„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците

01.12.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
ПРЕКРШОЦИТЕ
 
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 27 ноември 2023 година.
 
Бр. 08-6166/1                                           Претседател на Република
27 ноември 2023 година                            Северна Македонија,
Скопје                                                           Стево Пендаровски, с.р.
 
Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
 
З А К О Н
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКРШОЦИТЕ
 
Член 1
Во Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19), по членот 6 се додава нов наслов и нов член 6-а, кои гласат:
„Начело на надомест на штета од прекршок
Член 6-а
 Сторителот кој е прогласен за виновен за прекршок и му е изречена прекршочна санкција, е должен да ја врати или да ја надомести штетата или на друг начин да ги отстрани или поправи штетните последици од сторениот прекршок.“.
Член 2
Во членот 26 став (4) зборовите: „заштита на природни богатства, животната средина,“ се бришат.
По ставот (5) се додава нов став (6), кој гласи:
„(6) За прекршоците од областа на заштита на природните богатства и животната средина глобата за физичко лице, одговорно лице во правно лице и овластено службено лице може да се пропише глоба во дваесеткратен износ од износот во ставовите (1) и (2) на овој член.“.
Ставовите (6) и (7) стануваат ставови (7) и (8).
Член 3
Во членот 36 став (3) зборовите: „заштита на природни богатства, животна средина,“ се бришат.
По ставот (6) се додава нов став (7), кој гласи:
„(7) За прекршоците од областа на заштита на природните богатства и животната средина глобата за правно лице може да се пропише во дваесеткратен износ од износот во ставот (1) на овој член.“.
Ставовите (7) и (8) стануваат ставови (8) и (9).
Член 4
Прекршочните постапки отпочнати пред судовите и прекршочните органи до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе завршат според одредбите од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19).
Член 5
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.