ПРЕДЛОГ - ЗАКОН ЗА ПРОШИРЕНА ОДГОВОРНОСТ НА ПРОИЗВОДИТЕЛОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПОСЕБНИТЕ ТЕКОВИ НА ОТПАД



Согласно образложението на Предлог-законот на Министерството за животна средина и просторно планирање, проширената одговорност на производителите во државата е за прв пат воспоставена во 2010 година со Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој воведе обврска производителите кои со производите што ги пласираат на пазарот создаваат отпад од пакување, да организираат посебен систем за одделно собирање на пакувањето, потоа негова преработка и рециклирање. Со донесувањето на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема и Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, проширената одговорност на производителите се воведе и за овие текови на отпад.

Проширената одговорност на производителите се воспостави заради потребата од усогласување на домашното законодавство со она на ЕУ, како и заради обезбедување на правни инструменти за решавање на состојбата со управувањето со отпад, особено со посебните текови на отпад. Рамковната директива за отпад на ЕУ ја дава севкупната рамка за управување со отпад и ги дава основните правила на системот на проширената одговорност на производителите. Додека четири други директиви ги утврдуваат целите за собирање и рециклирање за посебните текови отпад, односно пакување, батерии и акумулатори, отпадна електрична и електронска опрема (ОЕЕО) и возила на крајот на животниот циклус (искористени возила).

Од речиси 10 годишното спроведување на проширената одговорност се наметна потребата од донесување на Законот за проширена одговорност на производителите во управувањето со посебните текови на отпад (ЗПОПУПТО) кој утврдува една кохерентна и унифицирана рамка за проширената одговорност на производителите и ги уредува заедничките прашања кои се исти за сите субјекти кои управуваат со посебни текови на отпад. Специфичните правила за секој тек на отпад ќе бидат уредени во посебните закони. Овој закон дава можност, без да се менуваат правните основи и воспостевените принципи, да се воведуваат нови текови на отпад во прoширената одговорност, како што се отпадни гуми, отпадни масла, текстил и слично. На овој начин се создаваат услови за понатамошно развивање на проширената одговорност на производителите следејќи ги развојот на технологијата и состојбата на пазарот.

Поради претходно наведеното, овој закон треба да се гледа заедно со законите кои го уредуваат управувањето со посебните текови на отпад и сите тие преставуваат дел од единствен организиран систем на проширена одговорност на производителите во Република Северна Македонија.

Во главата I Општи одредби во членот 1 се утврдува предметот на уредување на овој закон каде е наведено дека законот ги утврдува видот на одговорноста и начинот на нејзиното оствраување од страна на производителите кои пуштаат производи на пазарот во Република Северна Македонија по чија употреба се создава отпад кој припаѓа на еден од посебните текови на отпад.

Примената на законот е уредена во членот 2 и го опфаќа сите правни лица кои со својата дејност или активност вршат пласирање на одделни производи на пазарот со чија употреба се создава отпад што припаѓа на посебните текови на отпад. Воедно законот се применува и на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје заради нивно учсево во оставарувањето на националните цели на Република Северна Македонија за собирање, повторна употреба, преработка и рециклирање на посебен тек на отпад (во понатамошниот текст: национални цели), како и на правните и физички лица кои се дел од системот на колективен односно самостоен постапувач.

Целите на законот се утврдени во членот 3 кои во основа се насочени кон обезбедување на еднакви услови за работа на производителите заради остварување на националните цели. Истите даваат основа за толкување и подобро разбирање на останатите одредби од овој закон.

Имајќи во предвид дека проширената одговорност е дел од системот за управување со отпад, согласно член 4, во спроведувањето на овој закон соодветно примена ќе имаат и законите кои го уредуваат управувањето со отпадот и за посебните текови на отпад, како и Законот за животна средина и Законот за општа управна постапка.

Дефинициите кои се значајни за примена на овој закон се уредени во членот 5, при што соодветно ќе се применуваат и дефинициите што се уредени со Законот за управување со отпад и законите што го уредуваат постапувањето со посебните текови на отпад.

