Одржана седница на Советот на Народната банка: Се очекува дека мерките коишто НБ ги презеде во првата половина на годината ќе овозможат натамошна соодветна поддршка на македонската економија во справувањето со предизвиците од корона-кризата
➢ Актуелно (31.07.2020)
👁 Прочитано: 1193



Одржана седница на Советот на Народната банка: Се очекува дека мерките коишто НБ ги презеде во првата половина на годината ќе овозможат натамошна соодветна поддршка на македонската економија во справувањето со предизвиците од корона-кризата

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на којашто ги разгледа и ги усвои најновиот Квартален извештај, Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од оваа година и Годишниот извештај за надгледувањето на работењето на платните системи во 2019 година и ја донесе Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица и за лимитите на изложеноста, со којашто се врши натамошно усогласување на домашната регулатива со одредбите од регулативата на Европската Унија и со насоките издадени од Европскиот банкарски орган, стои во соопштението од Народна банка.

Во Кварталниот извештај е нагласено дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски движења. Се очекува дека мерките коишто Народната банка ги презеде во првата половина на годината ќе овозможат натамошна соодветна поддршка на македонската економија во справувањето со предизвиците од корона-кризата.

Во Извештајот е утврдено и дека во текот на вториот квартал од годината е остварен забрзан раст и на кредитната активност и на депозитната база, над очекувањата според априлската проекција. Кварталниот раст на кредитирањето, којшто во поголем дел е резултат на кредитната поддршка за секторот „претпријатија“, се должи и на низата мерки на Народната банка донесени од почетокот на кризата, со коишто се создадоа услови за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, информираат од Народна банка.

Во однос на изворите на ризици, посочено е дека тие и понатаму постојат во глобални рамки и се речиси целосно поврзани со пандемијата на ковид-19. Народната банка и во следниот период ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, заради натамошна соодветна поставеност на монетарната политика.

Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем и во првиот квартал од оваа година и понатаму е профитабилен, но при забележани пониски показатели за повратот на капиталот и активата, во споредба со првото тримесечје од 2019 година.

Советот разгледал и други прашања од својата надлежност. Повеќе информации на следниот линк на Народна банка:https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-31072020.nspx

Служба за информирање при Комората