ОБРАЗОВАНИЕ ЗА 21 век - III продолжение

   

👁 Прочитано: 1762


ОБРАЗОВАНИЕ ЗА 21 век - III продолжение

 

Образованието има важна функција и претставува двигател на развојот на општеството. Влијанието на образованието и неговите последици се чувствуваат во економијата, културата, науката, технологијата и на државата во целина. Затоа, секоја држава се стреми кон квалитетно образование, а со тоа и кон квалитетен и реализиран поединец. Поради важноста, државата пред се, мора да има дефинирана стратегија за целите и насоките во кои ќе се движи образованието. Тоа значи унапредување на квалитетот на образовните услуги и создавање вработливи, оспособени и конкурентни кадри. Дефинирањето на стратегијата значи да се опфатат сите фактори кои влијаат на квалитетот на образованието и реализација на главните императиви.

 

            Од вкупните состојби во образованието во претходните објави пишувавме за финансирањето и за инвестирањето во наставниот кадар. Во овој  дел од анализата за образованието фокусот на информирањето го ставаме на реформите кои треба да се направат во градење на наставниот кадар како столб на пренесување на знаењето и креирањето на младите генерации во идни работоспособни и иновативни кадри во општеството. 

 1. РЕФОРМА НА ПРОФЕСИЈАТА НАСТАВНИК

Селекцијата, изборот, обуката и задржувањето на наставниците се уште еден важен фактор за квалитетно образование. Вистинскиот изборот на кандидатите за наставници и мотивацијата за изведување квалитетна настава, со примена на техники за развој на критичко размислување и функционално применливо знаење помеѓу учениците, го гарантираат и квалитетот на учењето и наставата во училиштата. Тоа наведува дека е неизбежна реформа на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник и модернизација на студиските програми според новите барања и техники на учење и подучување на учениците, развивање на критичкото мислење и решавање проблемски ситуации. Неопходно е воведување посебен предмет во студиската програма за ,,начинот на оценување на учениците”, но и обновување на професорскиот кадар кои треба да ги има истите компетенции со оние што треба да ги имаат идните наставници. Истовремено, приоритет треба да биде инвестирањето за да се подобрат просторните и техничките услови за работа и настава, и измената на начинот на финансирање на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник. Пристапот на финансирање, каков што се применува денес, според бројот на запишани студенти, треба да се напушти, поради интересот на државата да образува наставници според квалитет, а не според квантитет. Ваквиот пристап настојува зголемување на квотата за упис и не обезбедува иницијативност за селектирање на идните студентите при уписот.

Иницијалното образование на наставниците започнува преку реализирање на студиските програми за  стекнување знаења, вештини и компетенции за професијата наставник, регулирани со Законот за високото образование, на факултетите каде се стекнува квалификација за професијата наставник.

Приемниот испит би требало да биде услов што треба за го исполни секој кандидат кој сака да се запише на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник, но и пропишување соодветни критериуми за упис во кои, освен општите критериуми, би биле пропишани и специфични критериуми за упис. Критериумите се однесуваат на високиот просек на оцените на завршените ученици, без можност за измена во вториот и третиот уписен рок, доделени награди од предметни подрачја и способност за писмено изразување преку доставување мотивациско писмо за  изучување на професијата наставник.

Досегашната пракса покажа дека освен општите критериуми кои важат за сите факултети, просек од општиот успех и положена државна матура, нема пропишани специфични критериуми за упис. Најзагрижувачки е што во третиот и четвртиот уписен рок  се дозволува упис на студенти со положена училишна матура или завршен испит. Извадок од конкурс:

,,право на упис покрај кандидатите со државна и меѓународна матура, имаат и кандидатите кои положиле училишна матура во гимназиско образование или завршен испит по завршено соодветно стручно средно образование со четиригодишно траење”[1].

Ваквата состојба е во колизија со Законот за високото образование, донесен во мај 2018 година.[2]

Приемниот испит на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник, посебно за одделенски наставник, е во насока на проверка на знаењата за логичко размислување, примена на математички операции, писмено изразување, говорење, изразено преку гласно читање на извадок од литературно-уметнички текст и разговор за прочитаниот текст, како и проверка на музичките и ликовните способности. Изразувањето, разбирливоста, соодветниот ритам на говор,  интонацијата, интензитетот, паузата се вреднуваат преку гласното читање на извадокот од текстот, додека нивото на комуникациска компетентност и примената на граматичките, лексичките и стилистичките норми во изразувањето се вреднуваат преку разговорот за текстот кој е прочитан.

Кога станува збор за приемниот испит, истиот, како услов, е предвиден при уписот на Академијата за наставници[3] за селекција на кандидати кои ќе вршат работата наставник, по завршување на студиите. При тоа, во Законот за Академијата за наставници[4], се дефинирани општите услови за упис на Академијата:

  • „завршени високообразовни студии од прв, односно од втор циклус студии, на наставничките и на други факултети, со стекнати најмалку 240 кредити, и
  • постигнат просечен успех 7.00 за кандидатите кои завршиле студии од областа на природно-математичките, техничките и медицинските науки, и постигнат просечен успех 8.00 за кандидатите кои завршиле студии од областа на општествените и хуманистичките науки.“

Но според овој Закон, селекцијата на кандидати за наставници, како и создавање нова институција за иницијално образование на наставници во која селектираните кандидатите ќе имаат теоретската и практичната обука за стекнување „пошироки знаења од областа на педагошките науки и современите методи на работа“ и нивно оспособување „да ја планираат и реализираат воспитно-образовна работа“[5], после завршување на четиригодишните студии на наставничките факултети, делува малку нелогично. Со ваквиот пристап за селекција на кандидати преку Академијата за наставници по завршување на додипломските студии, се деградира позицијата на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник и се доведуваат во прашање компетенциите на академскиот кадар вработен на факултетот. Според тоа, стекнатите звањата по завршување на студиите, се недоволни за реализација на професијата наставник, додека обуката во траење од неколку месеци ќе претставува единствен услов за добивање звање ,,наставник”.

Уште позагрижувачко е што на Академијата, квотите за упис во програмата за обука, ќе ги одобрува Владата, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за наставници во основните и средните училишта врз основа на проекција за потребите од работни места по општини и јазици на кои се изведува наставата.[6] Изработката на проекција за потребите од работни места по општини и јазици на кои се изведува наставата врз основа на вкупниот број слободни места за наставници во основните и средните училишта потребно е редовно да се прави, но пред да се пропишат квотите за упис на факултетите за иницијално образование на наставниците. Според ова, статусот на оние дипломирани студенти кои нема да бидат примени на Академијата би останал нерешен и ќе се зголеми вишокот на невработени дипломирани студенти од факултетите каде се стекнува квалификација за професијата наставник, кои, од било која причина, не успеале да се запишат на Академијата.

            Ова укажува дека имаме непотребно дуплирање на институции за селекција и обука на наставници. Имено, селекцијата на кандидатите треба да се направи уште при уписот на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник, додека продлабоченото оспособување на кандидатите би требало да се направи со измени во студиските програми за иницијално образование на наставниците. На тој начин не би се создавал вишок на невработени дипломирани студенти од наставничките факултети. Академијата на наставници треба да биде насочена кон обезбедување на обуки за стручно усовршување на наставниците.

Практичната обука, која би можела да трае три до пет месеци, последната година од факултетот, треба да биде услов за одбрана на дипломскиот труд. Во таа насока, практичната обука би требало да се реализира во училиште и студентот да учествува како асистент на наставникот. Изборот на менторот кој ќе го следи студентот треба да се прави според соодветни критериуми, а училиштата кои примаат студенти на пракса да бидат финансиски поддржани.

            Ова укажува на фактот за да имаме компетентни наставници мора да имаме и факултети на кои се стекнува квалификација за професијата наставник со високи критериуми за работа. Затоа е неопходно да се направи реформа и модернизација на факултетите, обнова на академскиот кадар и измена на начинот на финансирање. Приемниот испит, дефинираните критериуми, практичната обука и одбраната на дипломскиот труд да се основните услови за стекнување квалификација за професијата наставник. Студиските програми треба да предвидуваат четиригодишни студии и вкупен број на кредити не помалку од 240, без исклучок.

