ОД ЦАРИНСКАТА УПРАВА ИНФОРМИРААТ ДЕКА Е НАПРАВЕНА НОВА НАДГРАДБА НА АПЛИКАЦИЈАТА ЗА ДИГИТАЛНО ПОТПИШУВАЊЕ ВО СОЦДАД
➢ Актуелно (13.09.2020)
👁 Прочитано: 520



ОД ЦАРИНСКАТА УПРАВА ИНФОРМИРААТ ДЕКА Е НАПРАВЕНА НОВА НАДГРАДБА НА АПЛИКАЦИЈАТА ЗА ДИГИТАЛНО ПОТПИШУВАЊЕ ВО СОЦДАД

Царинската управа на Република Северна Македонија информира дека е направена нова надградба на апликацијата за дигитално потпишување во СОЦДАД. Со оваа надградба на апликацијата за дигитално потпишување на пораки во Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), овозможена  е применливост на новите типови на дигитални сертификати кои се издаваат од КИБС и МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ. Исто така во СОЦДАД имплементирани се сите промени кои произлегуваат од новиот Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги поврзани со новите типови на дигитални сертификати со цел непрекинато работење на економските оператори, информираат од Царинската управа.

Информациите околу новата надградба на апликацијата, како и новата верзија на апликацијата за дигитално потпишување во СОЦДАД, можете да ги најдете на линкот на Царинската управа на РС Македонија.

 

Инаку, дигиталниот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) кој е во фукција повеќе од една година, е систем кој е во ранг на најсовремените системи што се користат од страна на земјите членки на ЕУ, и со негова примена, нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата за влез во Европската Унија.

Со имплементацијата на новиот систем кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително се поедноставува работата на сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка во ефикасна и модерна царинска околина. Царинските постапки кои претходно се реализираа на хартија се заменија со електронски постапки.

За економските оператори, ова значи намалување на времето на поднесување декларации, поедноставување на процесите и значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизирани со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција.

 

Служба за информирање при Комората