Начелата се утврдени во членот 6 кои придонесуваат кон подобро разбирање на одредбите од овој закон. Имајќи го предвид искуството од претходните години, се забележа дека дел од производителите не ја остваруваат својата проширена одговорност, односно не се дел од колективен или самостоен постапувач, и поради тоа немаат дополнителни трошоци за постапување со отпад. Сепак истите производители, поради неостварување на оваа своја обврска, имаат можност да ги нудат своите производи и услуги со пониска цена во однос на други производители кои се дел од колективен или самостен постапувач. Поради ова е особено битно воведувањето на новото начело за нелојална зелена конкуренција, кое бара органите при спроведувањето на јавните набавки да внимаваат дали понудувачот-производител ги има исполнето обврските за проширена одговорност и дека нема пониска цена само заради тоа што нема трошоци поврзани со исполнувањето на проширената одговорност. Со ова се очекува да се спречи нелојалната односно т.н. зелена конкуренција. Дополнително е значајно и Начелото на крајна одговорност на производителот со која утврдува дека производителот е финансиски одговорен за својата проширена одговорност и истата не се исклучува и тогаш кога има склучено договор со колективен односно самостоен постапувач. Со ова се зголемува одговорноста на производителот да се грижи и води сметка како колективниот односно самостојниот постапувач во негово име ја исполнува проширената одговорност. На овој начин ќе се спречи досегашната пракса каде одделни колективни постапувачи не секогаш ги исполнуваа своите обврски во целост.

Во главата II Општи обврски на производителите се дадени основните обврски кои се идентични за сите производители.

Членот 7 ја утврдува должноста на производителите да се грижат за отпадот што се создава од производите што се пуштаат на пазар, почнувајќи од дизајнирањето на производот до неговата употреба, додека членот 8 утврдува обврската за производителите да вложуваат во стекнување на нови научни достигнувања кои имаат крајна цел намалување на отпадот што се создава од производите.

Членот 9 утврдува дека производителот, на свој трошок, е должен, самосојтно или здружено со други производители, да воспостави и организира систем кој ќе обезбеди одделно собирање на отпадните производи и на отпадот што се создава од употребените производи.

Во членот 10 се утврдува обврската производителите да соработуваат со трговците кај кои ги пласираат своите производи заради обезбедување на мерки за постигнување на националните цели. Членот 11 ја утврдува обврската за производителите, самостојно или преку колективните постапувачи да соработуваат со општините и градот Скопје и регионалните системи за управување со отпад заради постигнување на националните цели.

Во остварувањето на одговорноста на производителите значајна улога има подигнувањето на јавната свест што како обврска е уврдена во членот 12 што преставува клучна алка во управувањето со посебните текови на отпад.

Во членот 13 е дадена генрално обврската на производителие да ги постигнат националните цели кои се утврдени одделно за секој тек на отпад во посебните закони за тековите на отпад. Секој производител е должен да учествува во постигнувањето на националните цели согласно својот удел во вкупната количина на производите што се пуштени на пазарот во Република Северна Македонија кои припаѓаат на ист вид или категоријата на производи. Вкупната количина на прозводи што се пуштени на пазарот ја одредува Управата за животна средина согласно методологија за пресметување што ја пропишува министерот за животна средина и просторно планирање (во понатамошниот текст: министерот).

Во членот 14 е утврдена обврска за задолжителна регистрација на проиводителот во Ргистарот на производители со проширена одговорснот што го води Управата за животна средина. Регистрацијата се врши електронски преку веб портал. Ова обврска важи и за производителите кои се регистрирани во станство но вршат пласирање на производи на домашниот пазар, за што треба да имаат свој овластен застапник како што е уредено во член 15.

Имајќи предвид дека Република Северна Македонија има обврска за постигнување на националните цели водењето на точни и валидизирани податоци е особено важно, особено кога истата ќе стане членка на ЕУ. Заради оваа причина во членот 16 се дава можност за формирање на посебно тело со цел водење, валидизирање и израмнување на податоците за управување со посебните текови на отпад, што ќе се формира со посебен закон. Ова тело ќе обезбеди поголема транспаретност и контрола на доставените податоци од колективните и самостојните постапувачи за степенот на постигнување на националните цели.

Посебните обврски на производителите се регулирани во глава III од законот.

