„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за формата и содржината на службениот печат, сувиот жиг, жигот за восок и штембилите на нотарот, како и начинот на нивното издавање, замена, одземање и поништување

12.04.2024

Врз основа на член 15 став (7) од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија” бр. 72/16, 142/16 и 233/18), а во врска со член 6 став (2) и член 23 став (5) од Законот за употреба на јазиците (,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 7/19), министерот за правда, донесе
ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА СЛУЖБЕНИОТ ПЕЧАТ,
СУВИОТ ЖИГ, ЖИГОТ ЗА ВОСОК И ШТЕМБИЛИТЕ НА НОТАРОТ, КАКО И
НАЧИНОТ НА НИВНОТО ИЗДАВАЊЕ, ЗАМЕНА, ОДЗЕМАЊЕ
И ПОНИШТУВАЊЕ
 
Член 1
Со овој правилник се пропишува формата и содржината на службениот печат, сувиот жиг, жигот за восок и штембилите на нотарот, како и начинот на нивното издавање, замена, одземање и поништување.
Член 2
Службениот печат, сувиот жиг и жигот за восок на нотарот имаат тркалезна форма и го содржат грбот на Република Северна Македонија и називот ,,Република Северна Македонија”, називот ,,НОТАР”, името и презимето на нотарот и подрачјето на основниот суд за кое е именуван нотарот.
Член 3
Службениот печат на заменик-нотарот, помошник-нотарот и нотарот кој привремено ја врши службата има правоаголна форма и го содржи грбот на Република Северна Македонија, називот ,,Република Северна Македонија”, називот ,,заменик-нотар”, ,,помошник-нотар” или ,,нотар кој привремено ја врши службата”, името и презимето на лицето и подрачјето на основниот суд за кое е именуван нотарот.
Член 4
(1) Службениот печат од членот 2 од овој правилник е со пречник од 40 мм и се втиснува со црно, темно-сино или виолетово мастило.
(2) Службениот печат од членот 3 од овој правилник е со димензии 40 мм х 30 мм и се втиснува со црно, темно-сино или виолетово мастило.
(3) Сувиот жиг е со пречник од 40 мм и тој се втиснува со механичко притискање врз нотарската исправа.
(4) Жигот за восок е изработен од метал во пречник од 40 мм и тој се втиснува врз црвен восок.
Член 5
(1) Со службениот печат, сувиот жиг и жигот за восок (во натамошниот текст: жигот) ракува само нотарот и лицата во неговата канцеларија, кои затоа имаат посебно писмено овластување.
(2) Службените печати и жигот, надвор од работното време, нотарот ги чува заклучени во нотарската канцеларија.
(3) Печатот и жигот се нарачуваат, изработуваат и поништуваат согласно со одредбите од Законот за нотаријатот и овој правилник.