Преку студиските програми на факултетите, дипломираните наставници, ги стекнуваат основните компетенции и ги исполнуваат минималните стандарди за професијата наставник. За унапредување на компетенциите на наставниците неопходни се континуирани обуки. Со Законот за основно образование[7] и Законот за средно образование[8] е предвидено задолжително континуирано усовршување на наставниците како поттик да се постигне повисок степен на наставни компетенции во текот на кариерата, додека во Законот за Бирото за развој на образованието[9] предвидени се обуките на наставниците. Постои Каталог за обуки[10], истиот не е обновен, затоа обуките кои се нудат се застарени и не ги следат новите реформи во образованието. Праксата покажува дека нема изградено систем на континуирана доедукација на наставниот кадар. Наставниците по стручни предмети, немаат можност да стекнуваат формални компетенции за изведување настава, освен преку дополнителните предмети (вкупно пет) за методско-педагошка квалификација, што доведува до импровизацијата на наставата и примената на несоодветни методи при изведување на наставата.

            Овие сознанија укажуваат дека доколку државата сака стручен и оспособен наставен кадар кои лесно ќе ги прифаќа и ќе се прилагодува на новите предизвици мора да воспостави систем на доедукација и стручно оспособување на наставниците, кој би се засновал врз стабилни извори на финансирање, чии средства би се користеле исклучиво за таа намена.

Стручниот испит, исто така, е еден од факторите за обезбедување квалитет во образованието. Тој се реализира после една година од вработувањето на наставникот, но од праксата се добива впечаток дека стручниот испит претежно има формален карактер. За да се обезбеди квалитет, треба да се делува во насока на зајакнување на критериумите за реализација на стручниот испит, и истиот, да добие третман на државен испит, по примерот на испитот за лекари, со можност за добивање лиценца.

Во повеќе земји во ОЕЦД, од потенцијалните наставници, се бара дополнително да полагаат испит за добивање лиценца. Преку испитот можат да се препознаат знаењата, вештините и компетенциите кои се важни за наставата, а со лиценцирањето се зајакнува конкурентноста кај наставничкиот кадар. Лиценцирањето на наставниците е предвидено и во нашата земја со Законот за наставници во основните и средните училишта[11]  каде стои дека наставата во основните и средните училишта ја изведуваат лиценцирани наставници и во Законот за Академија на наставници[12], во кој се регулира лиценцирањето. Во Законот за наставници во основните и средните училишта[13], е предвидено, наставникот да има лиценца за наставник која ќе биде издадена од Академијата за наставници и да се запише во Регистарот на наставници со лиценца. Но, до денес, законите, сеуште не се применети во пракса и не е формирана Академијата за наставници.

            Сепак, лиценцирањето како процес треба да го вршат  здруженија на наставници, и тоа веднаш по завршување на студиската програма за иницијално образование на наставниците, каков што е примерот со лекарската комора или комората на психолози и ќе водат грижа за статусот на наставниците и наставничката професија.

Селекцијата и изборот на наставниците треба да се заснова на критериуми за селекција на потребните компетенции[14] што мора да ги поседува еден наставник, не на неговата политичка припадност. Кодексот на однесување и кодексот на облекување на наставниците треба да се дел училишната култура .

 

                                                                                                ПРОДОЛЖУВА...    

 

 

[1] Дополнителен конкурс за запишување студенти во прва година на прв циклус на студии на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола на академската 2018/2019 година за четврт уписен рок tfb.uklo.edu.mk/filemanager/Dopolnitelen%20konkurs%20cetvrt%20upisen%20rok%202018-2019.pdf  (пристапено на 02 април 2019 година)

[2] Закон за високото образование, член 134, став 2

[3] Закон за Академија на наставници, член 38

[4] Закон за Академија на наставници, член 41

[5] Закон за Академија на наставници, член 47

[6] Закон за Академија на наставници, член 37

[7] Закон за основното образование, член 130, став11

[8] Закон за средното образование, член 68

[9] Закон за Бирото за развој на образованието, член 8

[10] Закон за Бирото за развој на образованието, член 13,став 9

[11] Законот за наставниците во основните и средните училишта, член 4

[12] Законот за Академијата за наставници, член 53

[13] Законот за наставниците во основните и средните училишта, член 2

[14] Правилник за основните професионални компетенции на наставниците во основните и средните училишта , по подрачја https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2019/01/Pravilnik-za-osnovnite-profesionalni-kompetencii-na-nastavnicite.pdf (пристапено на 17 април 2019 година)