Бизнис-заедницата со конкретни забелешки по Предлог-правилникот со тарифа за користење авторски музички дела - НАДОМЕСТОК СОГЛАСНО ЕКОНОМСКАТА СОСТОЈБА ВО ЗЕМЈАТА И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ТРОШЕЊЕТО НА СРЕДСТВАТА
➢ Актуелно (30.11.2015)
👁 Прочитано: 777



Бизнис-заедницата со конкретни забелешки  по Предлог-правилникот со тарифа за користење авторски музички дела - НАДОМЕСТОК СОГЛАСНО ЕКОНОМСКАТА СОСТОЈБА ВО ЗЕМЈАТА И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ТРОШЕЊЕТО НА СРЕДСТВАТА

Здружението на угостителството и туризмот, Здружението на трговијата и Здружението на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија, на поединечно организирани расправи, секој во рамките на своето здружение, како и на заедничка седница одржана на 24.11.2015 година, го разгледаа Предлог-правилникот со тарифа за користење авторски и музички дела од Здружението за заштита на авторски музички права - ЗАМП, кој беше објавен на веб-страната на ЗАМП по одржување на Собранието на Здружението на 28.10.2015 година, како и во весникот „Нова Македонија“ на 31.10.2015 година, за кој согласно законските обврски засегнатите страни имаа можност во рок од 30 дена од денот на објавување на јавниот повик да достават свои писмени мислења до организацијата, во спротивно ќе се смета дека се согласни со Предлог-тарифата.

 

Ова беше истакнато на прес-конференцијата во Стопанската комора на Македонија на тема: „Бизнис-заедницата со конкретни забелешки  по Предлог-правилникот со тарифа за користење авторски музички дела“. На оваа тема зборуваа: м-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, Благој Христов, претседател на Здружението на информатичко-комуникациските технологии и Даниела Михајловска Василевска, од Стопанската комора на Македонија.

Стопанската комора на Македонија и засегнатите здруженија на 27.11.2015 година доставија поединечни и заеднички забелешки до ЗАМП. Овие дописи се доставени и до надлежните државни институции - Министерството за култура и Комисијата за посредување во авторското право и сродните права именувана од Владата на Р. Македонија.

Членките на Стопанската комора на Македонија потенцираат дека го почитуваат односот кон користењето на творештвото и обврската да се плаќа надомест, како и за сите други производи и услуги, особено ако нивното користење директно или индиректно влијае врз остварувањето на приход кај корисниците. Сепак, алармираат дека е потребно да се согледа и економскиот ефект од оптоварувањето на корисниците кои се должни да ја исполнат оваа обврска, особено поради фактот што во дејностите во кои опстојуваат, по разни основи произлегуваат и други обврски, односно трошоци поврзани со природата на дејноста.

Во таа насока, заедничка е констатацијата дека во Предлог-правилникот, се направени многу мали корекции согласно постојниот Правилник, за кој речиси две години постојат и насоки од надлежните институции да биде променет, а остануваат големите финансиски оптоварувања за обврзниците по истиот.
Здружението на угостителството и туризмот при Комората доби поддршка и од Асоцијацијата „ХОТАМ“, која со писмен допис ги достави своите забелешки до Здружението, во насока на конструктивно решавање на проблемот.

Кабелските оператори, членки на Стопанската комора на Македонија, кои добија поддршка од други здруженија на кабелски оператори, како „МК нет“, значи сите релевантни оператори и тоа „Македонски Телеком“, „Оне.Вип“ („Близу“ и „Оне“), „Телекабел“, „Тотал ТВ“, забележуваат дека надоместоците кои ги плаќаат по правилник и по договор изнесуваат дури 67 % од вкупните приходи на ЗАМП, што како информација може да се добие од Годишниот извештај на ЗАМП за 2014 година. Од Здружението на информатичко-комуникациските технологии посочуваат дека е направена и споредбена анализа со други европски земји кои плаќаат не само по обврската за авторски музички дела, туку за сите видови на права кои ги користат операторите. Имајќи го предвид бруто националниот производ, анализата покажува дека во Македонија оваа финансиска давачка е неколкупати поголема.

Држава

Бруто национален производ

(меѓународни долари  -Int$)

Висина на месечен надомест

(евра)

Словачка

26.497

0,22

Унгарија

23.334

0,006

Бугарија

15.732

0,02 – 0,03 *

* Во зависност од бројот на ТВ канали кои ги нуди операторот (80-120)

Држава

Бруто национален производ

(меѓународни долари - Int$)

Висина на месечен надомест

(МКД)

Висина на месечен надомест

(евра)

Македонија

11.612

32

0,52 *

* Соодветно за пакет од вкупно 80 ТВ канали и просечна застапеност на канали кои се предмет на заштита



Од годишните извештаи што ЗАМП ги објавува на својата веб-страна може да се согледа дека во делот што им се наплаќа на хотелите и угостителските објекти, по основ на апарати за механичка музика и дел за „жива“ музика, приходите на ЗАМП во 2013 година изнесуваат 8.990.920,00 денари, а во 2014 година 11.114.842,00 денари, што е зголемување за 23,6 %.

Согласно реализираните состаноци, здруженијата на угостителството и туризмот, на трговијата и на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија ги доставија следните Мислења и предлози по Предлог-правилникот со тарифа за користење авторски музички дела.

Во рамките на Здружението на угостителството и туризмот:

  1. Да се исклучи плаќање на надомест за користење авторско дело во објекти и сместувачки капацитети каде што се вршат здравствени услуги, за лицата кои од здравствени причини користат сместувачки капацитети во бањите.
  2.  При организирање на прослави во угостителски објекти од надвор, обврската кон ЗАМП да ја плаќа организаторот на прославата, забавата и друг вид манифестација.
  3. Вредноста на бодот во тарифниот дел од Правилникот од сегашните 4 денари, да биде максимум 2 денари.
  4. Да се пресметува 8 %, односно 10 % од приходот од реализирана забава, но само од вредноста на договорената музика за соодветната забавна приредба.
  5. Основ за пресметка во угостителските објекти да биде остварениот приход, за што доказ е завршната сметка што правниот субјект (угостителскиот објект) ја доставува до Управата за јавни приходи, односно до Централниот регистар најмалку еднаш годишно.
  6. Хотелите да не плаќаат за реализирани ноќевања, бидејќи за една иста активност се наплатува двојно па и повеќе пати. ЗАМП веќе наплатува од кабелските оператори и од државниот радиодифузен јавен сервис МРТВ.
    Имајќи предвид дека хотелско-угостителската дејност не е еднакво атрактивна во сите региони од земјата, Здружението на угостителството и туризмот остава можност да се разговара, во деловите каде обемот на работа и по вредност и по активности е значително помал, трошоците за плаќање да бидат намалени.

Во рамките на Здружението на трговијата:

  1. Просторот кој трговските синџири го даваат под закуп да не биде нивна обврска за плаќање кон ЗАМП.
  2. Да се намали бројот на бодови согласно кој се тарифира обврската кон ЗАМП, за што се предлагаат две алтернативи, или намалување на бројот на бодови или воведување една големина на бодот за сите површини. 
  3. Да се намали за 100 % бројот на бодовите кога се организира користење музички дела на отворен простор.

Во рамките на Здружението на информатичко-комуникациските технологии:

  1. 1. За соопштување на музички дела по пат на телефон надомест да се плаќа месечно во износ од 0,5 % од приходот остварен по овој основ според бројот на тарифни единици.
  2. Доколку со договор не е поинаку утврдено, авторскиот надомест за емитување на авторски музички дела за дистрибуција на радио и телевизиски програми во кабелска мрежа, кабелските оператори плаќаат надомест во висина од: 0,8 бод по претплатник, месечно.

Оттука, сублимирано, Стопанската комора на Македонија преку засегнатите здруженија бара од ЗАМП:

  1. Ревидирање на Предлог-правилникот со тарифа за користење авторски музички дела, согласно поединечни забелешки од здруженијата на угостителството и туризмот, на трговијата и на информатичко комуникациските технологии.
  2. Одговор дали технички, институцијата ЗАМП е подготвена да наплаќа такса од сите правни субјекти на кои се однесува оваа давачка - хотели, угостителски објекти, кабелски оператори, трговски синџири и останати правни субјекти. 
  3. За кои се` авторски музички права ЗАМП на годишно ниво исплатува  средства? Во годишниот извештај стои како збирен износ, но наше барање е да добиеме одговор кои точно субјекти добиваат и во колкав износ средства кои ЗАМП ги прибира од хотелите и угостителите?  

 

                                                                             Даниела Михајловска Василевска