Здружението на трговијата дава целосна поддршка на измените на Законот за регистрирање на готовински плаќања - ФИСКАЛНАТА ДИСЦИПЛИНА ЌЕ ЈА НАМАЛИ НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА НА ПАЗАРОТ
➤ Актуелно (24.06.2013)
👁 Прочитано: 485



Здружението на трговијата дава целосна поддршка на измените на Законот за регистрирање на готовински плаќања - ФИСКАЛНАТА ДИСЦИПЛИНА ЌЕ ЈА НАМАЛИ НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА НА ПАЗАРОТ

      Со Законот за регистрирање на готовински плаќања се уредува воведувањето и користење на фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања.

      Фискалниот систем на опрема се состои од фискална апаратура (електронски каси со фискална меморија, фискални печатачи, читач на платежните картички и сл.) и интегриран автоматски систем на управување (систем за постојана електронска комуникација на трговскиот објект со Управата за јавни приходи за секојдневно автоматско пренесување на податоци во вид на дневен финансиски извештај). Интегрираниот автоматски систем за управување се состои од GPRS терминал (General packet radio service) и крипто модул, кои можат да бидат надворешно поврзани со фискалната апаратура или вградени во неа.


    

      Со Законот се пропиша и содржината на фискалната сметка и изгледот на фискалното лого со сонце и пораките „Да купуваме македонски производи“, „За наше добро“ и „Made in Macedonia“, што би биле во функција на стимулирање на потрошувачката на домашни производи, на зголемување на свеста на граѓаните за нивната значајност и влијание врз зголемувањето на домашното производство  и поттикнување на вработеноста.Основната цел што се тежи да се постигне со овие измени е да се влијае на подобрување на фискалната дисциплина кај даночните обврзници, односно пропишување на правен основ со кој ќе се овозможи постојана електронска комуникација на деловните објекти на даночните обврзници со Управата за јавни приходи и следење на готовинскиот промет во реално време преку интегриран автоматски систем на управување.

       Измените на Законот за регистрирање на готовински плаќања треба да стапат на сила од 1 јануари 2014 година, од кој датум ќе започне да тече обврската за инсталирање на интегрираниот автоматски систем на управување, така што за оние даночни обврзници чиј промет во претходната година надминува 10 милиони денари рокот ќе биде до 31 март 2014 година, додека за сите други  - до 30 јуни 2014 година.  

       Здружението на трговијата во целост ги поддржа целите за кои се донесе овој закон, оценувајќи дека со воведувањето на системот на непосредно следење на готовинскиот промет ќе се создадат услови за потребната фискална дисциплина на даночните обврзници што би било во функција на надминување на присутната нелојална конкуренција на пазарот.

 

      Ова беше истакнато на редовната прес – конференција во Стопанската комора на Македонија, на која  за ставовите на Здружение на трговијата  зборуваше  Никола Начовски, генерален  менаџер на „Тедико супер“ од  Скопје (24.6.2013 година).


      Одредена воздржаност кај трговците е присутна во оценката за очекуваните ефекти во заштитата на македонските производи и стимулирањето на потрошувачите со вградување на фискалното лого со сонце и на споменатите пораки во содржината на фискалната сметка, сметајќи дека позначајни ефекти би се постигнале доколку упатувањето и рекламата за користење на македонските производи би се правеле непосредно на самите продажни пунктови, тезги и гондоли, во која насока трговците би го дале својот максимален придонес.
Со оглед дека одреден период компаниите веќе имаа инсталирано соодветни софтверски решенија за користење на логото и на споменатите пораки на фискалните сметки, чие повторно репарирање би предизвикало големи финансиски трошоци, апелот до носителите на економската политика е да се овозможи истите да може повторно да се користат согласно новите измени на Законот за готовински плаќања, што би било во функција на значајно намалување на трошоците во работењето. Во таа насока, беше нагласена потребата да се бара соодветна помош од софтверските компании за рационализирање на трошоците при изработката на софтверските решенија, така што еден GPRS да може да се користи за повеќе фискални каси во одреден продажен објект.
  
          Ставот на Здружението на трговијата по оваа проблематика е следен:

1. Целосно се даде поддршка на Законот за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, со барање носителите на истиот да дадат соодветна помош во насока на минимизирање на трошоците што произлегуваат од обврската за негова имплементација.  

2. Министерството за финансии да изготви и да достави соодветно известување (информација) за можностите за користење на старите, веќе вградени, софтверски решенија за следење на готовинскиот промет во трговијата, што би било во функција на значајно намалување на трошоците во работењето.

3. Се бара соодветна помош од софтверските компании на тој начин што со вградување на техничките решенија за користење на интегрираниот автоматски систем на управување да се овозможи еден GPRS-систем да може да се користи за повеќе фискални каси во одреден продажен објект.

4. Во функција на квалитетно заокружување на законската регулатива по оваа проблематика, вклучувајќи го и донесувањето на подзаконските акти, членките на Здружението ја нагласуваат својата подготвеност за нивно соодветно вклучување во сите фази од донесувањето.