МАКЕДОНСКОТО ГРАДЕЖНИШТВО ИМА КАПАЦИТЕТ ДА БИДЕ РЕАЛИЗАТОР НА ГОЛЕМИ КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ
➢ Актуелно (13.10.2020)
👁 Прочитано: 5021


ГРАДЕЖНИЦИТЕ ГИ ИСПОРАЧАА СВОИТЕ БАРАЊА ДО МИНИСТЕРОТ ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ, БЛАГОЈ БОЧВАРСКИ
МАКЕДОНСКОТО ГРАДЕЖНИШТВО ИМА КАПАЦИТЕТ ДА БИДЕ РЕАЛИЗАТОР НА ГОЛЕМИ КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Во Стопанската комора на Македонија, на покана на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, беше реализирана работна средба на градежните компании со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и неговите соработници. 

Градежниците на средбата со министерот отворија дискусија за состојбите во градежниот сектор, идните проекции за инвестициите во инфраструктурата, реализацијата на капиталните проекти, потребата и динамиката за носење на новите прописи од областа на градежништвото и останати прашања од интерес на компаниите-членки кои се во делокругот на надлежностите на Министерството за транспорт и врски.

Глобалниот предизвик за справување со пандемијата поради корона вирусот не го исклучува ниту градежништвото, кое и покрај тоа што немаше директна забрана за вршење на дејноста се соочува со неизвесност и низа тешкотии да продолжи со нормално функционирање и работење. Здружението очекува до крајот на годината економските последици од пандемијата врз деловните субјекти да се продлабочат, меѓутоа и покрај актуелните состојби сметаме дека доколку државата посвети соодветно внимание, градежништвото како стопанска гранка има потенцијал да придонесе за враќање на нормалните текови и повторно раздвижување на економијата, - истакна претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски. 

Во таа насока, градежниците испорачаа низа барања кои ќе овозможат градежниот сектор долгорочно да биде двигател за раст на домашната економија. Здружението порача дека квалитетот на правната рамка и деловниот амбиент директно ги детерминираат состојбите во македонското градежништво. Оттаму, потребно е да се посвети поголемо внимание на законот за градење како еден од суштинските прописи во градежниот сектор и унапредување на правната рамка со вклученост на претставници од компаниите, но и на елиминирање на нелојалната конкуренција преку зајакнување на капацитетите на инспекциските органи.

Клучните заложби и активности на Здружението во следниот период ќе бидат  насочени и кон враќање на улогата на домашните градежни компании како носители на реализацијата на големи градежни проекти во земјата и во странство, за што е потребна и поддршка од страна на државата со цел креирање услови и враќање на угледот кои тие го заслужуваат.

- Приоритет на Здружението на краток рок ќе биде одржување на стабилноста на градежниот сектор и справување со последиците од здравствено-економската криза, додека на долг рок посветено ќе работиме на јакнење на соработката меѓу реалниот сектор и научно-образовните установи, подобрување на конкурентноста на компаниите и афирмирање на интересите на градежната фела на домашен и меѓународен план, - заклучи Серафимовски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се заблагодари за поканата и изрази подготвеност во консултација со бизнис заедницата, да се решаваат клучните проблеми кои го засегаат градежништвото. Осврнувајќи се на Законот за градење и измените во регулативата, министерот порача дека истите ќе бидат предмет на поширока дебата и компаниите ќе имаат можност да ги презентираат своите предлози и коментари со цел тие да бидат донесени по примерот на Законот за урбанистичко планирање кој на почетокот на годинава беше донесен по претходна консултација со бизнис секторот и други засегнати страни. Во однос на реализацијата на капиталните проекти, тој посочи дека внимателно се работи на креирање решенија кои ќе овозможат отстранување на застојот во реализацијата на отпочнатите проекти и ефикасна и непречена реализација на проектите во иднина. 

Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2019 година, градежниот сектор опфаќа 6,9 % од вкупниот број на активни деловни субјекти и вработува 7,02 % од вкупно вработените во државата. Во првото полугодие од 2020 година, градежништвото забележа раст од 1,05 % споредено со првото полугодие од 2019 година, додека учеството на градежништвото во креирање на БДП во овој период изнесува 5,7 %.


 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија