Здружение на трговијата - ПОДДРЖАНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ НА ГОТОВИНСКИТЕ ПЛАЌАЊА
➤ Актуелно (30.05.2013)
👁 Прочитано: 516



Здружение на трговијата - ПОДДРЖАНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ НА ГОТОВИНСКИТЕ ПЛАЌАЊА

         Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија,  на седницата одржана на 23.5.2013 година, ги поддржа измените на Законот  за регистрирање на готовинските плаќања. На седницата присуствуваа  претставници на Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи. Компаниите од трговската дејност го искажаа својот позитивен став во врска со донесувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на  Законот за регистрирање на готовинските плаќања.

          Според предвидувањата, измените на Законот треба да стапат на сила од 1 јануари 2014 година, од кој датум ќе започне да тече обврската за инсталирање на интегрираниот автоматски систем на управување, така што за оние даночни обврзници чиј промет во претходната година надминува 10 милиони денари рокот ќе биде до 31 март 2014 година, додека за сите други  - до 30 јуни 2014 година.  


          Според предлагачите на законот, основната цел што се тежи да се постигне со овие измени е да се уреди воведувањето и користењето на фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, што директно ќе влијае на подобрување на фискалната дисциплина кај даночните обврзници, односно пропишување на правен основ со кој ќе се овозможи постојана електронска комуникација на деловните објекти, како даночни обврзници, со Управата за јавни приходи и следење на готовинскиот промет во реално време преку интегриран автоматски систем на управување.

           Беше нагласено дека покрај обврската за воведување на интегриран автоматски систем за управување, кој се состои од GPRS терминал (General packet radio service) и крипто модул, кои можат да бидат надворешно поврзани со фискалната апаратура или вградени во неа, со Предлог-законот се пропишува и содржината на фискалната сметка и изгледот на фискалното лого со сонце и пораките „Да купуваме македонски производи“, „За наше добро“ и „Made in Macedonia“, што би биле во функција на стимулирање на потрошувачката на домашни производи и влијание врз зголемувањето на домашното производство  и поттикнување на вработеноста.

           Давајќи генерална поддршка на целите што се сака да се постигнат со овој закон, трговците оценија дека со воведувањето на системот на непосредно следење на готовинскиот промет би се создале услови за потребната фискална дисциплина на даночните обврзници, што би било во функција и на надминување на присутната нелојална конкуренција на пазарот.

            Одредена воздржаност кај трговците беше присутна во оценката за очекуваните ефекти во заштитата на македонските производи и стимулирањето на потрошувачите со вградување на фискалното лого со сонце и на споменатите пораки во содржината на фискалната сметка, истакнувајќи дека позначајни ефекти би се постигнале доколку упатувањето и рекламата за користење на македонските производи би се правеле непосредно на самите продажни пунктови, тезги и гондоли, во која насока трговците би го дале својот максимален придонес.


              Она што беше посебно нагласено од страна на трговските компании е дека одреден период постоеше обврска за користење на логото и на споменатите пораки на фискалните сметки, која потоа беше укината, а со оглед дека за таквата обврска компаниите веќе имаат инсталирано соодветни софтверски решенија, чие повторно репарирање би предизвикало големи финансиски трошоци, апелот до носителите на економската политика е да се овозможи истите да може повторно да се користат согласно новите измени на Законот за готовински плаќања, што би било во функција на значајно намалување на трошоците во работењето. Во таа насока, беше нагласена потребата да се бара соодветна помош од софтверските компании за рационализирање на трошоците при изработката на софтверските решенија, така што еден GPRS да може да се користи за повеќе фискални каси во одреден продажен објект.

              Една од методите за подобра промоција на македонските производи трговците ја гледаат и преку реализирање на посебна промотивна кампања за таа цел, што тие би ја спровеле. Во функција на квалитетно заокружување на законската регулатива по оваа проблематика, вклучувајќи го и донесувањето на подзаконските акти, трговците ја нагласија својата безрезервна подготвеност за нивно соодветно вклучување во  сите фази од донесувањето.
 
 
                                                                                       Митко Митевски