Здружение на трговијата - ВО ИДНИНА ПОИНТЕНЗИВНА СОРАБОТКА СО НОТАРСКАТА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
➤ Актуелно (18.06.2015)
👁 Прочитано: 495



Здружение на трговијата - ВО ИДНИНА ПОИНТЕНЗИВНА СОРАБОТКА СО НОТАРСКАТА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, на  седницата одржана на 18.6.2015 година, имаше конструктивна расправа за соработката со Нотарската комора на Република Македонија. На средбата претседателката на Нотарската комора, Зорица Пулејкова даде свои видувања за состојбите и проблемите со кои се среќаваат нотарите во секојдневното работење со стопанските субјекти и даде образложенија и толкување за некои поединечни случаи од праксата. Членките на Здружението на трговијата укажаа на потребата од поголема ефикасност при реализацијата на законските решенија што имаат влијание врз работењето на стопанските субјекти од областа на трговијата, а особено за примената на законите за поголема финансиска дисциплина, дожничко-доверителските односи и на законските одредби од имотно-правните односи.

Како конкретни проблеми, стопанските субјекти ги посочија состојбите на одредување на: месната надлежност на нотарите, доколку двете страни се со различно место на живеење, извршувањето врз веродостојна исправа,  примената на член 63 од ЗПП, каде доверителот е принуден да ги авансира трошоците на постапката, кои е неизвесно дека ќе ги наплати, поефикасна примена на електронската поврзаност на нотарите со Катастарот и со Централниот регистар на Република Македонија, при ставање или бришење на хипотека или залог со цел комплетно завршување на предметите и олеснување на реализација на предметите на странките и примената на едношалтерскиот систем.

На седницата беше изразено задоволството од отпочнувањето на поинтензивните контакти на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија и на Нотарската комора на Република Македонија. Се договори постојана комуникација помеѓу коморите, за навремена и стручна постапка на сите состојби, кои би се појавувале во секојдневното работење, за да се оствари непречена стопанска активност, а со тоа многу би добиле сите засегнати страни - компаниите, нотарите, граѓаните и државата.

На седницата се предложи да се покрене иницијатива за донесување ефикасен и рационален финансиски инструмент за обезбедување на договорени плаќања за продадена стока или извршена услуга, кои се вршат секојдневно.

Лазо Ангелевски