Работна средба на делегација на Стопанската комора на Македонија со заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров
➢ Актуелно (14.09.2020)
👁 Прочитано: 558



Работна средба на делегација на Стопанската комора на Македонија со заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров

Во контекст на претстојното интензивирање на евроинтегративниот процес во земјава, денес е остварена работна средба на делегација на Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот на Комората, Бранко Азески, со заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров и дел од неговиот тим од Секретаријатот за европски прашања.

На состанокот, заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров, се осврна на основните елементи на процесот на евроинтеграции, при што се дискутираше за неговата важност од аспект на трансформативните поместувања што тој ги носи за општеството, вклучително и за бизнис секторот. Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека процесот ќе иницира значителни подобрувања во клучни општествени сфери коишто ќе резултираат со подобар економски амбиент за бизнис секторот.

Она што е особено важно е дека во процесот на преговори со ЕУ мора соодветно да биде вклучена бизнис заедницата, а во тој контекст Стопанската комора на Македонија, за да може да помогне во градењето на квалитетни преговарачки позиции. Целта е да се обезбеди соодветен баланс помеѓу неопходноста од преземање на европското право и обврските што тоа ги носи, од една страна, и  можностите на бизнис секторот да го понесе товарот од тој чекор и способноста да се одржи понатаму конкурентноста на пазарот, од друга страна.

Во дискусијата учествуваа и претставници на раководни тела на Стопанската комора на Македонија,  кои посочија конкретни примери за кои треба да се води сметка.

На состанокот беше заклучено дека Стопанската комора на Македонија ќе биде соодветно вклучена во процесот на преговори, во градењето на националните преговарачки позиции, при што беа посочени и конкретни чекори за понатамошна соработка и координација на активностите.

м-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања