Комитет за оперативна монетарна политика на Народната банка - Поставеноста на монетарната политика оценета како соодветна на макроекономските услови
➢ Актуелно (16.09.2020)
👁 Прочитано: 244



Комитет за оперативна монетарна политика на Народната банка - Поставеноста на монетарната политика оценета како соодветна на макроекономските услови

На 15 септември 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП), на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, соопштуваат од Народна банка.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, стои во соопштението од Народна банка.

Според соопштението од Народна банка, најновите макроекономски показатели покажуваат пад на бруто домашниот производ во вториот квартал од 12,7%, што во целост е во согласност со проекцијата на Народната банка според која очекуваното намалување изнесуваше 12%. По минималниот раст на економијата во првиот квартал од само 0,2%, во вториот квартал, економијата очекувано забележа досега најдлабок годишен пад, одразувајќи ги ефектите предизвикани од пандемијата на ковид-19. Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2020 година, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата и трговијата во јули, додека на месечна основа се забележува раст и во двата сектора.

На седницата на КОМП беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата на Народната банка, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на монетарната политика, доколку тоа е потребно, се наведува во соопштението од Народна банка.

Повеќе информации и заклучоци од одржаната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка може да најдете на следниот линк.

Служба за информирање при Комората