„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност

12.02.2024

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, издаваат
УКАЗ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ
НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ЈОНИЗИРАЧКО ЗРАЧЕЊЕ И РАДИЈАЦИОНА
СИГУРНОСТ
 
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година.
Бр. 08-967/1                           Претседател на Република
7 февруари 2024 година       Северна Македонија,
Скопје                                      Стево Пендаровски, с.р.
 
                        Претседател
         на Собранието на Република
            Северна Македонија,
             Јован Митрески, с.р.
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД
ЈОНИЗИРАЧКО ЗРАЧЕЊЕ И РАДИЈАЦИОНА СИГУРНОСТ
Член 1
 
Во Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност („Службен весник на Република Македонија“ број 48/2002, 135/2007, 53/11, 164/13, 43/14, 37/16 и 83/18), во член 2 во точката 38 сврзникот „и“ се заменува со точка и запирка.
Во точката 39 точката се заменува со точка и запирка и се додава нова точка 40, која гласи: „40. „Оператор на национален склад” е правно лице кое врши дејност на управување со радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори согласно со одредбите од овој закон.“.
Член 2
Насловот пред членот 6 се менува и гласи:
„Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија“.
Член 3
Во член 6 во ставовите 1 и 2 зборовите: „Републичкиот завод за здравствена заштита“ се заменуваат со зборовите: „Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија“.
Член 4
Во член 10 во ставот 1 зборовите: „одлагањето на радиоактивен отпад,“ се бришат.
Член 5
Во член 24 во ставот 2 во втората реченица зборовите: „согласно со членот 10 од овој
закон“ се заменуваат со зборовите: „од страна на операторот на националниот склад“.
Член 6
По членот 24 се додаваат два нови члена 24-а и 24-б, кои гласат:
„Член 24-а
Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија е оператор на националниот склад за радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори.
Операторот од ставот 1 на овој член, при управување со националниот склад за радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори:
1. презема мерки лицата кои работат со радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори да се снабдени со лични заштитни средства, како и со потребна опрема за мерење на интензитетот на зрачењето;
2. изготвува програма за радијациона заштита во која се содржани планот за вонредни настани и програмата за обезбедување на квалитет и контрола на сигурност;
3. ги определува должностите и одговорностите на сите кои работат во националниот склад согласно со воспоставени пишани процедури, согласно со закон;
4. определува одговорно лице за радијациона заштита;
5. врши контрола на влезот на посетителите во контролирана зона и зона под надзор, односно обезбедува соодветна придружба на посетителите на контролираните зони и зоните под надзор од страна на лица кои имаат потребно знаење од областа на заштитните и сигурносните мерки за тоа подрачје и обезбедува соодветна информација и упатства на посетителите на кои можат да влијаат нивните активности;
6. информира за состојбите и настаните од интерес за заштитата и сигурноста;
7. презема мерки за спречување на радиоактивните материјали кои предизвикуваат контаминација на животната средина над пропишаните граници, согласно со закон;
8. води регистар на радиоактивниот отпад и искористените извори на јонизирачко зрачење;
9. обезбедува заштита (лични заштитни средства, дозиметриска контрола, здравствена контрола, степен на изложеност на работниците, контролирање на контаминацијата на лицата и предметите, просториите и воздухот во просториите и повремено проверување на исправноста на мерните инструменти и на заштитните средства), како и организира/спроведува обука на лицата кои вршат работи на управување со радиоактивен отпад и искористени извори на јонизирачко зрачење;
10. управува со радиоактивниот отпад, така што обезбедува соодветна класификација, распоредување, постапување и складирање;
11. врши деконтаминација на просториите и животната средина која била контаминирана од радиоактивен извор преку сопствена служба или преку овластено правно лице за вршење на деконтаминација;
12. изготвува проект за заштитата и безбедност на објектот и просториите согласно со прописите за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност;
13. врши проценка на сигурноста и проценка на влијанието врз животната средина кои опфаќаат анализи и демонстрација на радиолошка и нерадиолошка сигурност при редовни услови на работа и проценка на потенцијалните ефекти на радијационен вонреден настан, како и сите фази и аспекти на процесот на ракување со радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори во однос на работно изложените лица, населението и животната средина
14. обезбедува физичка заштита и безбедност од неовластен пристап на лица, како и од неовластено отстранување на радиоактивни материјали;
15. обезбедува финансиски ресурси за поддршка на сигурноста на складот за радиоактивен отпад за време на работниот век;
16. изготвува план за ставање вон употреба на складот и финансиски ресурси за ставање вон употреба;
17. транспортирањето на радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори согласно со важечките прописи за транспорт на радиоактивен материјал и прописите за  заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност го врши со соодветни возила и контејнери;
18. врши прифаќање на радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори согласно со прописите за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност и
19. врши евалуација на сите фактори поврзани со локацијата кои би имале влијание врз сигурноста на таквата постројка за време на нејзиниот работен век.
 Работите од ставот 2 на овој член, операторот од ставот 1 на овој член ги врши во соодветни објекти и простории и соодветен број и вид на инструменти, апарати и опрема што ги исполнуваат техничките, безбедносните услови согласно со прописите за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, од страна на стручен кадар со соодветно средно и високо образование и работно искуство, оспособен за спроведување на мерки на заштита од јонизирачко зрачење, радијациона сигурност и нуклеарна безбедност и кој ги исполнува пропишаните здравствени услови за работите што ќе ги врши согласно прописите за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност и актот за организација и систематизација на работните места на Институтот за јавно здравје на  Република Северна Македонија.
Формата и содржината и начинот на водењето на регистарот од ставот 2 точка 8 на овој член ги пропишува директорот на Дирекцијата.
Член 24-б
Операторот на националниот склад за радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори води евиденција за извршените работи од негова надлежност и доставува месечни извештаи до 20 во тековниот за претходниот месец, како и годишен извештај најдоцна до 31 март во тековната година за претходната година до Дирекцијата.
Во случај на вонреден настан или зголемена радиоактивност над дозволеното ниво, операторот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа да ја извести Дирекцијата.“.
Член 7
Надзор над работата на операторот врши Дирекцијата.
Член 8
Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија е должен да ја усогласи својата работа согласно со одредбите од овој закон во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 9
Се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Северна Македонија да утврди пречистен текст на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност.
Член 10
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.