„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ НА ЧЛЕНОТ 70 СТАВ (3) ОД ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКАМАКЕДОНИЈА“ БРОЈ 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 30/16, 31/16, 142/16 И 190/16 И„СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ БРОЈ 275/19 И 101/21)

18.03.2024

Врз основа на членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 13 март 2024 година, даде
 
АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ НА ЧЛЕНОТ 70 СТАВ (3) ОД ЗАКОНОТ ЗА
ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКАМАКЕДОНИЈА“ БРОЈ 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 30/16, 31/16, 142/16 И 190/16 И„СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ БРОЈ 275/19 И 101/21)
 
Членот 70 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република
Македонија“ број 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 30/16, 31/16, 142/16 и 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 275/19 и 101/21), гласи:
„ (1) Кога градежното земјиште се отуѓува со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти или Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности, кон барањето се поднесуваат следните докази:
- решение за утврдување на правен статус на бесправен објект,
- извод од урбанистички план или урбанистичка-планска документација, кој до денот на поднесувањето не е постар од шест месеци,
- геодетски елаборат за нумерички податоци со список на податоци за формирање на градежна парцела или геодетски елаборат за формирање на посебна катастарска парцела за градежното земјиште под зграда/објект/дел од објект, а зградата/објектот/делот од објектот имаат стекнато правен статус во постапка согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти или Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај,
- имотен лист кој до денот на поднесувањето не е постар од 30 дена, со запишано право на сопственост на објектот или посебниот дел од објектот на подносителот на барањето,
- имотен лист за градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија, кој до денот на поднесувањето не е постар од 30 дена,
- уверение за историски преглед на извршените запишувања во Агенцијата за катастар на недвижностите за предметното градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија за периодот од кога е востановен катастар на земјиште во катастарската општина, со идентификација на катастарска парцела и катастарска општина, кое до денот на поднесувањето не е постаро од шест месеци и
- доказ за регистрација доколку подносителот на барањето е правно лице, односно фотокопиjа од лична карта или патна исправа ако подносител на барањето е физичко лице.
(2) Градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија може да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти или Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности и тоа:
-градежното земјиште под објектот, односно делот од објектот за кој е донесено
решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти или Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај и
- градежното земјиште кое се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот.
(3) Градежното земјиште од ставот (2) алинеја 2 на овој член се отуѓува по завршување на постапката од ставот (2) алинеја 1 на овој член или истовремено со отуѓувањето на земјиштето под објектот.
(4) Кога во рамки на градежната парцела постојат повеќе објекти за кои се донесени решенија за утврдување на правен статус на објектите на различен сопственик, секој сопственик со посебно барање може да го откупи само градежното земјиште од ставот (2) алинеја 1 на овој член. Градежното земјиште од ставот (2) алинеја 2 на овој член ќе може да се откупи по вклопување на објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус во урбанистичка планска документација.
(5) Кога објектот за кој е донесено донесено решение за утврдување на правен статус е изграден на две или повеќе градежни парцели, сопственикот на објектот може да го откупи само градежното земјиште од ставот (2) алинеја 1 на овој член. Градежното земјиште од ставот (2) алинеја 2 на овој член ќе може да се откупи по вклопување на објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус во урбанистичка планска документација.
(6) Кога објектот за кој е донесено донесено решение за утврдување на правен статус е со различна намена од важечката урбанистичка планска документација, сопственикот на објектот може да го откупи само градежното земјиште од ставот (2) алинеја 1 на овој член.
Градежното земјиште од ставот (2) алинеја 2 на овој член ќе може да се откупи по
вклопување на објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус во урбанистичка планска документација.
(7) Висината на цената на градежното земјиште од ставот (2) на овој член се утврдува во зависност од намената на објектот согласно решението за утврдување на правен статус на бесправно изграден објекти и тоа за градежното земјиште под објектот и намената и површината на градежната парцела за земјиштето кое се наоѓа во рамки на градежната парцела, а не претставува земјиште под објект, согласно со прописот од членот 15 став (7)од овој закон.
(8) Доказите и податоците за исполнетост на условите од ставот (1) алинеи 1, 2, 4, 5, 6 и 7 на овој член, ги прибавува овластеното службено лице од органот надлежен за одлучување кое ја води постапката за отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето да ги побара доказите од надлежниот јавен орган.
(9) Овластено службено лице од надлежниот јавен орган е должно бараните докази од ставот (8) на овој член да ги достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.”.
 
Одредбата од членот 70 став (3), а во врска со став (2) алинеја 2 треба да се толкува така што градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија, кое се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот, може да се отуѓи истовремено со градежното земјиште под објектот, кога објектот: не се наоѓа во рамки на градежна парцела со други објекти за кои се донесени решенија за утврдување на правен статус на објектите на различен сопственик, не е изграден на две или повеќе градежни парцели и не е со различна намена од важечката урбанистичка планска документација, а за кој објект е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти или Законот за заклучување на стечајните постапки отворени, согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот
за стечај и врз основа на кое е запишан во јавната книга на недвижности.
 
                         СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Бр. 08-1950/1                                  
13 март 2024 година               
Скопје                           
 Претседател на Собранието
       на Република Северна
                Македонија,
             Јован Митрески, с.р.