„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти

09.01.2024

Врз основа на член 72 став (3) од Законот за минерални суровини (*) („Службен весник на Република Македонија” бр.136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16, 7/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/22, 129/23 и 253/23), министерот за економија донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА НАЧИНОТ НА ВРШЕЊЕ НА СТРУЧНАТА ОЦЕНА (РЕВИЗИЈА) НА РУДАРСКИТЕ ПРОЕКТИ
 
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти.
Член 2
Стручната оцена (ревизија) се врши на главниот рударски проект, дополнителниот рударски проект и рударскиот проект за експлоатација на минерални, термоминерални, термални води и минерални води и гас CO2.
Член 3
Стручната оцена (ревизија) на рударските проекти од членот 2 од овој правилник се врши врз основа на барање за вршење на стручна оцена (ревизија) од страна на имателот на концесијата за детални геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини односно имателот на рударскиот проект (во натамошниот текст: барателот).
Член 4
За вршење на стручната оцена (ревизија) на главен рударски проект до Комисијата за вршење на стручна оцена (ревизија) на рударските проекти (во натамошниот текст: Комисијата) од страна на барателот кон барањето се приложува:
- главен рударски проект (во три оригинални примероци со ЦД),
- договор за концесија за експлоатација на минерални суровини (оригинал или копија заверена од нотар),
- елаборат за извршени детални геолошки истражувања (оригинал или копија заверена од нотар), освен за концесија за експлоатација на песок и чакал кои не се наоѓаат на коритата и бреговите на површинските водни тела (водотеци, езера и акумулации), собирен кварц и глина, доделена врз основа на барање од сопственикот на земјиштето на кое се наоѓаат или физибилити студија за оправданост на доделување на концесијата за експлоатација на минерални суровини, во случај кога концесијата за експлоатација е доделена на јавен повик и
- доказ за извршена уплата на надоместокот за вршење на стручната оцена (ревизија). 
Член 5
За вршење на стручната оцена (ревизија) на дополнителен рударски проект до Комисијата од страна на барателот кон барањето се приложува:
- дополнителен рударски проект (во три оригинални примероци со ЦД),
- договор за концесија за експлоатација на минерални суровини (оригинал или копија заверена од нотар),
- дозвола за експлоатација на минерални суровини (оригинал или копија заверена од нотар),
- елаборат за извршени детални геолошки истражувања или елаборат за прекатегоризација на рудните резерви (оригинал или копија заверена од нотар) и
- доказ за извршена уплата на надоместокот за вршење на стручната оцена (ревизија).
Член 6
За вршење на стручната оцена (ревизија) на рударски проект за експлоатација на минерални, термоминерални, термални води и минерални води и гас CO2, до Комисијата од страна на барателот кон барањето се приложува:
- рударски проект за експлоатација на минерални, термоминерални, термални води и минерални води и гас CO2 (во три оригинални примероци со ЦД),
- договор за концесија за експлоатација на минерални суровини (оригинал или копија заверена од нотар),
- елаборат за извршени детални геолошки истражувања (оригинал или копија заверена од нотар) или физибилити студија за оправданост на доделување на концесијата за експлоатација на минерални суровини, во случај кога концесијата за експлоатација е доделена на јавен повик и
- доказ за извршена уплата на надоместокот за вршење на стручната оцена (ревизија).
Член 7
При вршењето на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти од членот 2 од овој правилник се врши преглед односно увид и оцена на:
- општите документи дали изготвувачот на рударскиот проект предмет на ревизија ги исполнува условите согласно закон,
- содржината на рударскиот проект предмет на ревизија, односно дали истиот е изготвен согласно Законот за минерални суровини (*) и подзаконските акти донесени врз основа истиот и
- текстот и графичката документација на рударскиот проект предмет на ревизија.
Член 8
При вршењето на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти од членот 2 од овој правилник од страна на Комисијата, најдоцна во рок од 90 дена од денот на доставувањето на барањето со документацијата од членовите 4, 5 и 6 од овој правилник, се изготвува ревизиски извештај и се издава ревизиска клаузула.
Ревизискиот извештај од ставот 1 на овој член содржи податоци од прегледот односно увид на документите од членот 7 од овој правилник, како и:
- осврт кон содржината на рударскиот проект предмет на ревизија, односно дали истата е изготвена согласно Законот за минерални суровини (*) и подзаконските акти донесени врз основа на истиот,
- констатации и забелешки по текстот и графичката документација на рударскиот проект предмет на ревизија,
- забелешки и рок за нивно корегирање и
- препорака за издавање на ревизиска клаузула.
Член 9
Доколку изготвувачот на рударскиот проект предмет на ревизија не постапи по забелешките од ревизорскиот извештај од членот 8 од овој правилник во определениот рок, рударскиот проект предмет на ревизија не се прифаќа од страна на Комисијата, со решение, со што постапката завршува.
Член 10
Ревизиската клаузула од извршената стручна оцена (ревизија) на рударските проекти од членот 2 од овој правилник се издава во три оригинални примероци од кои два примерока се за барателот, а еден примерок од истата, како и еден примерок од рударскиот проект предмет на ревизија остануваат кај органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.
При издавањето на ревизиската клаузула се врши заверка на три ревидирани примероци на рударските проекти од членот 2 од овој правилник од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.
Член 11
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
 
Бр. 24-61/1
4 јануари 2024 година    Министер за економија,
Скопје                                   Kreshnik Bekteshi, с.р