„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.199 од 25.09.2023 г. Закон за дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија

26.09.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕНСКИ И САДЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА
ЗЕМЈОДЕЛСКИ РАСТЕНИЈА(*)
 
Се прогласува Законот за дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија(*), што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 19 септември 2023 година.
Бр. 08-4610/1                                     Претседател на Република
19 септември 2023 година                 Северна Македонија,
Скопје                                                        Стево Пендаровски, с.р.
                                        Претседател
                          на Собранието на Република
                               Северна Македонија,
                                м-р Talat Xhaferi, с.р.
З А К О Н
ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕНСКИ И САДЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ
РАСТЕНИЈА (*)
 
Член 1
Во Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2006, 89/2008, 171/10, 53/11, 69/13, 187/13, 43/14, 129/15, 39/16, 71/16 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 122/21), по членот 5-а се додава нов член 5-б, кој гласи:
„Член 5-б
Снабдувачи на семе и саден материјал регистрирани во држави од Европскиот економски простор
(1) Производство, подготовка за трговија, увоз-извоз и трговија на семенски и саден материјал од земјоделски растенија на територијата на Република Северна Македонија можат да вршат и странски правни или физички лица, регистрирани како снабдувачи со семенски и саден материјал од земјоделски растенија во државите од Европскиот економски простор во согласност со прописите за право на основање и слобода на движење на стоки и услуги.
(2) Снабдувачите од ставот (1) на овој член, пред да започнат со производство, подготовка за трговија, увоз-извоз и трговија на семенски и саден материјал од земјоделски растенија, до Управата доставуваат известување кое содржи податоци за правното или за физичкото лице, седиште или адреса на живеење, раководно лице во правното лице, даночен или матичен број, како и доказ за регистрирана дејност.
(3) Снабдувачите од ставот (1) на овој член, се должни да ја известат Управата за каква било промена на податоците содржани во известувањето од ставот (2) на овој член, во рок од осум дена од денот на промената.
(4) Управата врши проверка на податоците преку увид во јавно достапните електронски регистри во земјата на регистрација и води евиденција на доставените известувања од ставот (2) на овој член.“.
Член 2
Одредбите од членот 1 од овој закон, со кој се додава нов член 5-б, ќе започнат да се применуваат од денот на пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Член 3
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.“
____________________________________________________________________________________
*Со овој закон се врши усогласување со Директивата 2006/123/EC на Европскиот парламент и Советот од 12 декември 2006 година за услуги на внатрешниот пазар, CELEX бр. 32006L0123.