ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Од компаниите
04.10.2019 👁 Прочитано: 291

Стојановска: За 15 години постоење на КБ Прво пензиско друштво ги исполнивме очекувањата, пред сè на нашите членови


Сметаме дека во оваа речиси една и пол деценија ги исполнивме очекувањата, пред сè на нашите членови. Од аспект на очекувањата од членовите, со задоволство може да кажам дека заклучно со 30.06.2019 година, согласно податоци од МАПАС, обезбедивме раст на средствата на личните сметки на членовите во задолжителниот пензиски фонд во просек од 6,22% (седумгодишно ниво) и 5,93% (седумгодишен раст) на средствата на личните сметки на членовите во доброволниот пензиски фонд, вели Весна Стојановска, Претседател на УО на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје во интервју за Фактор. Стојановска посочува дека работење на зголемување на членството во двата столба, со промовирање на условите, едукативни кампањи и директни контакти со потенцијалните членови е стратегија кон која ќе бидат насочени во иднина.

Фактор: КБ Прво пензиско друштво беше прво пензиско друштво формирано по стартот на пензиската реформа во државата кога покрај првиот пензиски столб, кој е државен, се создадоа уште два столба втор задолжителен и трет-доброволен. Колку од оваа дистанца од речиси 15 години постоење, КБ прво пензиско друштво ги исполни очекувањата?

Стојановска: - КБ Прво пензиско друштво е формирано уште 2005 година од Комерцијална банка АД и словенечкото друштво Прва груп. Управува со два пензиски фонда – КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд– Скопјеи КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд. КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, кој работи во рамки на вториот пензиски столб и во кој средства за идна пензија се издвојуваат од бруто плата, со парите на своето членство управува веќе 14 години, додека КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд 10 години управува со парите кои се одвојуваат на доброволна основа за да се обезбеди поголема пензија.

Сметаме дека во оваа речиси една и пол деценија ги исполнивме очекувањата, пред сè на нашите членови. Од аспект на очекувањата од членовите, со задоволство може да кажам дека заклучно со 30.06.2019 година, согласно податоци од МАПАС, обезбедивме раст на средствата на личните сметки на членовите во задолжителниот пензиски фонд во просек од 6,22% (седумгодишно ниво) и 5,93% (седумгодишен раст) на средствата на личните сметки на членовите во доброволниот пензиски фонд. Од друга страна, вкупниот број на членови во двата фонда кој изнесува 273.218 и висината на средствата со кои управуваме во износ од над 630 милиони ЕУР може да нè прават задоволни. Податоци за надоместоци кои ги наплаќа Друштвото, се објавени на веб страна на Друштвото. Нормално, простор за раст има и тоа во двата фонда. Во задолжителниот фонд секој нов вработен е наш потенцијален член, но треба и натаму да се работи како за задржување на постојните, така и за привлекување нови членови. Во доброволното пензиско осигурување има особено простор за раст, каде поради недоволната информираност или едноставно поради немање навика да се штеди на овој начин за посигурна старост се наметнува потребата Друштвото интензивно да се посвети на поголема информираност и подигање на свесноста за дополнително штедење во третиот пензиски столб. Бројот на членови во третиот пензиски столб во целина во земјава е далеку под она што е пракса во другите земји каде во време на работниот век се издвојуваат дополнителни средства за пензија.


Фактор: КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, според последните податоци на МАПАС, има 258.821 членови и управува со над 600 милиони евра пари на членовите. Дали сметате дека членовите се доволно информирани за тоа што им носи членството во некој од фондовите. Односно, дали по инерција остануваат таму каде се времено распределени или, пак, се интересираат за работењето на друштвата кои управуваат со нивните средства?

Стојановска: - Секој вработен, од денот на неговото пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување се распределува привремено од страна на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување. Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) времено распределените писмено ги информира дека согласно Закон се должни да се зачленат во задолжителен пензиски фонд во рок од три месеци, сметано од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување. Во овој рок тие имаат можност да изберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе се зачленат со склучување договор за членство со агент на пензиското друштво кое управува со тој задолжителен пензиски фонд. Времено распределените осигуреници кои нема да потпишат договор за членство во рок од три месеци, стануваат трајно распределени во задолжителниот пензиски фонд во кој биле времено распределени.

Во старт новите членови најчесто остануваат во фондот во кој се времено распределени. Причина за тоа веројатно лежи во фактот дека треба да се обратат во фондот кој го избрале. Но откако ќе го добијат првиот зелен плик, односно годишниот извештај за состојбата на нивната индивидуална сметка, каде детално е наведено колку пари се собрани на индивидуалните сметки, каде се инвестирани, колкав принос е остварен, почнуваат да се интересираат. И можам да кажам дека постои миграција од еден во друг фонд.

