Угостителството и туризмот имаат значајна извозна компонента, за тоа е потребна и долгорочна поддршка за секторот
➢ Актуелно (31.07.2020)
👁 Прочитано: 430



Угостителството и туризмот имаат значајна извозна компонента, за тоа е потребна и долгорочна поддршка за секторот

Следејќи ги актуелните состојби во дејности, а со цел да се преземат активности во интерес на деловните субјекти во угостителско туристичкиот сектор, Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија одржа Седница на која се дискутираше за актуелната состојба во секторот угостителство и туризам како ефект од Корона кризата.

Во таа насока, претседателката на Здружението Ана Таневска Ѓорѓиевска ги информираше присутните членови за досега преземените активности и предлог мерки кои се иницирани кон надлежните државни институции со цел поддршка и помош на компаниите од секторот за ублажување на негативните ефекти од Корона кризата согласно која, туризмот и угостителството се еден од најпогодените сектори. Како што посочи, дејноста со која се занимаваат, прва беше на удар на кризата, а согласно карактерот на работата и последна ќе излезе. Во таа насока вели Таневска Ѓорѓиевска, изминатите три ипол месеци како деловен сектор активно бевме вклучени во креирање на мерки и решенија со кои им се понудија пакет решенија на фирмите, но поради карактерот на кризата и големиот удар врз компаниите поддршката ќе треба да продолжи и во следниот период.

Пред членките присутни на состанокот, претседателката Таневска Ѓорѓиевска информираше дека преку формираниот Комитет во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот беа одржани повеќе состаноци на кои активно се дебатираше за тоа какви мерки и предлози треба да бидат усвоени од страна на Владата. Се одржаа и 4 состанока со министрите за финансии и економија со цел заедничка дискусија и дебата за чекорите што се преземаат во насока на ублажување на негативните ефекти врз компаниите од секторот.

Во таа насока е и Студијата која беше изработена за ефектите врз приватниот сектор - туризам и угостителство погоден од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 со препораки за справување со економските ефекти, во соработка со Платформата за јавно – приватен дијалог со поддршка на проектот на УСАИД во координација на ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал.

Во Студијата, се констатира дека побарувачката на туристички аранжмани по корона кризата е сведена на најнизок степен. Следејќи го текот на кризата многу извесно дека годинава ќе се соочиме со пад на туристичкиот промет за приближно 400 милиони евра што покажува дека секторот туризам ќе остане безмалку без економска активност за календарска 2020 година со пад на бројот на ноќевања за 80%. Ова поставува во ризик до губење на огромен број на работни места во секторот. Од почетокот на корона кризата во земјата беа преземени повеќе економски мерки вклучително и посебни мерки за туризмот, формиран беше фонд за туризам и координативно тело за туризам.

Согласно досега преземените мерки за да се обезбеди економски опстанок за компаниите имајќи го предвид фактот дека цели три месеци нема деловна активност, а во актуелниот период активностите се реализираат со многу мал процент на искористеност во угостителските објекти, а дел од субјектите воопшто не се активни се иницира креирање на нов предлог до Владата со цел продолжување на мерките и креирање нови.

За таа цел се бара да продолжи мерката финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите до крајот на годината, да се продолжи одложување на плаќањето на месечните ануитети и каматите по кредитите на банките за правни лица во периодот по септември 2020 година, како и да се пролонгира отплатата на ратите од бескаматните кредити кои фирмите ги добија од Македонската Развојна банка како поддршка од COVID 19 кризата.

Членките на Здружението присутни на состанокот предлагаат одредени предлог мерки кои не беа прифатени досега повторно да се актуализираат имајќи ја во предвид нивната важност за опстојување на секторот. Во таа насока и предлогот за намалување на ДДВ-то на храната во угостителските објекти од 18 на 5% имајќи го предвид фактот дека ова е барање уште од пред неколку години, а сега во услови на криза многу земји од окружувањето ја применија како мерка на поддршка на секторот.

Компаниите бараат да се олесни и Протоколот за транспорт од сегашниот услов 50% да се дозволи автобусите да работат со 75 % искористеност на капацитетот при тоа задржувајќи го условот за дистанца, хигиена, задолжително носење маски. Споредбата ја прават со функционирањето на автобусите во градскиот и меѓуградскиот сообраќај кои работат со над 75% капацитет а упатуваат и на непочитување на дел од Протоколите во таа насока.

Во насока на дооформување на раководниот состав на Здружението, а следејќи ги Правилата за работа на истото, на состанокот беа избрани и двајца потпретседатели. Асим Меџедовиќ, сопственик на ТА Фибула Ер Травел и Александар Кузмановски сопственик на ТА Симониум Травел. Истакнувајќи ја важноста на секторот тие потенцираа дека на краток рок особено е важно да се обезбеди неповратна помош за компаниите, а имајќи го предвид фактот дека секторот има извозни карактеристики и удел во девизниот прилив на државата долгорочно секторот треба да биде поставен со важност најмалку на нивото на земјоделството во државата

 

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија