„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
10.09.2026
Предлагач е Владата на РСМ.
II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА Во основниот закон од 2019 година, меѓу другото, се пропишани минимални вредносни прагови за неговата примена. Имајќи предвид дека од отпочнувањето со примена на законот се изминати повеќе од седум години, се јавува потреба од усогласување на вредносните прагови со порастот на трошоците на живот, особено доколку се земат предвид надворешните ценовни шокови кои беа предизвикани од епидемијата со КОВИД 19 и енергетските кризи во овој период. Слични се причините и за преоценување на соодветноста на надоместоците за водење жалбена постапка, кои во Република Северна Македонија во овој момент се најниски споредено со сите земји во регионот и пошироко. Сепак, со измените се обрнува внимание да не се предизвика спротивен ефект од намалување на достапноста на правната заштита за економските оператори кои учествуваат во постапките за јавни набавки. Се предвидуваат повеќе технички подобрувања кај набавката од мала вредност која се спроведува преку Електронскиот пазар на набавки од мала вредност со цел да се зголеми неговото користење, што претставува активност од Реформската агенда за 2026 година. Исто така, се предлага задолжително користење на најдобриот сооднос на цена и квалитет како критериум за избор на најповолна понуда, која е активност во Реформската агенда за 2027 година.