ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
29.08.2019 👁 Прочитано: 4123

АЛТЕРНАТИВНИ НАЧИНИ ЗА ПОБРЗО РЕШАВАЊЕ НА БИЗНИС СПОРОВИТЕ


Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија
- излагање на Тркалезната маса на тема: „ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС”, во организација на Стопанската комора на Македонија (26.8.2019 година)

Според Извештајот на Европската комисија од 29 мај 2019 година за напредокот на Република Северна Македонија во Глава: Владеење на правото и фундаментални права, Поглавје 23: Правосудство и фундаментални права, евидентирано е дека се потребни напори за подобрување на употребата на алтернативното решавање спорови. Арбитражата сè уште не се смета за одржлива алатка за да се осигура правда, било од страните или од судовите. Ефектите од спроведувањето на Законот за медијација, донесен во 2013 година, сè уште треба да се проценат.

Оттука, а во контекст на нудење алтернативни начини на решавање на стопанските спорови, Стопанската комора на Македонија преку кадровскиот и технички капацитет со кој располага, знаењето и искуството што го има на овој план нуди решенија. Истите ќе бидат елаборирани подолу во текстот.

Во насока на погоре кажаното, тука само ќе го цитирам Абрахам Линколн, 1850 година:

“Обесхрабрете го парничењето.

Убедете ги соседите да постигнат компромис кога е можно тоа.

Објаснете им дека победник на хартија всушност е губитник во реалноста, со оглед на сите судски трошоци и изгубеното време.”

Би ги навела некои од добивките за државата од користење на алтернативните методи на решавање на споровите:

- унапредена работа на правосудството;

- намален број на предмети и зголемување на ефикасноста на Судот;

- зголемување на довербата на јавноста во судовите;

- промовирање атмосфера на соработка наместо парничење;

- унапредување на угледот на Владата;

- промоција на меѓународно усвоените методи за решавање на споровите;

- уважување на ЕУ-препораките...

При Стопанската комора на Македонија функционира Постојаниот избран суд – Арбитража како независно тело и единствена функционална арбитража во земјата со капацитет, традиција, стручност, специјализираност и повеќедецениско искуство за решавање спорови со и без меѓународен елемент. Како институција надлежна за арбитражно решавање домашни спорови и спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија функционира од 1993 година. Арбитражата е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Северна Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност. За потенцирање е дека Постојаниот избран суд - Арбитражата има кадровски капацитет и техничка опременост да опслужи и до 10 % од вкупниот број трговски спорови.

Главни предности на Арбитражата се непристрасноста во одлучувањето , стручноста на арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите, флексибилноста, неформалноста, ефикасноста, доверливоста и едностепеност на постапката, како и правосилноста и извршноста на арбитражната одлука (арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките). Арбитражната постапка во просек трае од 6 до 9 месеци. Во последните години има тенденција на скратување на времетраењето на арбитражните постапки заведени пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, каде просечното времетраење на постапките изнесувало приближно 6 месеци. Инаку, повеќето иницирани барања пред арбитражата се по основ на долг, надомест на штета и сл., а повеќето од тие побарувања произлегле од договори за градење, трговски договори, договори за испорака на стоки, договори за вршење услуги, јавни набавки и сл.

Кога станува збор пак за медијацијата, таа иако е развиена со Закон во нашата држава уште поодамна, со примената на одредбата од ЗПП за задолжителен обид за медијација, почнува нејзината најголема примена. Но, секако, потребно е да се истакне што е она што најмногу го прави привлечно користењето на медијацијата при решавање на споровите, посебно при решавање на стопанските спорови. Главна улога имаат начелата и стандардите на медијацијата која ја издвојуваат како привлечна пред останатите методи на алтернативно решавање на споровите, или пред судовите. Сублимирајќи ги предностите преку примена на начелата на медијацијата, од особена важност кај стопанските спорови е тоа што самата постапка е доверлива, јавноста во постапката е исклучена, постои рамноправност, еднаквост и правичност за страните во постапката и самата постапка е брза - трае не повеќе од 60 дена, економична е и поевтина од останатите постапки.

Инаку, за потсетување на македонските компании за законските измени е дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр. 124./15) со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли“. Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од февруари 2016 година.

Пред 2016 година евидентирани се многу малку постапки за медијација. Ситуацијата последните години, посебно со одредбата од ЗПП за задолжителниот обид за медијација кај стопанските спорови до 1.000.000 денари видно се менува и според податоците од медијаторите кои моментално работат во нашата земја таа бројка во моментов изнесува околу 2.800 спорови, од кои околу половина се врз основа на задолжителната одредба кај стопански спорови за парични побарувања до еден милион денари. Инаку, од таа бројка околу 30 проценти од стопанските спорови завршиле со склучена спогодба меѓу страните во спорот. Според информациите од компаниите, пракса е компаниите кои веќе го виделе бенефитот од користење на медијацијата во договорите со партнерите во иднина да ставаат клаузула во договорите дека во случај на иден спор ќе користат некој од алтернативните методи на решавање на споровите, што всушност била и замислата на носење на оваа задолжителна одредба - најпрво да се види бенефитот па потоа компаниите доброволно да ги користат овие алатки, а со тоа и да се зголемува свеста за нивно имплементирање во договорите. Како споредба е интересен податокот дека европските земји многу ги користат алтернативните начини на решавање на споровите. На пример, во Холандија и Италија над 95 проценти од бизнис споровите се решаваат по пат на медијација или арбитража. Исто така и според податоците на странските компании кои работат во Република Северна Македонија (здружени во Советот на странските инвеститори при Комората) процентот на користење на алтернативните методи на решавање на споровите во нивните договори со своите партнери е над 80 отсто.

Како заклучок би следела препораката до компаниите да го користат капацитетот на Комората кој нуди услуги и поддршка во делот на алтернативните начини на решавање на стопанските спорови.

АЛТЕРНАТИВНИ НАЧИНИ ЗА ПОБРЗО РЕШАВАЊЕ НА БИЗНИС СПОРОВИТЕ