Здружението на трговијата бара усогласени законски прописи - ОТСТРАНУВАЊЕ НА СИТЕ ПАРАФИСКАЛНИ ДАВАЧКИ
➤ Актуелно (10.03.2015)
👁 Прочитано: 494



Здружението на трговијата бара усогласени законски прописи - ОТСТРАНУВАЊЕ НА СИТЕ ПАРАФИСКАЛНИ ДАВАЧКИ

Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, на 10.3.2015 година,  расправаше за законските решенија коишто имаат влијание врз работењето на стопанските субјекти од областа на трговијата.  Oсобено беа фокусирани:  примената на Законот за финансиска дисциплина, проблемите во секојдневното работење и предлози за измена на законските решенија за поефикасно работење на македонските компании и за примената на Законот за данок од добивка и Законот за придонеси од задолжително осигурување.

Во расправата од страна на членките на Здружението на трговијата  беше укажано дека одредбите од различните законски реченија треба да се преиспитаат и преуредат, со цел да бидат меѓусебно усогласени и да се во корелација со другите закони, кои ги регулираат сличните односи.

Уште еднаш беше потенцирано дека се неопходни законски решенија кои ќе придонесат за намалување на трошоците во работењето во трговијата, но и да се детектираат и сите други парафискални давачки што се појавуваат и што им се  наметнуваат на компаниите во секојдневното работење.

Неопходно е драстично да бидат  намалени предвидените казни во сите закони кои се однесуваат на  трговците, како и укинување на одребите каде што како казна е предвидено затворање на фирмата или забрана на вршење на дејност.

Здружението на трговијата и понатаму ќе ги следи законските прописи од областа на стопанството, што ќе биде приоритет во работата во текот на секој месец од годината и постојано ќе бара контакти со надлежните институции,  со цел донесување измени на законски прописи што позитивно ќе влијаат врз работењето на стопанските субјекти.

Лазо Ангелевски