КАКО И ЗА КОГО СОЗДАВАМЕ КАДАР?!

   

👁 Прочитано: 759


КАКО И ЗА КОГО СОЗДАВАМЕ КАДАР?!
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Овој текст, кој го објавувам како порака до креаторите на политиките во државава во рубрика која редовно ќе следи во вторник како мој коментар на понеделничките пресови на Стопанската комора на Македонија, иницијално, требаше да е во форма која ја најавувам во продолжение.

Тој иницијален текст кој следи во продолжение држи на долг рок, од збор до збор....

На кус рок, а во согласност со разменетите мислења со претседателот на Комората, Бранко Азески, мојот коментар за барањето изнесено на вчерашниот прес за делегирање на претставник од деловната заедница во Комисијата која одлучува за уписната политика во средните стручни училишта во државава е следно:

1. Барањето е уште едно бирократско барање и само по себе нема да ги промени состојбите со недостиг на стручен кадар во земјава. Веројатно истото ќе заврши во нечија фиока и на истото нема да добиеме одговор;

2. И да добиеме позитивен одговор во конкретното тело за креирање на уписната политика може да вклучиме не еден, туку десет претставници на деловната заедница и состојбата ќе е идентична, ќе се задоволи формата, без суштина;

3. Фали прагма и разбирање дека проблемите мора да се решаваат, не со повици и дописи, туку со конкретни акции, затоа што бизнисот ја „храни“ државата и кога тој повикува на решавање на одреден проблем, тоа не е личен проблем на компанија, тоа е проблем на државата.

4. Ова мора да го разберат како административците од Министерството за образование и наука, па дури и без повици од деловната заедница да пристапат кон решавање на проблемите, така и администрацијата во Стопанската комора на Македонија... На бизнисот итно му требаат заварувачи, ракувачи со машини... денес, не утре.

Следи иницијалниот текст кој е релевантен на долг рок:

Живееме во свет кој бргу се менува, каде знаењето и иновациите се клучни двигатели на економскиот развој. Ова значи дека квалитетот на образованието и учењето се значајни детерминанти на благосостојбата на индивидуите, но и значајни фактори на прогресот на земјите.

Во услови на глобализација и либерализирани меѓународни економски односи економиите се натпреваруваат едни со други. Успешните држави имаат конкурентни и компаративни предности во однос на други економии, кои се темелат на конкурентски предности во одредени индустрии. Образованието и обуките на работната сила во земјите се главен фактор за успешноста на економијата, односно работната сила која е способна да работи во индустриите во кои конкретна економија има конкурентна предност во однос на други економии е императив.

Ако го разгледуваме македонското искуство за почеток може да констатираме две состојби:

1. Креаторите на економска политика кај нас немаат утврдени сектори и дејности во кои македонската економија има компаративна предност пред другите економии. Така, со години во нашата држава (вклучително и во моментов) се практикува хоризонтална индустриска поддршка.

2. Соодветно на претходното, образованието со децении наназад стихијно се развива, без системски пристап кој ќе овозможи создавање на квалификуван кадар за секторите и дејностите во кои македонската економија има компаративна предност.

Како држава денес се најдовме во состојба годишно да продуцираме по речиси 8.000 дипломирани студенти, по околу 1.900 магистри и специјалисти годишно и по околу 250 доктори на науки, а деловната заедница секојдневно да укажува на недостигот од стручен кадар за нивните потреби.

Ако појдеме од фактот дека „масовно произведуваме“ високо образован кадар, теоретски, нашата економија треба да стане попродуктивна бидејќи образованите работници можат поефикасно да ги извршуваат задачите кои бараат писменост и критичко размислување. Но, тоа не е случај, продуктивноста не расте, стапката на невработеност е висока. Значи фокусирањето на тоа да се обезбеди високо образуван кадар нема додадена вредност врз македонската економија. Дополнително, меѓународното искуство покажува дека широка мрежа на средни училишта и универзитети не значи по автоматизам дека домашните економии имаат корист од образованието. Недостатоците во областа на формалното и неформалното образование кај нас претставуваат многу сериозна пречка за брз развој на државата, а недостигот од суштинските реформи во образованието придонесува ние да заостануваме зад просекот на ЕУ во неговиот квалитет на сите нивоа.

Ако го имаме предвид претходното, доаѓаме до фактот дека системски промени во образованието се повеќе од неопходни.

Ние мора да имаме визија и најнапред да утврдиме долгорочна стратегија за економски развој, во која ќе се стимулираат секторите и дејностите кои имаат конкурентска предност, а образовната политика мора да се прилагоди на така утврдените приоритети и потреби.

Ова може да се постигне само доколку креаторите на економската, вклучително и на образовната политика имаат храброст и стручност да направат сериозни реформи.

Потребна е рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта и факултети, со цел создавање на кадар кој е потребен на компаниите. Лесниот пристап до високо образование и високата стапка на студенти кои завршуваат факултети дестимулираат ученици да се запишуваат во средни стручни училишта (во квалификации за кои актуелно има побарувачка).

Оттаму, за да се мотивираат учениците да запишуваат средни стручни училишта неопходни се и паралелни измени во уписната политика, односно предвидување високи критериуми, без отстапување од нив, за гимназиско образование и за одредени квалификации во стручното образование, како и измена на уписната политика и квотите за упис во високото образование и дефинирање на повисоки критериуми за упис во високо образование. Исто така, неопходно е системско решавање на дуалното образование, во насока работодавачот да има право да учествува во планирањето на практичната обука.

Деловната заедница мора да биде целосно вклучена во креирање на образовните програми и на уписните политики, како во средно, така и во високо образование, но во однапред дефинирана рамка, бидејќи во спротивно нејзините ад хок барања се сведуваат на потреба која не може да се задоволи, бидејќи кадарот не се создава преку ноќ.

Да не пропуштиме дека согласно член 44 од нашиот Устав секој има право на образование и тоа треба да е достапно на секого под еднакви услови. Доколку пошироко ја анализираме оваа уставна одредба, а во контекст на претходните предлози за промени во уписната политика, се наметнува прашањето дали може „со сила“ да му се наметне на ученикот што ќе изучува (односно да се ограничи во желбата да го учи она што го сака) или тоа треба да е израз на слободна волја.

Оваа дилема, упатува на тоа дека успешни реформи во образованието може да има само ако промената во регулативата и поставеноста на системот се одвива паралелно со истакнување на позитивни примери од реалниот сектор, лица кои добро заработуваат, лица кои се задоволни од статусот во одредени професии кои општата јавност ги третира како помалку атрактивни.

Во секој случај, мора бргу да се делува, бидејќи денес со ваков систем ние создаваме кадар кој не може да се реализира во актуелните економски услови и дополнително неповратно ги губиме најдобрите ученици кои надвор од државата го дооформуваат своето образование, а ги губиме и највредните работници кои бараат подобри услови за живот надвор од државата. Така, нашите инвестиции во човечкиот капитал, се сведуваат на инвестиции во човечки капитал за други држави, во услови кога нам ни е неопходен стручен и компетентен кадар.

Креаторите на економската и образовна политика мора да го прекинат овој маѓепсан круг.