ГРАДЕЖНИШТВО – ПРОБЛЕМИ, ПРЕДИЗВИЦИ, ПЕРСПЕКТИВИ

ГРАДЕЖНИШТВО – ПРОБЛЕМИ, ПРЕДИЗВИЦИ, ПЕРСПЕКТИВИ
ОПШТО ЗА АГРОСЕКТОРОТ 
М-р Нена Николовска, соработник во Стопанската комора на Македонија

Градежништвото има значајна улога за стимулирање на економскиот раст, подобрување на социо-економските услови и креирање нови вработувања во нашата држава. Градежништвото учествува во креирањето на бруто домашниот производ (БДП) со 5-7 % во последните години. Ако се земе предвид дека ангажманот на градежништвото повлекува ангажман на уште околу 20 други стопански гранки, позитивните ефекти на градежништвото за домашната економија се значително поголеми.

Политичките случувања во изминатите години, проследени со промена на административниот апарат и честите измени на законската регулатива предизвикаа сериозни „потреси“ во македонското градежништво, доведувајќи до стагнација во работењето и борба за опстанок на градежните компании.

Состојбите во 2019 година се стабилизираа и градежништвото се врати во колосек како еден од главните креатори и индикатори на бруто домашниот производ. Според волуменските индекси кај БДП според производниот метод, во трите квартали од 2019 година, во однос на истите од 2018 година, градежништвото забележа раст од 5,63%[1].   Меѓутоа, ако се земе предвид дека компарираниот период ја опфаќа и 2018 година, која градежните компании ја оценија како најтешка во последните петнаесетина години, состојбите се’ уште се далеку од посакуваното ниво, а потенцијалот на македонските градежни компании не е целосно искористен.

Кои се приоритетните прашања за македонското градежништво?

1. Градежниот сектор алармира дека недостасува стручен и квалитетен кадар, како предуслов за одржливи и конкурентни градежни компании. Градежништвото опфаќа 6,8% од вкупниот број активни деловни субјекти во државата и вработува 56.263 лица или 7,41% од вкупно вработените. Одливот на работна сила, намалениот број на ученици и студенти кои се запишуваат во градежната струка, зголемената старосна возраст на работниците и недостатокот на вештини и компетенции кои му се потребни на реалниот градежен сектор се проблемите кои ги обединуваат и ги загрижуваат компаниите. Дополнително, проблем претставува што зголемувањето на платите не е проследено со зголемување на продуктивноста на трудот.

2. Честото менување на прописите од областа на градежништвото стана практика во последните години. Законот за градење е менуван речиси триесет пати, а донесувањето на нов закон за градење е неизвесно. Компаниите речиси година дена го очекуваа и донесувањето на новиот „устав во градежништвото“, односно Законот за урбанистичко планирање, кој вчера беше донесен од Собранието. Градежниот сектор порачува дека правната неизвесност негативно се одразува врз инвестициската активност и дека се потребни прописи од областа на градењето што нема да бидат подложни на чести измени и дополнувања како досега.

ГРАДЕЖНИШТВО – ПРОБЛЕМИ, ПРЕДИЗВИЦИ, ПЕРСПЕКТИВИ3. Сервисно ориентирана и стручна јавна администрација е значаен сегмент во земјите во развој, како што е и нашата држава. Градежништвото се соочува со многубројни проблеми кои во голем дел се резултат на честите промени и бавноста на државниот апарат, што се одразува на целокупната инвестициска активност во услови кога државата и натаму останува најголем инвеститор во делот на инфраструктурата, додека приватните инвестиции се повеќе застапени во делот на станбената изградба.

4. Градежните компании имаат потенцијал за настап на домашниот и на странскиот пазар. За жал, во последните години тој потенцијал не е искористен и само неколку градежни компании се присутни на странските пазари. Државата располага со компании кои имаат стекнато бројни референци и се докажани во изведбата на сериозни капитални проекти во земјите од регионот, но и пошироко. Причините за се` помала присутност на странските пазари компаниите ги гледаат во отсуството на стратегија и непреземање конкретни мерки за поддршка на нивниот настап на странските пазари од страна на државата, како и неможноста за обезбедување на високите банкарски гаранции кои се услов за учество во тендерските постапки.

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите како стручен облик на организирање и работење во рамки на Стопанската комора на Македонија обединува компании од дејностите градежништво, просторно планирање, урбанизам и проектирање, завршни работи во градежништвото, индустрија на градежни материјали, експлоатација и преработка на неметални суровини (мермери, гранити, песок, чакал, вар). Според последните сознанија, компаниите-членки на Здружението оствариле обрт од околу 42,2 милијарди денари и вработуваат приближно 10.500 лица. Оттука, може да се констатира дека Здружението располага со значителен потенцијал и кадровски капацитети кои може да постават „дијагноза“ на состојбите и да дадат стручен и креативен „третман“ на проблемите со цел креирање на стабилен и одржлив градежен сектор.

За таа цел, во оваа рубрика секоја втора среда во месецот ќе ги третираме темите од значење за градежништвото како еден од секторите – двигатели на македонската економија.



[1] Извор: ДЗС

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија