„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВРШЕЊЕ НА РАБОТИ ЗА ЗАСТАПУВАЊЕ ВО ЦАРИНСКИТЕ ПОСТАПКИ (* ) (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.89 ОД 11.4.2022 ГОДИНА)

12.04.2022

 ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВРШЕЊЕ НА РАБОТИ ЗА ЗАСТАПУВАЊЕ ВО ЦАРИНСКИТЕ ПОСТАПКИ (* )

Со Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, по скратена постапка се уредуваат начинот и условите за издавање и одземање на одобрение и лиценца за вршење на работи на застапување пред царинските органи заради спроведување на дејствија и формалности пропишани со царинските прописи, за полагање на стручен испит за лиценциран застапник, составот и мандатот на Комисијата за полагање на стручен испит, видот на надоместоците кои се плаќаат и видот на евиденциите кои се водат согласно овој закон, и начинот на кој се спроведува контролата над работата на овластените царински застапници и лиценцираните застапници.
Одобрение за вршење на работи на застапување во царинските постапки се издава на трговско друштво или трговец поединец кое ги исполнува следниве услови:
а) е регистрирано во Република Северна Македонија;
б) е регистрирано за вршење дејност, која вклучува и застапување во царински постапки;
в) има вработено на неопределено време најмалку еден лиценциран застапник;
г) располага со деловен простор и опрема за вршење на застапување во царински постапки соодветнa за пристапување до компјутерскиот систем на Царинската управа за обработка на царински и други документи;
д) поднесе изјава во хартиена форма потпишана со своерачен потпис или изјава во форма на електронски документ потпишана со квалификуван сертификат за електронски потпис соодветно на начинот на поднесување на барањето, дека во рок од 30 дена од добивање на одобрението за вршење на работи на застапување во царинските постапки со Царинската управа ќе склучи договор за пристапување до компјутерскиот систем за обработка на царински документи;
ѓ) приложи изјава дека ќе го гарантира исполнувањето на обврските кои може да произлезат од вршењето на застапување во царинските постапки според овој закон;
е) во последните две години подносителот на барање и одговорното лице кај подносителот на барање со една или повеќе правосилни одлуки на надлежен прекршочен орган, односно суд, не се огласени за виновни за сторен царински прекршок и дека не им е изречена глоба во вкупен износ кој надминува 20.000 евра во денарска противвредност или не се огласени за виновни со правосилна одлука на надлежен суд за кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривично дело против службената должност, кривично дело против правниот сообраќај или кривично дело определено со Законот за акцизите и
ж) нема ненамирени обврски и долгови кон државата.
Одобрението го издава Царинската управа, по барање на трговското друштво или трговецот поединец поднесено во хартиена форма или во електронска форма со употреба на средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги или преку Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи согласно со овој закон, прописите од областа на електронското управување и електронските услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги.
По исклучок во случај на технички проблеми со функционалноста на Националниот портал за електронски услуги и Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи, барањето во електронска форма се доставува преку квалификувана електронска препорачана достава согласно со прописите од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги.
Одобрението Царинската управа го издава во рок од 30 дена од денот на приемот на уредно поднесеното барање, кон кое се приложени сите докази за исполнетост на условите.
Одобрението Царинската управа може да го издаде и во форма на електронски документ кој се доставува на профилот на трговското друштво или трговецот поединец на Националниот портал за електронски услуги или на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи согласно со прописите од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги.
Министерот за финансии поблиску ги пропишува доказите за исполнетост на условите и формата и содржината на барањето.
Работите на лиценциран застапник може да ги врши лице кое има лиценца за вршење на застапување. Лиценца за вршење на застапување во царинските постапки се издава на лице кое ги исполнува следниве услови:
а) има најмалку средно образование, најмалку две години работно искуство во областа на царинското работење и положен стручен испит за лиценциран застапник.
Покрај претходно наведените услови лицето треба да ги исполнува и следниве услови:
а) во последните две години со една или повеќе правосилни одлуки на надлежен прекршочен орган, односно суд, не е огласено за виновно за сторен царински прекршок и дека не му е изречена глоба во вкупен износ кој надминува 2.000 евра во денарска противвредност или не се огласени за виновни со правосилна одлука на надлежен суд за кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривично дело против службената должност, кривично дело против правниот сообраќај или кривично дело определено со Законот за акцизите и
б) да има активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) преку поседување на меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори, или уверение од меѓународна институција на А1 (А1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ФЦЕ, БУЛАТС или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 310 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 35 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 10 бода или ДЕЛФ,ТЦФ, ТЕФ или Гете сертификат.
(4) Лиценцата Царинската управа ја издава во рок од 30 дена од денот на приемот на уредно поднесеното барање во хартиена форма или во електронска форма со употреба на средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги или преку Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи, согласно со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги кон кое се приложени сите докази за исполнетост на условите.
Министерот за финансии поблиску ги пропишува доказите за исполнетост на условите, како и формата и содржината на барањето.
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јули 2022 година.