Деловни дијалози со генералниот директор на СТО, Роберто Азеведо: Нови предизвици и можности во меѓународната трговија
➢ Актуелно (06.08.2020)
👁 Прочитано: 1151


На деловните дијалози освен генералниот директор на СТО присуствуваа и Даниел Фефер, член на УО на Меѓународната стопанска комора во Бразил (ICC Бразил), и претседателот на Бразилската Конфедерација на индустрии (CNI), Робсон Брага де Андраде
Деловни дијалози со генералниот директор на СТО, Роберто Азеведо: Нови предизвици и можности во меѓународната трговија

Новиот дизајн на меѓународната трговија вклучува прилагодување на процесот на глобализација, којшто нема да престане и покрај притисокот за поголем протекционизам што потекнува од пандемијата, а Бразил треба да се подготви и да ја продлабочи својата вклученост со цел да постигне поголем развој. Ова беше една од темите на онлајн настанот „Деловни дијалози: Нови предизвици и можности во меѓународната трговија“, одржан на 04.08.2020 година со присуство на Роберто Азеведо, генерален директор на Светската трговска организација (СТО), Даниел Фефер, член на УО на Меѓународната стопанска комора во Бразил (ICC Бразил) и претседателот на Бразилската Конфедерација на индустрии (CNI), Робсон Брага де Андраде.

„Нема враќање од глобализацијата, но на неа може да и се даде нов лик“, рече Азеведо. Според него, овие прилагодувања мора да поминат низ процес што тој го нарече „за секој случај“, односно, да се биде подготвен за било какви драстични промени, настани надвор од контрола што можат да предизвикаат пореметувања. Концентрацијата на производство ја изложува земјата на широк спектар од потреси, рече Азеведо. Тој додаде дека државите треба да ги зголемат изворите на понуда, а пандемијата со КОВИД-19 ќе предизвика прераспоредување на глобалните вредносни синџири во следните години.

Дискусијата околу потребата за самоодржливост на економиите, којашто се појави со пандемијата, исто така најде место во дебатата и според мислењето на генералниот директор на СТО, ова претставува оправдана причина за загриженост во моментот. Но, на долг рок оваа ситуација не дава одржливост поради високите трошоци и ризици.

Според Даниел Фефер, член на УО на Меѓународната стопанска комора во Бразил, во вакви услови на тргување, соработката меѓу економиите има суштинско значење за пребродување на глобалните кризи. „Меѓународната трговија е клучен фактор што носи поголем економски и општествен просперитет на земјите, поголема конкурентност на нивните економии и повеќе работни места на нивните граѓани“, истакна на онлајн дебатата Фефер.

Претседателот на Бразилската Конфедерација на индустрии, Робсон Брага де Андраде, на дебатата истакна дека со сегашната криза предизвикана од пандемијата, земјите неминовно се насочени кон поголема затвореност и поголема заштита на своите компании и работни места, што изискува поголема внимателност со оваа ситуација. „Ова влијае и врз домашните економии и врз меѓународната трговија“, рече Брага де Андраде.

Во овој контекст, сите присутни на дебатата ја нагласија важноста на малите и средните претпријатија во Бразил како важни агенси на стопанското заздравување и потребата да се добие поголем дел од меѓународната трговија. Сепак, за генералниот директор на СТО, од суштинско значење е компаниите да бидат оспособени за оваа реалност која ни се случува во моментот, посебно, компаниите треба да бидат спремни за електронската трговија и да има помалку бирократија.

Наскоро, Роберто Азеведо го напушта раководството на СТО по седум години како генерален директор и во дебатата подвлече една клучна поента од негов аспект стекната како искуство во досегашното работење. „Треба да сте сосема свесни дека меѓународната соработка нема да функционира ако немате волја да ја разберете разновидноста“, подвлече Азеведо.

Говорејќи на онлајн дебатата организирана од Меѓународната стопанска комора на Бразил и Бразилската Конфедерација на индустрии, Азеведо истакна и тоа дека Светската трговска организација очекува пад на глобалната трговија од 13% оваа година поради потресите од коронавирусот, значително помала цифра од најпесимистичкото сценарио на СТО за пад од стрмоглави 32%.  Потенцира, дека расте загриженоста во СТО околу придвижувањата на земјите кон самоодржливост како одговор на пандемијата.

Инаку, пораката од генералниот директор, Роберто Азеведо, за новините околу трговските изгледи за 2020 година, испратена на 23-ти јуни годинава беше дека, светската трговија доживеа остар пад во првата половина од годината, каде што пандемијата со КОВИД-19 ја нурна глобалната економија. Економските екперти на СТО веруваат дека иако обемот на трговија ќе забележи стрмен пад во 2020 година, малку е веројатно да се достигне најлошото сценарио од смалување за 32% што беше проектирано во април. Според статистиките на СТО, обемот на стокова размена се намали за 3%  во првото тримесечје споредено со минатата година. Првичните проценки за второто тримесечје укажуваат на годишен пад од околу 18,5%. Со оглед на сегашната состојба, трговијата би требало да расте за само 2,5% по тримесечје до крајот на годината за да се исполни оптимистичката проекција за намалување од 13% во 2020 година. Во тогашната порака Азеведо, наведува дека ова се навистина позитивни вести и ако сакаме да постигнеме силен поврат на произведствениот обем и трговијата во 2021 година, фискалните, монетарните и трговските политики ќе мора заеднички да влечат во иста насока.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Стопанската комора на Македонија