Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
10.10.2019 👁 Прочитано: 660

РЕФОРМИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И ВРЕДНУВАЊЕТО НА РАБОТАТА НА НАСТАВНИЦИТЕ (II продолжение)


Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Фокусот на Стопанската комора на Македонија во наредните 10 години посебно ќе биде ставен на образованието со цел обезбедување стручни кадри кои ќе поседуваат стручни вештини и компетенции и ќе бидат приспособливи на потребите на пазарот на труд. Но, за да се постигне квалитет во образованието и во наставниот процес, мора да има мотивирани и задоволни наставници. Иако живееме во време кое изобилува со многубројни податоци и информации и различни начини и средства на стекнување на знаења, вештини и компетенции, улогата на наставникот останува иста: воспитување и образување на младите единки кои ќе израснат во здрави, образовани и компетентни индивидуи, способни да го понесат товарот на животот. Наставникот има клучна улога во животот на учениците и со своето работење се приспособува на специфичните потреби на учениците, нивните можности, интереси, желби и способности. Неговата посветеност, залагање, адаптирање, влијание се насочени кон мотивирање на учениците во процесот на усвојување на знаењата, зголемување на разбирањето, стекнување на вештините и развојот на компетенциите. Наставникот е креатор на уникатни единки, специфични сами по себе на лично и професионално ниво, со специфични вештини и компетенции.

Но колку реално се вреднува работата на наставникот?

Во претходниот текст компаративно ја анализиравме висината на платата на наставникот во нашата земја со висината на платите во Финска и Словенија, како земји кои имаат квалитетно образование и кон кои треба да се стремиме да се доближиме по однос на квалитетот на образованието, но и по однос на вреднување на работата на наставниците. Само за потсетување, наставниците во нашата земја, споредено со Словенија земаат 2.008 САД долари помалку во основно образование и 2.086 САД долари помалку во средно образование, додека споредено со Финска, наставниците во основно образование земаат 2.502 САД долари помалку и 2.743 САД долари помалку во средно образование.

Секако, слична компаративна анализа на просечната исплатена нето-плата на наставниците во нашата земја може да се направи со растот на просечната исплатена нето-плата во неколку барани сектори, како што се градежништвото, информации и комуникации, финансиските дејности и дејностите на осигурување. Имено, во секторот градежништво, според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната просечно исплатена нето-плата во последната 2018 година, изнесува 22.034 денари. Повисока, вкупна просечно исплатена нето-плата, се бележи во секторите информации и комуникации, каде истата изнесува 44.094 денари и финансиски дејности и дејности на осигурување каде изнесува 41.408 денари. Споредено со вкупната просечна исплатена нето-плата во образованието од 23.448 денари, со истата во овие сектори, се доаѓа до фактот дека образованието, заостанува само секторот градежништво, додека во останатите два сектора разликата во висината е очигледна и изнесува околу 19.000 денари повеќе отколку во образованието.

Истата анализа на просечна исплатена месечна нето-плата во четирите сектори може да се продлабочи и по години, во период од 2010 до 2018 година. Во таа насока најмала просечна исплатена нето-плата бележи секторот градежништвото, ако се земе предвид образовната структура на вработените, но од друга страна во овој сектор константно се вложувало во просечната исплатена нето-плата, а од 2015 година кога истата изнесувала 15.607 денари во 2018 година достигнала 22.034 денари. За разлика од секторот градежништво, секторот образование, каде што во периодот од 2010 до 2018 година, просечна исплатена нето-плата се движи од 21.177 денари во 2010 до 23.488 денари во 2018 година, бележи најмал раст во однос на другите сектори, и до ден денес, се ` уште е под вкупната просечна исплатена нето-плата во државата. Константен зголемен раст на просечна исплатена месечна нето-плата бележи секторот информации и комуникации.

Табела бр. 1 - Вкупно просечна исплатена нето-плата, во денари, по сектори и години

Наташа Јаневска 

Ако се направи споредба на растот на вкупната просечно исплатена месечна нето-плата во државата, секоја година со претходната година во сите четири сектори , во периодот од 2010 година до 2018 година, вкупната просечно исплатена месечна нето-плата, е во постојан благ пораст и најголем раст од 5,89% бележи во 2018 година во однос на 2017 година. За разлика од вкупната просечно исплатена месечна нето-плата, која е во постојан благ пораст, вкупната исплатена месечна нето-плата во образованието највисок раст од 6,53% имала во 2010 година во однос на 2009 година и повторно во 2018 година во однос на 2017 година од 5,11% што е помал процент од растот во 2010 година.

Табела бр. 2 - Раст на просечно исплатената нето-плата, споредувајќи ја секоја година со претходната година, од 2010 до 2018 година, изразено во проценти

Наташа Јаневска 

Податоците, кои не смееме да ги игнорираме, покажуваат дека вложувањата во просечната исплатена месечна нето-плата во образованието се многу скромни со оглед на тежината и одговорноста на наставниците во развојот на иднината на детето и во улогата на развојот на економијата и општеството во целина. Затоа улогата на Стопанската комора на Македонија како бизнис асоцијација, чиј приоритет е квалитетно образование кое ќе испорачува стручни кадри, го наметнува барањето за зголемување на издвојувањата од БДП за образование од сегашните 3,7% на 5%, во кои ќе влегува и зголемувањето на платата на наставниците.

(продолжува)