„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за изменување на законот за извршување на санкциите

15.12.2025

Предлагач група на пратеници.

I.ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ Со Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 99/19, 220/19, 236/22 и 74/24), се уредува извршувањето на санкциите изречени за кривични делa и прекршоци. Со Предлогот на Закон за изменување на Законот за извршување на санкциите се врши редефинирање на неколку законски одредби и се предлагаат нови одредби, со што се врши надминување на суштински предизвици во праксата во областа на извршувањето на санкциите поврзани со кривични дела и прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата. Истовремено, се обезбедува конзистентност на законските решенија во правниот систем во државата во оваа област и се прифаќаат добри пракси од други европски држави во контекст на функционалност и ефикасна примена на севкупниот реформски процес за Безбеден град. Наместо пресуда во одделни одредби од Законот, во предложените измени се користи терминот одлука, бидејќи забраната за управување со моторно возило, односно престанокот на важење на возачка дозвола може да се донесе и со решение. Одлуката согласно досегашните одредби се доставуваше на извршување до полициската станица на определено подрачје според местото на живеалиштето, односно престојувалиштето на осуденото лице на кое му е изречена оваа казна, односно санкција, а со предложените измени одлуката ќе се доставува до Министерството за внатрешни работи. Согласно измените спроведувањето ќе се врши со запишување во евиденција на Министерството за внатрешни работи и известување на осудениот. Со цел усогласување со одредбите на Законот за прекршоците, се предвидува дека известувањето на осудениот се врши на начин и под услови утврдени со Законот за прекршоците.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ Предлогот на Закон за изменување на Законот за извршување на санкциите се заснова врз истите начела врз кои е заснован Законот за извршување на санкциите.