ФИСКАЛНИ И СТРУКТУРНИ РЕФОРМИ ЗА ИСПОЛНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ КРИТЕРИУМИ НА ЕУ

   

➤ ДАНОЦИ И ЦАРИНИ (06.03.2020)
👁 Прочитано: 1520


ФИСКАЛНИ И СТРУКТУРНИ РЕФОРМИ ЗА ИСПОЛНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ КРИТЕРИУМИ  НА ЕУ
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Министерството за финансии подготви Програма на економски реформи (ПЕР) за 2020-2022 година која ја прикажува среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и секторските структурни реформи за промовирање на конкурентноста и растот.

Согласно истата, во 2020 година реалниот раст на БДП се очекува да изнесува 3,8%, а во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 4,1% во 2021 година и 4,3% во 2022 година, придвижен од домашната побарувачка.

Во 2020 година стапката на инфлација се очекува да изнесува 1,5%, а во 2021 и 2022 година е проектирана стапка на инфлација од 2%.

Фискалната политика во периодот 2020-2022 година, согласно Програмата, ќе се темели на зајакнато управување со јавните финансии и фискална одржливост, фискална консолидација, односно одржување на низок буџетски дефицит.

Согласно ПЕР, се предвидува вкупните расходи на Буџетот постепено да забавуваат од 5% годишен раст во 2020 година на 4,4% во 2022 година, во комбинација со очекувана наплата на приходите, што треба да обезбеди постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,3% од БДП во 2020 година на 2% од БДП во 2021 и 2022 година.

Даночните приходи за 2020 година се планирани во износ од 130,1 милијарда денари, а најголемо учество во планираните даночни приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8%, додека на акцизите отпаѓаат 22,2%. Во Буџетот за 2020 година планирано е 17,3 милијарди денари да се остварат по основ на неданочни приходи (административни такси, концесии и други неданочни приходи) и 2,2 милијарди денари како капитални приходи (по основ на продажба на општествени станови и земјиште и по основ на планирана дивиденда од „Македонски телеком“ АД).

ФИСКАЛНИ И СТРУКТУРНИ РЕФОРМИ ЗА ИСПОЛНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ КРИТЕРИУМИ  НА ЕУСоцијалните придонеси, како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување, се планирани во износ од 67 милијарди денари. Во оваа проекција вклучен е ефектот од зголемување на стапките на социјалните придонеси од 0,5 п.п., кој е оценет на ниво од околу 1,1 милијарда денари во буџетите на соодветните социјални фондови.

Согласно ПЕР, приоритетите на среден рок ќе бидат насочени кон зголемување на конкурентноста на економијата и вработеноста, создавање поволна деловна клима, поддршка и развој на малите и средните претпријатија, унапредување на социјалната сигурност и заштита, развој на иновативната дејност, како и поддршка на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти.

Потребно е натамошно подобрување на транспортните и енергетските пазари, енергетската ефикасност, стимулирање на иновативноста и креативноста, подобрување на конкурентноста на услужниот и земјоделскиот сектор, дигитализација на административните услуги, намалување на „сивата“ економија, олеснување на трговијата и зајакнување на човечкиот капитал.

По доставување на ПЕР до Европската комисија, истата се оценува преку мисии за оценување во земјата од страна на Европската комисија, Европската централна банка и Еуростат, по што започнува дијалог во рамките на Советот на ЕУ. Процесот завршува со донесување заеднички заклучоци врз основа на оценката на ПЕР и се даваат препораки за подобрување на макроекономската политика на земјата, управувањето со јавните финансии и квалитетот на структурните реформи во насока на исполнување на првиот економски критериум за пристап во Европската унија - постоење на функционална пазарна економија. Минатата година истите првенствено се однесуваа на „сивата“ економија, невработеноста на младите и поврзување на домашните компании со глобалните синџири на вредности.