НЕДОСТИГОТ НА КАДАР – ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ НА КОМПАНИЈАТА „МАМ – ПРОМ“

   

👁 Прочитано: 353


НЕДОСТИГОТ НА КАДАР – ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ НА КОМПАНИЈАТА „МАМ – ПРОМ“

Стопанската комора на Македонија продолжува со посета на компании и за таа цел беше остварена посета на компании од текстилниот сектор во Валандово, за подетално и посеопфатно согледување на интересите и потребите на членките во наредниот период.

„Мам - Пром“ е компанија со грчки капитал основана во 2013 година, лоцирана во Валандово, која придржувајќи се кон принципите за постојано унапредување на квалитетот и зголемување на обемот на производството, израсна во компанија со 85 вработени, а целокупното  производство е наменето за извоз. Дневниот капацитет на производство на компанијата е околу 3.000 производствени единици, а најголем дел од производите се пласираат на европскиот пазар. 

Компанијата ги следи најновите технологии за производство на облека и истите веднаш ги применува во рамките на своето производство, а тоа го постигнува со зголемување и усовршуваме на машинскиот парк и надградба и обука на вработените. Процесот на производство е под постојана контрола и тоа почнувајќи од првиот чекор од добивање на нарачката од клиентот, преку останатите производни процеси, се` до комплетирање на готовиот производ. Сето тоа се одвива со комплетно нов опремен машински парк, кој постојано се обновува со посовремени машини во интерес на зголемување на продуктивноста во работењето.

Во разговорот со сопственичката на компанијата, Елена Стораиду, беа отворени низа  прашања кои ја оптоваруваат работата на оваа дејност, како и индустријата во целост. Mора да се земе предвид недостигот на стручна работна сила кој се провлекува со години наназад, пред се’ за овој регион од државава, каде иселувањето на населението претставува голем проблем со коjшто се соочуваат компаниите во текот на работењето. Проблемите околу зголемувањето на минималната плата кое не кореспондира со нивото на продуктивноста во оваа дејност и која по автоматизам мора да доведе до зголемување на платите и на подобрите работници, е прашање за кое компаниите тешко може да го издржат во овој период. Мора да се зголеми продуктивноста во производниот процес и самото тоа да доведе и до зголемување на платите на вработените.

Исто така, иако се средна компанија, непредвидливиот деловен амбиент во тековното  работење кој се провлекува со години наназад, како и честото менување на законските и подзаконските акти им прават дополнителни проблеми во тековното работење. Поради долгогодишно присуство на компанијата како на домашниот, така и на странскиот пазар, придружено со знаење и искуство овие години, како и сигурниот тим со кој работат, „Мам – Пром“ може да ги исполни барањата и потребите на странските клиенти и тоа брзо, компетентно и флексибилно.

Сашо Деспотоски