Здружението на трговијата го разгледа текстот на работната верзија на Книга трета на Граѓанскиот законик на Република Македонија - СУШТИНСКИ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА РЕГУЛАТИВАТА ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ
➢ Актуелно (11.03.2014)
👁 Прочитано: 546



Здружението на трговијата  го разгледа текстот на  работната верзија на Книга трета на Граѓанскиот законик на Република Македонија - СУШТИНСКИ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА РЕГУЛАТИВАТА ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ

           Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, на седницата одржана на 11.3.2014 година, го разгледа текстот на  работната верзија на Книга трета на Граѓанскиот законик на Република Македонија, што се однесува на облигационите односи. Притоа, беа  дадени суштински забелешки, особено за уредувањето на материјата на облигационото право како дел од граѓанскиот законик, по кои правната материја е поделена во повеќе делови и тоа: настанувањето, дејствата и престанувањето на обврските; разни видови обврски; промена на страната на доверителот или на должникот; посебни договори и друго. 

Се расправаше за бројните начела: терминот „закони“ е заменет со „присилни прописи“ од причина што законите, особено оние во граѓанското право, а посебно Законот за облигационите односи, во себе не содржи само норми од императивна (присилна) природа, туку и (резервни) диспозитивни норми. Оттука замената на терминот „закони“ со „присилни прописи“ е во насока на појасно определување на оваа граница на слободата на договарањето. Следната измена е во поглед на добрите обичаи со додавање на „моралот“  во загради како дополнителна одредница на добриот обичај. Имено, моралот во оваа смила треба да се сфати како прифатен стандард настанат преку долготрајна примена на добрите обичаи.


Со предлогот се воведува (ново) начело: „начело на должност на соработка“ преку кое  дополнително се истакнува координацијата како метод на уредување на облигационите односи, начелото на справедливост, начелото на должно внимание во извршувањето на обврските и во остварувањето на правата од облигационите односи. Дадени се две алтернативи на „Начело на заштита на потрошувачите“ (наслов содржан во предлогот, односно член со постојан наслов „Обврски спрема граѓаните како потрошувачи и корисници на услуги“). 
Се реагира и во начелото на мирно решавање на споровите. Дополнително во ова начело медијацијата јасно се воведува како еден од механизмите за мирно решавање на споровите.  За договарање на надлежноста на Арбитражата за решавање на евентуалните спорови меѓу деловните партнери, се препорачува во договорите да се внесува следнава клаузула:

„Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд - Арбитража".

 
Во настанувањето на обврските,  „настанување на договор“ и “склучување на договор“ се прецизираат  последиците од несклучување на договор кој инаку задолжително треба да се склучи. Се дефинира прашањето на последиците од несериозна изјава на волја, се уредуваат општите прашања на преговорите и нивното дејство и прашањето на трошоци на договарањето, понудата и нејзиното прифаќање, се даваат законски дефиниции на различните видови форми на склучување на договорите  и истите јасно се дефинираат, условувањето и орочувањето на договорите, уредување на капарот и пишманлакот како споредни договори на зајакнување на договорите, застапувањето и полномошното, неважноста на договорите, ништовност и рушливост и одговорноста за штетата кога двете или повеќето страни се виновни за ништовноста, двострани договори, концептот  на битна повреда на договорот како основа за раскинување на договор поради неисполнување, а се воведува општо правило за небитна повреда на договорот кое е замена на сегашното правило за раскинување на договорите кога рокот е суштествена состојка.

При прекумерното оштетување и  измена на договорот, покрај негово поништување  се воведува исклучок од примената на правилата, односно неможност да се бара поништување на трговски договор, на договорот на среќа, на договор склучен при јавна продажба, на договор за порамнување,
Интервенциите во поглед на уредувањето на облигационите односи што настануваат со причинување штета се во повеќе насоки. И на одговорноста за склучување договор.   


Кај казнената камата е направена поголема интервенција, заради усогласување со Директивата 2011/7/ЕУ (Директива 2011/7/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 16 февруари 2011 година за борба со задоцнетото плаќање во комерцијалните трансакции (ревидирана)). Се воведува нов член со кој се прецизираат видовите стапки на казнена камата, стапка на законска казнена камата и стапка на договорна казнена камата.  Во поглед на начинот на пресметка на казнената камата се предлага решение според кое таа ќе се врши само според бројот на денови на задоцнување без оглед на пресметковниот период за кој се врши пресметката.

Потребно е допрецизирање при престанувањето на обврските, разните видови обврски, промената на страната на доверителот или на должникот, во поглед на цесијата и кај преземањето на долгот.

Посебен интерес присутните искажаа за понудените решенија за договорите за продажба, за замена, за заем, договор за дар, договор за отстапување имот за време на живот, за доживотна издршка, договор за закуп (со подвидови), наем, послуга, за дело. Потоа, за договорот за градење, договор за ортаклак (заедница) и посебни видови договор за ортаклак, договор за превоз, договор за лиценца, депозит, складирање, налог, комисион, договор за трговско застапување, за посредување, за експедирање (шпедиција). Специфични се и договорите за организирање патување, договорот за ангажирање на угостителски капацитети (договор за алотман), осигурување, гаранција, залог, упатување (асигнација), банкарска тековна сметка, сеф, кредит и за кредит врз основа на залог на хартии од вредност, договорот за акредитиви и другите видови договори.

Здружението на трговијата расправаше и за очекуваните ефекти од примената на новите законски прописи и за потребата од измена на Законот за заштита на потрошувачи, Законот за финансиска дисциплина и други закони што директно влијаат на работењето и резултатите од работењето на компаниите од трговијата.

 

Лазо Ангелевски