„ЕВРОПА 92“: Печатарската индустрија е една од најпогодените од почетокот на пандемијата на ковид-19

   

👁 Прочитано: 928


„ЕВРОПА 92“: Печатарската индустрија е една од најпогодените од  почетокот на пандемијата на ковид-19

Анета Димовска и Нена Николовска од Стопанската комора на Македонија остварија работна средба со Влатко Димитровски, директор на печатницата „ЕВРОПА 92“, со цел согледување на состојбите во печатарската индустрија по почетокот на пандемијата на Ковид-19, тековното производство и планираните активности на компанијата.

Печатарството е една од најзасегнатите дејности од корона вирус кризата, што се должи на значителниот пад на производството како последица на откажување или драстично намалување на нарачките во овој период поради прекинот на образовниот процес, но и негативните ефекти на кризата врз останатите деловни субјекти кои во овие услови се насочени кон електронски наместо печатени промотивни/рекламни материјали. Од компанијата информираа дека по значителниот пад на производството во април годинава, состојбите полека се придвижуваат во позитивна насока, меѓутоа се` уште се неизвесни и зависни од глобалното справување со пандемијата, како и начинот на кој ќе продолжи да се одвива образовната дејност. Поради тоа, потребни се долгорочни мерки за поддршка на стопанството и соодветни критериуми за распределба на средствата кои ќе таргетираат што поголем број на компании.

Со повеќе од 20 години искуство, квалитет и традиција зад себе, денес  „ЕВРОПА 92“ е една од најголемите и најуспешните печатници во земјата. Почнувајќи од линијата за печатење на компјутерски формулари во почетокот на деведесеттите години, следејќи ги современите трендови во печатарската индустрија, компанијата денес располага со 6.445 метри квадратни производствено – административен простор, над 120 вработени и високо квалификуван менаџерски тим.