Секако, на промена на состојбите влијаат и активностите кои се спроведуваат и на ниво на МАПАС, но индивидуално и од наша страна, во насока на подигање на свеста на населението за задолжителното пензиско осигурување. МАПАС, на пример во моментов има активна кампања за поголема информираност на населението за задолжителните пензиски фондови, чија цел е да се подигне интересот на членството за тоа кој се грижи за нивната пензија. Неодамна имаше и Ден на пензиска свесност, се вклучуваме и во активностите на Деновите на финансиска писменост. Но и ние, индивидуално како друштво активно работиме на терен, остваруваме директни контакти, организираме кампањи и секако работиме на едукација на младите бидејќи тие се наши идни потенцијални членови.

Фактор: Од годинава стапија на сила измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Покрај зголемувањето на процентот на зафаќање за пензиско осигурување од бруто плата, со измените е предвидено и сите оние родени пред 01.01.1967 година да се вратат во државниот пензиски фонд, бидејќи тоа, како што се објаснува, за нив е поповолно. Дали е тоа направено во интерес на овие лица?

Стојановска: - Според направените законски измени доколку овие членови до 30.09.2019 година не дале писмена изјава за продолжување, односно прекин на членството во задолжителен пензиски фонд, друштвото во кое биле членови, има обврска да ја затвори нивната индивидуална сметка и да го пренесе вкупниот износ на средствата во Фондот на ПИОСМ. Со тоа тие ќе останат осигуреници исклучиво во државниот Фонд од каде ќе добиваат пензија кога ќе ги исполнат законските услови за стекнување пензија.

Во изминатиот период, беа направени анализи во врска со повозрасните осигуреници во соработка со надлежни институции. Заклучокот од тие анализи беше дека доколку некои членови имаат поголем пензиски стаж пред 2003 година, истите немаат доволно време за акумулација на средствата во задолжителниот фонд и истовремено и за оплодување на нивните средства. Во суштина, ова беше една од најсуштинските препораки во 2005 година, дека членовите кои имаат стаж на осигурување повеќе од 5-7 години пред почетокот на реформата, не треба да бидат членови во задолжителниот пензиски фонд. Секако дека некои случаи поединечно се анализираат.

Фактор: Средствата кои се собираат во вториот пензиски столб кои ви се доверени, ги инвестирате, за да се зголеми нивната вредност. Каде КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд ги инвестира средствата?

Стојановска: - Инвестирањето на средствата на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд се врши во согласност со регулативата и инвестициската стратегија и тактика на Фондот, а под постојан надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС. Друштвото секојдневно ги следи светскиот и домашниот пазар на капитал и врз основа на подготвени анализи ги инвестира средствата на фондовите. Портфолиото на Фондот е широко диверзифицирано се со цел да се обезбеди сигурноста на средствата на членовите и принос кој ќе придонесе за среќни пензионерски денови на нашите членови во иднина. Најголем дел од средствата на фондот (околу 70%) се инвестирани во домашни инструменти со фиксен принос како што се државни обврзници и депозити, околу 2% во акции на домашни компании. Голем  фокус на друштвото се инвестициите во странство кои учествуваат во портфолиото под 30% и тоа се инвестиции во индексни фондови со кои се тргува на берзи т.н. ЕТФи, при што на индиректен начин нашите членови се акционери во најголемите светски компании како Амазон, БМВ, Самсунг, ИБМ, Сименс, Нестле и многу други познати светски компании. Од остварените приноси во периодот од основање до денес можеме да заклучиме дека успеваме да ги постигнеме зацртаните цели.

Фактор: Дали сметате дека за членството е најдобро тоа што државата има пропишано колкав процент од средствата треба да се вложи во домашни инструменти? Односно, дали можеби не е потребно да се дозволат поголеми инвестиции во странски инвестициски фондови кои можеби ќе донесат поголеми приходи?

- На почетокот на реформата беше дефинирана строга законска рамка со цел да се обезбеди максимална сигурност на средствата, низ годините беа правени измени во некои од ограничувањата со цел проширување на можностите за инвестирање на средствата.

