Здружение на трговија - НОВА СТРАТЕГИЈА И НОВ ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ
➤ Актуелно (12.12.2017)
👁 Прочитано: 509



Здружение на трговија - НОВА СТРАТЕГИЈА И НОВ ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ

Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, на 12.12.2017 година, одржа состанок со претставници од Министерството за економија и со експерти од областа на регулативата за заштита на потрошувачите.

 

Од Министерство за економија – Секторот за внатрешен пазар, информираа за почеток на новиот Проект: „Институционално зајакнување на политиките за заштита на потрошувачите“, во насока на остварување на активностите во рамките на проектот, односно креирање Стратегија на ниво на РМ за потрошувачи и усогласување на Законот за потрошувачи.

Членките на Здружението на трговијата се запознаа за планот за изготвување на нов Закон за заштита на потрошувачите, како и за отпочнувањето на подготовката на нова Стратегија за заштита на потрошувачите, со Акционен план.

Претседателката на Здружението на трговијата, Соња Тасевска истакна дека и во досегашниот период Здружението активно учествуваше во креирањето предлози за подобрување на законската регулатива од оваа област. Компаниите од областа на трговијата се заинтересирани за изнаоѓање решенија, согласно директивите од Европската унија, со цел задоволување на потребите и барањата на потрошувачите.

Во дискусијата беше потенцирано дека целта е да се постигне поголем степен на одговорност на субјектите на сите чинители во синџирот на потрошувачката, а истовремено и заштита на потрошувачите во делот на квалитетна и навремена услуга.

На состанокот се договорија натамошните активности при изготвувањето на потребните решенија во новиот Закон за заштита на потрошувачите, како и во новата Стратегија за заштита на потрошувачите, со Акциониот план. Притоа, се истакна потребата од постојано учество на членките на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија. Учесниците на состанокот ја потврдија подготвеноста за соработка за сите отворени прашања во насока на регулирање на овој дел од трговијата во која се вклучени голем број правни субјекти, но и потрошувачи.

Лазо Ангелевски