ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ
➢ Актуелно (16.12.2019)
👁 Прочитано: 2087



ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ
Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија континуирано презема активности во насока на поголема препознатливост и промоција на Комората како институција која се залага за развој на домашното земјоделство, поставување идни насоки за негов развој со целосно приспособување на секторот кон зголемените очекувања на потрошувачите и кон добрите практики на европската регулатива од оваа област.

Земјоделството (вклучително лов, шумарство и рибарство) претставува еден од најголемите и најважни сектори во домашната економија. Неговото учество во вкупниот БДП остана релативно стабилно изминатиот период, со околу 10-12%, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 14-18%.

Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми, затоа што расположливите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови. Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти, наместо развојна нота тие беа искористени како социјално-политичка алатка.

Македонското земјоделство во изминатите 25 години се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, Спогодбата со ЕУ, членството во ЦЕФТА - ги проширија можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголемија  домашната конкуренција.

Состојбата во земјоделството е драматична. Субвенциите не го даваат саканиот ефект, обработливите површини се намалуваат, бележиме пад на растителното и животинското производство, а сé поевидентен е и ударот од климатските промени. Неопходни се интервентни мерки: инвестиции во технологија, наводнување и во преработувачки капацитети, зачувување на биодиверзитетот и развој на руралните средини, предупредува Стопанската комора на Македонија.

За таа цел, Стопанската комората на Македонија, на крајот на ноември, втор пат последователно оваа година организираше трибина за перспективите и развојот на агросекторот. На средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и претставници од бизнис секторот од дејноста, присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски. При тоа, во отворена дебата се дискутираше за насоките за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во државата.

На дебатата беше посочено дека се бараат интервентни мерки во примарното производство, конкретно можност за увоз на млеко зашто нема доволно, а има побарувачка за поголем извоз во Русија. Се бара и развој на професионалното фармерство, односно поддршка на големите стопанства до 50 отсто. Во врска со субвенциите, можеме да кажеме дека не дадоа ефект иако висината на средствата низ годините се зголемуваше. Очигледно, не беа добро распределени. Бројките потврдуваат дека се намалени површините, како и растителното и животинското производство, беше кажано на денешната прес-конференција.

ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ

Вложувањето во иновации е исклучително битно, а т.н. интелигентно земјоделство и принципот на „паметни села“ кај нас се’ уште не се препознаени.  Речиси целиот агросектор е приспособен со ЕУ-регулативата и се работи по тие правила, но заостануваме во технолошките иновации. Многу малку се искористени можностите, а во овој сегмент Европската унија дава многу голема поддршка. Ако не поработиме на ова поле, тешко ќе постигнеме високо развиено и конкурентно земјоделство. Колку повеќе време губиме на ова, толку поголеми последици ќе имаме по домашното производство.

Според Здружението, за конкурентно земјоделство во фокусот мора да бидат биодиверзитетот, агроеколошките мерки, руралниот развој и органското производство.

Комората очекува институциите позитивно да одговорат на нејзините барања: да се укинат ограничувањата за субвенциите за големите компании, да се изградат ладилници и да се дозволи увоз на млеко од Турција зашто суровина нема, а големи се нарачките и можностите за извоз на преработки во Русија.

Васко Ристовски