„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Одлука за формирање Совет за следење на имплементацијата на развојната секторска стратегија за правосудството (2024-2028)

05.04.2024

Врз основа на член 36 став (3) од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), а во врска со член 43 став 1 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/01, 98/02, 9/03, 47/03, 64/03, 67/03, 51/06, 5/07, 15/07, 26/07, 30/07, 58/07, 105/07, 116/07, 129/07, 157/07, 29/08, 51/08, 86/08, 144/08, 42/09, 62/09, 141/09, 162/09, 40/10, 83/10, 166/10, 172/10, 95/11, 151/11, 170/11, 67/13, 145/14, 62/15, 41/16, 153/16, 113/17 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 228/19, 72/20, 215/20, 309/20, 41/21. 56/21 и 70/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 26 март 2024 година, донесе
ОДЛУКА ЗА ФОРМИРАЊЕ НА СОВЕТ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА
НА РАЗВОЈНАТА СЕКТОРСКА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРАВОСУДСТВО (2024-2028)
 
Член 1
Со оваа одлука се формира Совет за следење на имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028) како тело на Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Советот), заради следење на имплементацијата, реализацијата, текот и прогресот на мерките и проектите кои произлегуваат од Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028) и Акцискиот план за нејзино спроведување.
Член 2
Советот го сочинуваат претседател на Советот и 18 члена.
Член 3
Делокруг на работата на Советот е:
- навремено спроведување на мерките и активностите согласно Акцискиот план, следење на приоритетите, временската рамка и роковите за имплементација и оценување на постигнатите резултати во спроведувањето на Акцискиот план;
- да ја процени буџетската рамка и други средства од други извори наменети за спроведување на активностите од Акцискиот план согласно Индикативниот финансиски план;
- да доставува до Владата на Република Северна Македонија годишни извештаи и завршен извештај со статусот на имплементација на мерките и активностите од Акцискиот план, како и оценка и предлози со конкретни мерки за спроведување на Акцискиот план.
Член 4
Заради спроведување на работите од членот (3) од оваа одлука, Советот од редот на членовите определува лица кои ќе известуваат за имплементација на активностите од конкретни области и изготвува Методологија за следење на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028).
Член 5
Со работата на Советот претседава министерот за правда, како претседател на Советот. Во отсуство на претседателот на Советот, со истиот претседава член на Советот кој ќе го определи претседателот на Советот.
Член 6
(1) Советот има секретар кој ќе врши задачи за собирање и обработка на податоци и подготвување извештаи на надлежните органи, како и други административни и технички работи.
(2) Сите институции кои поднесуваат извештаи до секретарот ќе назначат лице за контакт, одговорно за собирање податоци во рамките на нивната институција.
Член 7
(1) По функција членови на Советот се:
- министерот за внатрешни работи;
- министерот за информатичко општество и администрација;
- министерот за финансии;
- заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен
за европски прашања;
- заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики за добро владеење;
- јавен обвинител на Република Северна Македонија;
- претседател на Врховен суд на Република Северна Македонија;
- претседател на Судски совет на Република Северна Македонија;
- претсетедател на Совет на јавни обвинители на Република Северна Македонија.
(2) Членови на Советот се:
- Академик Владо Камбовски;
- Вера Коцо, судија во пензија;
- Аднан Јашари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово;
- Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на Транспаренси интернешнл – Македонија;
- Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово;
- Неда Здравева, професор на Правниот факултет ,,Јустинијан Први‘‘ – Скопје;
- Абдула Азизи, професор на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово;
- Никола Прокопенко, државен советник за кривично законодавство во Министерството за правда;
- Марија Николовска Ѓорѓиев, кабинетски службеник во Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања;
- Жарко Хаџи Зафиров, претставник од БЛУПРИНТ групата за правосудство;
(3) Во отсуство на членот од став (1) алинеи 1, 2 и 3 на овој член, истиот може да го замени заменикот на министерот или државниот секретар.
Член 8
На седниците на Советот по потреба ќе присуствуваат и ќе ја следат работата:
- претседателот на Здружение на судии на Република Северна Македонија;
- претседателот на Здружение на јавни обвинители на Република Северна Македонија;
- претседателот на Здружение на судска служба;
- претседателот на Здружение на јавнообвинителска служба.
Член 9
Во работата на Советот, на предлог на претседателот или членовите на Советот, по потреба може да бидат вклучени и други министри, заменици на министри и функционери кои раководат со органи на државната управа, како и други домашни и меѓународни експерти и стручни лица во зависност од одделни прашања кои ќе бидат предмет на разгледување од страна на Советот.
Член 10
(1) Секретар на Советот е претставник од Министерството за правда.
(2) Во отсуство на секретарот, се определуваат заменици на секретарот на Советот:
Член 11
Административно-техничките работи за потребите на Советот ќе ги врши Министерството за правда.
Член 12
Советот ќе се состанува квартално, а по потреба и почесто.
Член 13
Советот работи на седници на кои се присутни најмалку мнозинство од вкупниот број членови.
Член 14
Начинот на работа на Советот ќе биде уреден со деловник за работа.
Член 15
За својата работа Советот изготвува годишен извештај, кој ќе го доставува до Владата на Република Северна Македонија, а по потреба и почесто.
Член 16
Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 41-3570/4
26 март 2024 година
Скопје
 Претседател на Владата
на Република Северна Македонија,
м-р Талат Џафери/Talat Xhaferi, с.р.