Меѓународна препознатливост и активност на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори (MIFA) - ЧЛЕНКА НА ГОЛЕМОТО СЕМЕЈСТВО НА ЕВРОПСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА - CLECAT

   

➤ АКТУЕЛНО (22.04.2013)
👁 Прочитано: 526


Меѓународна препознатливост и активност на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори (MIFA) - ЧЛЕНКА НА ГОЛЕМОТО СЕМЕЈСТВО НА ЕВРОПСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА - CLECAT

        Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори (MIFA),  која е конституирана на 10 февруари 1993 година, како организациона форма во рамките на Здружението на сообраќајот при Стопанската комора на Македонија, ги обединува шпедитерите и логистистичките оператори кои овозможуваат копнен, авионски, поморски и комбиниран транспорт, како и царинење и логистички услуги во Македонија.

         Во текот на своето 20-годишно постоење, MIFA целосно се посвети на промовирање и заштита на интересите и благосостојбата на сите ангажирани во шпедитерската и логистичката индустрија, како и кон подобрување на соработката со царинските и инспекциските органи, - истакна  Ѓино Шкријељ, претседател на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори при Стопанската комора на Македонија на редовната прес-конференција (22.4.2013 година).


         Соработката со Царинската управа на РМ главно се одвива во рамките на Советодавното тело, а преку ова тело од март 2013 година претставници од MIFA се номинирани како членови на Комисијата која се грижи за функционирање на EXIM-системот (Едношалтерски систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти).   

         Меѓународната препознатливост на MIFA започна со асоцијативно членство во најголемата светска невладина организација од областа на транспортот - FIATA од 1996 година, преку активно учество на сите досега одржани балкански конгреси на шпедитерите.

         По одбележувањето на своето дведецениско постоење, MIFA стана асоцијативна членка на Европската асоцијација за шпедиција, транспорт, логистика и царински услуги - CLECAT, официјално во март 2013 година, со што се проширија нејзините можности за меѓународна препознатливост и активност во наведените дејности (шпедиција, транспорт, логистика и царински услуги).
CLECAT е асоцијација основана во 1958 година во Антверп, Белгија, која ги претставува интересите на повеќе од 19.000 компании кои вработуваат повеќе од 1 милион лица во логистиката, шпедицијата и царинските услуги.

         Мултинационалните, средни и мали шпедитери и царински посредници се членки, со што оваа организација важи за најрепрезентативните од ваков вид во Европа, па оттаму уште поголемо е значењето што Р. Македонија, која се` уште не е членка на Европската унија, ќе биде вклучена во нејзините активности преку MIFA, која заедно со Асоцијацијата на шпедитери и логистички провајдери од Турција се единствените асоцијативни членки кои не се од земји-членки на Унијата, - посочи Стојче Василев, заменик-претседател на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори.


          Шпедитерите и царинските посредници, членови на оваа европска асоцијација царинат околу 95% од сите стоки во Европа и го држат патниот транспорт на стоки со 65%, товарот кој се транспортира по воздушен пат со 95% и 65% од карго превозот со брод. 

          Основната цел на оваа европска асоцијација е да ја зајакне и да ги подобри застапеноста на царинските услуги и транспортно-логистичкиот сектор во Европа, како и да ги штити интересите на своите членки кога регулативите на ЕУ се ревидираат или се предлагаат нови со намера да се обезбеди единствена и едноставна работна средина, во која стоките ќе може да се движат слободно и безбедно, во насока на олеснување на меѓународната трговија.

           CLECAT одржува редовен дијалог и е постојано консултиран од страна на Европската комисија и другите институции во заедницата, како што се Европскиот парламент и Советот за транспортна политика, логистика и царински прашања, а активни се и во бројни меѓународни владини и невладини организации, вклучувајќи ги ОЕЦД, UNECE, Меѓународниот форум за транспорт, СТО и Светската царинска организација. Информациите кои произлегуваат од овие институции, можноста да се следи легислативата на ЕУ, процесот на носење одлуки и лобирање во ЕК во делот на царинската легислатива, даноци и акцизи ќе биде од корист за членките на MIFA, - подвлече Василев.

            Во тој правец, до Групацијата е пристигната информација за новиот модернизиран царински закон на Унијата, кој наместо од јуни ќе има одложена примена од 1 ноември 2013 година, поради усогласување и примена на целосна електронска размена на податоци меѓу бизнис-заедницата, шпедитерите и царинските управи во земјите од Унијата.

             Во рамките на Асоцијацијата функционираат 6 работни тела и тоа за логистика во патниот и железничкиот транспорт, поморска и воздухопловна логистика, транспорт и менаџирање со синџирите за снабдување и последната во која MIFA ќе биде активна е телото за царина и индиректно оданочување.
 
        

                                                                                                Билјана Пеева Ѓуриќ