По една и пол деценија од стартот на пензиската реформа, сметаме дека законодавецот треба да дозволи поголема флексибилност, односно можност за повеќе инвестиции во странски инструменти бидејќи тоа ќе биде од интерес на членството. Ограничувањето можеби беше во ред во време кога имавме високи камати на депозитите и на државните хартии од вредност, така што и приносот за членството остварен во домашни инструменти беше значителен. Меѓутоа, денес евидентно е дека паѓаат банкарските камати, како и каматите на државните хартии од вредност и се јавува потреба од проширување на можностите за инвестирање. Ние веќе имаме доволно искуство и знаеме каде е најсигурно да се инвестира. Инвестирањето во светските инвестициски фондови кое ние го правиме е, можам да речам, „паметно“ инвестирање, односно вложуваме во оние фондови кои се акционери во светски познати компании, што гарантира добар приход. Сметаме дека во оваа фаза на развој на пензиските фондови е време да се размислува за инвестиции во фондови кои инвестираат во недвижнини, реални добра (на пр. злато), инфраструктура... Да се прошири регионот за инвестирање, на пример да се вклучи до одреден процент од средствата инвестиции во земји со брзорастечки економии и земји во развој, овие земји го создаваат над 40% од светскиот БДП, нашите членови дефинитивно би имале придобивка од овој раст.

Исто така, имајќи предвид дека просечната возраст на членовите на задолжителниот фонд е 34 години, а со оглед на законските промени во делот на критериумите за зачленување во задолжителниот фонд и старосната граница за враќање на осигуренците во едностолбниот пензиски систем, првата поголема група на членови кои ќе исполнат услови за пензионирање ќе биде од 2032 година. Тоа значи дека инвестицискиот хоризонт на членовите е подолг. Поради тоа сметам дека нивото на ризик може да го зголемиме на сметка на очекуван повисок принос.

Поради тоа сметам дека после 15 години од почетокот на двостолбниот пензиски систем, треба да се ревидира рамката за инвестирање и да се дозволи процент на инвестиции во инструменти кои не се предвидени во сегашната регулатива. Друштвото има докажано искуство и експертиза во оваа област.

Фактор: Колку пензионери има КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд кои веќе добиваат пензија од два извори и како се одвива исплатата?

Стојановска: - Моментално Прв отворен задолжителен пензиски фонд исплаќа 13 пензии на оние членови или членови на семејства што го имаат остварено правото на пензија. Што значи дека тие добиваат пензија од два извори – од државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување и од КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд. На сите вработени кои беа опфатени со пензиската реформа од бруто плата се издвојуваа 18%, од кои 12% одеа во ФПИОСМ, а 6 отсто во нашиот фонд. Со последните измени и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување од бруто платата за идна пензија, се издвојуваат 18,4% како придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, со тоа што кај членовите во вториот столб, од овие средства, 12,4% одат во државниот пензиски фонд (ФПИОСМ), а 6% во некој од приватните задолжителни пензиски фондови.

За членови во двостолбниот пензиски столб, до минатата година делот кој се исплаќаше од  ФПИОСМ изнесуваше најмногу 30% а сега најмногу 40% од пензиската основица. Парите кои во текот на работниот век се издвојуваат на индивидуални сметки во задолжителните пензиски фондови, со исполнување на законските услови за заминување во пензија, членовите ќе може да ги повлекуваат како програмирани повлекувања, ануитети или комбинирано.

Парите издвоени во вториот столб се наследни, во случај на смрт на осигуреник, средствата ги наследуваат членови на семејството или други лица со покренување оставинска постапка, согласно Закон за наследување.

Фактор: Во рамките на друштвото веќе 10 години функционира и Прв отворен доброволен пензиски фонд во кој на крајот на август имавте 14.397 членови. Штедењето во рамките на друштвата во третиот пензиски столб носи поголем принос отколку да се штеди во банките каде, сведоци сме, од година во година се намалуваат каматите на депозитите. Дали населението е доволно информирано за придобивките од издвојување средства во третиот пензиски столб?

Стојановска: - Последниве години навистина расте свеста и интересот за штедење на доброволна основа, односно за одвојување дополнителни средства за посигурна старост. Ова, особено станува сè поактуелно поради фактот дека многу млади денес работат преку интернет, па издвојувањето средства на сопствена сметка може да им обезбеди сигурност во староста.

Основната цел на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд е да обезбеди повисок приход по пензионирањето на вработените лица, пензиски приходи на лицата кои не се вработени или спаѓаат во категоријата на долгорочно невработени лица, лицата вработени на проекти или во странски мисии, лица кои немаат приходи по ниедна основа, дополнително пензиско осигурување на трети лица – брачни другари, членови на семејството, односно пензиски приходи на сите лица кои се на возраст од 15 до 70 години, но немаат остварено право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување ниту, пак, се корисници на истата.

