ОСУМДЕСЕТ ПРОЦЕНТИ ОД КОМОРИТЕ СЕ ВКЛУЧЕНИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И ОБУКАТА
👁 Прочитано: 938



ОСУМДЕСЕТ ПРОЦЕНТИ ОД КОМОРИТЕ СЕ ВКЛУЧЕНИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И ОБУКАТА

Кога е во прашање решавање на предизвикот од несовпаѓање на вештините со потребите на реалниот сектор со кој, денес, се соочуваат бизнис заедницата и младите лица кои се оспособуваат за работа, покрај стручното образование кое мора да ги следи потребите на реалниот сектор за нови вештини, неизбежна е улогата на коморите, како здруженија за поддршка на бизнисот.

Тоа беше причината Еурочемберс (Асоцијација на европските трговски и индустриски комори) (EUROCHAMBRES - Association of European Chambers of Commerce and Industry) да спроведе истражување за улогата и вклученоста на коморите во предвидувањето и обезбедувањето на пазарно ориентирани вештини.

Според податоците, 80% од коморите се вклучени во образованието и обуката, а 48% од коморите обезбедуваат стручно образование и обука, што дава јасна слика дека ја разбираат потребата од нивна вклученост во стручното образование и обука за обезбедување адекватен кадар, способен да одговори на новите предизвици. Свесноста за навременото разбирање и предвидување на потребите за вештини на пазарот на трудот, бара од коморите да преземаат различни активности во обезбедувањето на пазарно ориентирани вештини, тргнувајќи од фактот дека барањата за нови вештини, денес, се развиваат многу брзо од кога било досега. Истражувањето на Еурочеберс ги лоцираше активностите преку кои најчесто се вклучени коморите:

  • кариерно советување, професионална ориентација и стручно водење, преку информации, активности, настани и насочување кон оние сектори и дејности кои имаат потреба од стручен кадар (Австрија, Естонија, Унгарија, Италија, Луксембург);
  • предвидување вештини преку истражувања и анализи со кои обезбедуваат информации за тековните и предвидените побарувања за работна сила во земјата во однос на вештините, образовните квалификации и занимања во период од пет години. Податоците имаат влијание на образовниот систем навреме да испорача наставни програми според предвидувањата за квалификации (Италија и Германија)
  • проценка на вештини (проверка на вештините на учениците на 13 и 14-годишна возраст за обезбедување соодветно кариерно насочување, карактеристично за Австриската комора);
  • креирање образовни програми според потребите за вештини на компаниите (Австрија, Германија, Луксембург, Чешка, Бугарија, Србија и нашата земја);
  • совети и поддршка на компаниите кои учествуваат во стручното образование и обука - Стручното образование и обука е клучно за оспособување на младите луѓе, особено кога ја вклучува компонента учење преку работа што ја олеснува транзицијата од училишната во работната средина и ја зголемува вработливоста (посебно како што е во Австрија, Германија и Луксембург), иако станува збор за мали и средни претпријатија кои изнесуваат 2/3 од компаниите во земјите;
  • вмрежување на училиштата и компаниите - Вклученоста на коморите во системите за стручно образование и обука, на национално ниво, значително се разликува. Во Белгија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Италија, Луксембург, Малта и Србија, меѓу кои и нашата земја, коморите имаат улога на поврзување и вмрежување на компаниите и стручните училишта за реализација на практичната обука на реално работно место, додека во други земји, како Луксембург, улогата е и како даватели на стручно образование и обука. Покрај тоа, во земјите како Австрија, коморите се одговорни за управување и администрирање на практичните обуки и на некои сегменти од системот за стручно образование и обука;
  • обука на ментори во компании за реализација на практичната обука на учениците (Австрија, Србија, Бугарија и нашата земја);
  • акредитација на компании за практична обука на ученици (Австрија, Естонија, Србија и нашата земја);
  •  вклученост во управувањето на стручните училишта (Луксембург, Естонија);
  • организација и учество во завршните испити за стручно образование и обука (Австрија, Чешка, Унгарија, Луксембург);
  • регистрација на договори за практична обука (Австрија, Србија и нашата земја);
  • организација на стручни натпревари (Австрија, Унгарија);
  • вклученост во советодавни и координативни тела за стручно образование и обука (Бугарија, Чешка, Малта и нашата земја);
  • курсеви и обуки за преквалификација и доквалификација (коморите во сите земји) и
  • едукација за претприемништво и поддршка на претприемништвото - Денес, во процесот на работењето, стручните вештини не се доволни. Меките вештини (креативноста, соработката, мотивацијата и упорноста, преземањето иницијатива и можноста да се справат со несигурноста и ризиците), како и претприемачките ставови и вештини стануваат сè порелевантни и затоа младите треба да се  поттикнат за да ги развиваат. Тргнувајќи од важноста на претприемачкиот начин на размислување за успех на пазарот на трудот, коморите се залагаат за воведување едукација за претприемништво во наставните програми на сите нивоа на образование. Затоа многу од коморите се активни во едукацијата за претприемништво на оперативно ниво. (Литванија, Естонија, Австрија).

Тоа значи дека коморите како мерка за степенот на развиеност на пазарната економија се активни учесници во стручното образование и обука и на содржинско ниво и на оперативно ниво. На содржинско ниво учествуваат во креирање, развој и спроведување на политиките во стручното образование и обука, додека на оперативно ниво, во испораката на практичната обука во компаниите преку реализација на програмите за учење преку работа, што е клучно за подготовка на младите луѓе во светот на работата и јакнење на капацитетите за човечки ресурси.Тоа го потврдуваат и податоците дека приближно 1,8 милиони луѓе, секоја година, со поддршка на мрежите на коморите, стекнуваат соодветни квалификации, а околу 600.000 ученици реализираат практична обука во компаниите со директна организација на коморите.

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија