените лица, членовите на органот на управување на финансиското друштво и другите одговорни лица треба да им достават на овластените лица одговори, заедно со потребната документација, на сите прашања коишто се од значење за надзорот.
(6) Овластените лица можат да побараат информации, да водат разговори и/или да бараат писмени изјави и од други вработени лица во финансиското друштво неопходни за утврдување и/или појаснување на фактичката состојба за работењето на друштвото.
(7) Овластените лица можат да земат копија и/или оригинална документација од работењето на финансиското друштво.
(8) Доколку овластените лица кои го вршат надзорот утврдат потреба од дополнителна документација, на нивно барање финансиското друштво може документацијата да ја испрати до овластените лица и по електронска пошта.
Член 11
(1) Овластените лица можат да не го започнат или да го прекинат спроведувањето на теренскиот надзор доколку надзорот се одвива отежнато поради неуредна евиденција, недостаток или недоставување на документација, отсуство на соработка или недоволна соработка со одговорните лица во финансиското друштво или на кој било друг начин се попречува извршувањето на надзорот.
(2) За преземените дејствија од ставот (1) од овој член, овластените лица изготвуваат записник и преземаат соодветни мерки согласно закон.
Член 12
(1) Времетраењето на надзорот зависи од големината и обемот на активностите кои треба да се преземат во текот на спроведувањето на надзорот од страна на овластените лица.
(2) Теренскиот надзор по правило се врши во текот на работното време на овластените лица.
(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, надзорот може да се изврши и надвор од работното време, доколку за тоа налага целта на надзорот.
Член 13
(1) По извршениот надзор од страна на овластените лица, доколку се утврдени незаконитости и/или неправилности во работењето на финансиското друштво, се изготвува записник за спроведен надзор.
(2) По исклучок од став (1) од овој член, доколку по спроведен надзор не се констатирани неправилности и/или незаконитости во работењето на друштвото, овластените лица изготвуваат службена белешка, која се чува во досието кое се води во Министерството за финансии.
(3) Во случајот од став (1) на овој член, на финансиското друштво можат да му се изречат соодветни мерки согласно Законот за финансиските друштва (*) и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, кои се објавуваат на веб страницата на Министерството за финансии.
Член 14
(1) Записникот за спроведен надзор од членот 13 од овој правилник се изготвува во три истоветни примероци, од кои два примерока потпишани од овластените лица се доставуваат до финансиското друштво кое било предмет на надзор и еден примерок за досието кое се води во Министерството за финансии.
(2) Двата примерока од записникот се доставуваат до финансиското друштво со пропратен допис потпишан од овластените лица.
(3) Финансиското друштво најдоцна осум дена од добивањето на двата примерока од записникот од став (2) на овој член, еден примерок потпишан од членот на органот науправување и соодветно заверен треба да го достави до Министерството за финансии.
(4) Со примерокот од ставот (3) на овој член, финансиското друштво може да достави забелешки по однос на наодите констатирани во записникот, како и да достави соодветна документација со која ќе ги поткрепи забелешките.
Член 15
(1) За вршење на редовниот теренски надзор над работењето на финансиските друштва, овластените лица изготвуваат план за надзор.
(2) Планот за надзор од ставот (1) на овој член го изготвуваат овластените лица врз основа на профилот на ризик за секое финансиско друштво поединечно.
(3) Профилот на ризик од ставот (2) на овој член, овластените лица го утврдуваат најмалку со следното:
1) информации обезбедени од континуираниот вонтеренски надзор над работењето на финансиските друштва;
2) квантитативни податоци - анализа на финансиските активности, односно трендовите во работењето;
3) квалитативни податоци – мислење од овластен ревизор, извештаи за поднесени претставки до Министерството за финансии, стручна процена на овластените лица во однос на билансните податоци и
4) информации од претходно спроведените надзори од страна на овластените лица, во однос на сериозноста на наодите и мерките кои произлегле од истите.
(4) При утврдување на профилот на ризик, можат да се земат предвид и системските ризици присутни во финансискиот систем на Република Северна Македонија.
Член 16
При вршењето на надзорот над работењето на финансиските друштва, овластените лица може да одржуваат контакти со членовите на органот на управување на финансиските друштва со цел преку размена на податоци и информации за финансиските друштва да добијат поблиски информации за работењето и начинот на нивното управување и останати прашања кои се поврзани со сигурноста и стабилноста на работењето на финансиските друштва.
Член 17
При вршењето на надзорот над работењето на финансиските друштва, овластените лица по потреба вршат соработка и размена на податоци и информации со други супервизорски органи и други надлежни институции од Република Северна Македонија и од странство.
Член 18
Одредбите од член 15 од овој правилник ќе отпочнат да се применуваат од 1 септември 2024 година.
Член 19
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 13-4731/1
20 мај 2024 година
Скопје
 
Министер за финансии,
 д-р Фатмир Бесими, с.р