Ние на крајот на минатата година управувавме со над  14,5 милиони евра кои нашите членови ги имаат издвоено за посигурна старост. Според податоци на МАПАС, остварениот номинален седумгодишен принос заклучно со 30.06.2019 година е 5,93%, односно реален 5,03%. Податоци за надоместоци кои ги наплаќа Друштвото, се објавени на веб страна на Друштвото.  Ако се знае колкава е висината на банкарските камати кои, сведоци сме, се повеќе се намалуваат, тогаш е навистина точно дека штедењето во доброволен пензиски фонд е најисплатлив начин на штедење.

Предност на штедењето во третиот столб лежи во тоа што уплатувачот или осигурителот во доброволниот фонд има право слободно да ја одредува висината на уплатениот износ и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата не значат прекин на членството. Условите за стекнување право на пензиски надоместок и начинот на исплата на пензискиот надоместок од третиот столб, предвидуваат дека собраните средства можат да се повлечат најрано десет години пред возраста за стекнување право на старосна пензија, што во моментов би значело најрано на возраст од 54 години за мажи, односно 52 години за жени. Средствата може да се исплатат со еднократна или повеќекратна исплата, како пензиски ануитет, со програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со доброволен пензиски фонд, или со комбинација од овие опции.

Фактор: Која е структурата на лицата кои извојуваат дополнителни средства за посигурна старост? Се нуди и можност за издвојување со професионални шеми за своите вработени од страна на компаниите, при што се нудат и поволности за нив? Дали ова доволно се користи?

Стојановска: - Статистичките податоци покажуваат дека членовите во доброволните фондови во најголем број се млади лица, на возраст од 36 до 40 години. Односно, речиси половината од членовите се на возраст од 36 до 45 години. Членовите кои имаат професионална сметка, пак, се повозрасни во однос на членовите со индивидуална сметка. Просечната возраст на членовите со индивидуална сметка е 42 години за мажи и 41 година за жени, а на членовите со професионална сметка е 46 години за мажи и 45 години за жени, додека просечната возраст на сите членови вкупно е 44 години.

И компаниите се почесто издвојуваат средства за дел од вработените, особено оние поуспешните.  Дополнителното издвојување во третиот столб, значи и повеќе приходи кога ќе се замине во пензија, иако има компании кои едноставно сакаат да издвојуваат за вработените, при што ги користат и поволностите кои ги дава државата за одвојување средства во третиот пензиски столб, во поглед на персоналниот данок, материјални трошоци и друго.

Фактор: Во март МАПАС даде одобрение на Заваровалница Триглав од Љубљана за основање друштва за задолжително и доброволно пензиско осигурување, што значи дека отсега во вториот и во третиот пензиски столб ќе функционираат по три субјекти. Дали сметате дека тоа беше неопходно, односно што според вас ќе донесе зголемувањето на конкуренцијата?

Стојановска: - Конкуренцијата секогаш е добра работа бидејќи можноста за избор ги тера играчите да се натпреваруваат, да внесуваат новини и промени во работењето со цел да го задржат и зголемат пазарниот удел. Од тој аспект, појавата на уште едно друштво може да биде позитивно бидејќи опасноста од трансфер на членството во друг фонд ќе нè натера на дополнителен ангажман за да го задржиме постојното членство и секако да придобиеме нови членови. Сепак, ова ќе значи намален раст на бројот на нови членови во задолжителниот пензиски фонд со кој управува Друштвото, бидејќи членовите во вториот пензиски столб, доколку сами не направат избор, по формула автоматски се распределуваат од страна на ФПИОСМ во постојните друштва, а во моментот постојат три друштва.

Ние како КБ Прво не очекуваме поголеми промени поради појавата на новиот фонд, бидејќи она со што можеме да се пофалиме е традиција од 15 години работење во вториот и 10 години во третиот пензиски столб. Ние сме препознатливи на пазарот и зад нас се докажани резултати. Дополнително, сме и единствено пензиско друштво каде еден од сопствениците е македонска банка, и тоа Комерцијална Банка која сама по себе е бренд кој влева сигурност и доверба.

Фактор: Каде КБ прво пензиско друштво во иднина ќе ја насочи својата стратегија?

Стојановска: - Наша деловна стратегија во иднина ќе биде секако работење на зголемување на членството во двата столба, со промовирање на условите, едукативни кампањи и директни контакти со потенцијалните членови.

Преземено: Фактор

Стојановска: За 15 години постоење на КБ Прво пензиско друштво ги исполнивме очекувањата, пред сè на нашите членови