„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Одлука за формирање на координативно тело за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба

02.05.2024

Врз основа на член 8 став (1) од Законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 69/13 и 193/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 215/21), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 23 април 2024 година, донесе
ОДЛУКА ЗА ФОРМИРАЊЕ НА КООРДИНАТИВНО ТЕЛО ЗА УПРАВУВАЊЕ СО
СИСТЕМОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КВАЛИТЕТОТ И ЗАЕДНИЧКАТА РАМКА ЗА
ПРОЦЕНА НА РАБОТЕЊЕТО И ДАВАЊЕТО НА УСЛУГИ ВО ДРЖАВНАТА
СЛУЖБА
 
Член 1
Со оваа одлука се формира Координативно тело за управување со системот за
управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба (во натамошниот текст: Координативно тело).
Член 2
Координативното тело се состои од претседавач и 22 члена.
Членови на координативното тело се претставници од:
1. Министерство за информатичко општество и администрација;
2. Министерство за одбрана;
3. Министерство за образование и наука;
4. Министерство за здравство;
5. Министерство за правда;
6. Министерство за надворешни работи;
7. Министерство за локална самоуправа;
8. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство;
9. Министерство за животна средина и просторно планирање;
10. Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците;
11. Министерство за труд и социјална политика;
12. Министерство за култура;
13. Министерство за транспорт и врски;
14. Министерство за внатрешни работи ;
15. Министерство за економија;
16. Министерство за финансии;
17. Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија;
18. Секретаријат за европски прашања;
19. Институт за стандардизација на Република Северна Македонија;
20. Фонд за иновации и технолошки развој во Република Северна Македонија;
21. Град Скопје и
22. Општина Ѓорче Петров.
Член 3
 Во работата на Координативното тело повремено може да учествуваат и лица од други институции на јавниот сектор кои со својата стручност може да придонесат за следење на имплементацијата на воведувањето и одржувањето на стандардите и инструментите на системите за управување на квалитет од страна на државната служба.
Лицата од став (1) на овој член немаат право на глас во Координативното тело.
Член 4
Координативното тело ги врши следните работи:
- координирање и следење на имплементацијата на воведувањето и одржувањето на стандардите и инструментите на системите за управување со квалитет во државната служба;
- планирање и извршување на координирани активности со цел подобрување на
квалитетот на услугите кои ги обезбедува државната служба;
- планирање и координација на активности во насока на зголемена посветеност на
државната служба за утврдување на процеси на работењето кои ќе го подобрат квалитетот на услугите кои се нудат од државната служба;
- следење на одржувањето на воведениот систем на управување со квалитет и
заедничката рамка за процена од страна на органите и
- изготвување на годишен извештај до Владата на Република Северна Македонија за напредокот на воведувањето на стандардите за управување со квалитетот и заедничката рамка за проценка за изминатата година.
Член 5
Координативното тело донесува Деловник за својата работа.
Член 6
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за
формирање на Координативно тело за управување со системот за управување со
квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/13).
Член 7
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 41-969/4
23 април 2024 година
Скопје
Претседател на Владата
на Република Северна Македонија,
м-р Талат Џафери/Talat Xhaferi, с.р.