„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
21.04.2026
Предлагач е Владата на Република Северна Македонија.
I.ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ Со Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 26/01, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на како носител на извршната власт и орган кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права. Преодната, односно техничката влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието, воспоставена како законски модел односно привремено решение во услови на изразена политичка и институционална криза, имаше за цел обезбедување консензус за организирање и спроведување на изборни процеси. Ваквиот модел произлезе од политички договори постигнати во 2015 година и за првпат беше применет при подготовката и одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а потоа и во наредните изборни циклуси. Иако преодната влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието во конкретен историски контекст имаше одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана. Формирањето на ваков тип на влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменици министри, дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување, што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето. Истовремено, заради доследно применување на законските одредби кои ја уредуваат оваа област, значителни буџетски средства се издвојуваат за плати, надоместоци, административна и логистичка поддршка, без соодветен јавен ефект што би ја оправдал оваа финансиска оптовареност. Во услови кога политичките партии се насочени кон унапредување на изборната правна рамка, преку јакнење на надзорот на изборниот процес, независните институции и воспоставување јасни и ефикасни механизми за контрола и санкционирање на евентуални злоупотреби за време на изборниот процес, се создаваат услови за елиминирање на објективните причини поради кои беше воспоставен моделот на преодна влада. Оттука, предложеното законско решение со одложната примена, има за цел да обезбеди стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес на граѓаните преку целосно и доследно заокружување на започнатите реформи. Заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата како носител на извршната власт избрана од Собранието, со овој предлог закон се воспоставува јасна и применлива правна рамка која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите основани со Уставот и законите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички 2 договори во минатото и се врши терминолошко и содржински односно материјално усогласување на одредбите од овој закон со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/24).
II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН Законот чие изменување се предлага се заснова на начелата на уставност и законитост