Членот 17 ги утврдува начелно посебните обврски на производителите кои поддетално ќе бидат уредени во посебние закони за тек на отпад за кои производителот е должен да ги покрие трошоците без при тоа да ги прикаже одделно при продажбата на производот. Дополнително, со ставот (3) се прецизира дека производителот има должност да се грижи за работата на колективниот односно самостојниот постапувач, како и да бара податоци за да се осигура дека колективниот односно самостојниот постапувач ги остварува обврските што се утврдени со овој закон, прописите за управување со отпад и прописите за посебните текови на отпад. Со овој став се укажува дека производителот е оној кој е одговорен за проширената одговорност и тогаш кога има склучено договор со колективен односно самостоен постапувач за спроведување на проширената одговорност.

Членот 18 утврдува дека производителот има обврска проширната одговорност да ја оствари преку избор на една од трите можности:

- плаќање надоместок за управување со посебен тек на отпад на начин и во висина како што е утврден во прописите за посебните текови на отпад;

- воспоставување на самостоен систем за управување со посебен тек на отпад, кога таа можност е утврдена во прописот за постапување со тој посебен тек на отпад и

- вклучување во систем на колективен постапувач за управување со посебен тек на отпад.

Дополнително, заради подобро следење и контрола на исполнувањето на обврската за проширена одговорност (во понатамошниот текст: ПО) се воспоставува должност при поднесувањето на завршната сметка во Управата за јавни приходи секој производител да достави Изјава за исполнување на проширената одговорност.

Со цел да се осигура исполнувањето на ПО, во членот 19 е дадена посебна обврска за производителот за обезбедување на финансиска гаранција.

Во главата IV се уредуваат условите за основање на самостоен односно колективен постапувач.

Членот 20 ја дава можноста производителот ПО да ја оствари самостојно или со склучување на договор со колективен постапувач кој во име и за сметка на производителот, кој е негов член или основач, ги спроведува обврските на ПО. Согласно член 20 производителот ПО може да ја оствари исклучиво само со еден колективен постапувач кој е потребно да обезбеди Дозвола за управување со посебен тек на отпад за колективен постапувач. Производителот е должен на колективниот постапувач да му плаќа соодветен надоместок за извршената услуга за спроведување на ПО. Кога производителот реши да ја оствари ПО самостојно, во тој случај со соствени срества треба да основа правно лице кое ќе обезбеди Дозвола за управување со посебен тек на отпад за самостоен постапувач.

Во членот 22 се утврдени условите за добивање на дозвола за управување со посебен тек на отпад за колективниот и самостојниот постапувач. Во членот 23 е утврдена содржината на дозволата, како и дека истата ја издава Службата за животна средина во МЖСПП за период од седум години за секој тек на отпад посебно. Воедно, е утврдено дека дозволата автоматски се обновува за наредните седум години доколку на колективниот односно самостојниот постапувач се одобрени најмалку пет годишни извештаи за работа за претходните седум години на важење на дозволата. За обновување на дозволата колективниот односно самостојниот постапувач се должни најмалку шест месеци пред истекот на важноста да достават соодветни податоци до Службата за животна средина.

Членот 24 ги уредува основните права и обврски на колективниот постапувач, кое, помеѓу другото, може да биде основано од најмалку двајца производители и е непрофитно правно лице. Колективниот постапувач мора да има склучено договор со секој производител за кој ја остварува ПО.

Со членот 25 се уредува осигурувањето кој секој колективен постапувач (во понатамошниот текст: КП) треба да го обезбеди како заштита на трети лица од настанување на штета од работата на КП. Воедно, членот утврдува дека производителите кои се дел од КП односно договорните производители се одговорни да ја следат работата на КП и не се исклучени од одговорност доколку КП не успее да ги исполни сите обврски.

Членот 26 ги утврдува основните права и обврските на самостојниот постапувач (во понатамошниот текст: СП) кое претставува посебно непрофитно правно лице основано само од еден производите и може да управува само со еден тек на отпад. СП не смее да врши услуга на остварување на ПО за било кој друг производител освен за својот основач. Во членот 27 се уредува осигурвањето кој секој СП треба да го обезбеди како заштита на трети лица од настанување на штета од работата на СП. Воедно, членот утврдува дека производителот кој е основач на СП е одговорен да ја следи работата на СП и не е исклучен од одговорност доколку СП не успее да ги исполни сите обврски.

Со членот 28 се утврдува обврска за КП и СП да обезбедат финансиска гаранција за да го гарантира исполнувањето на својот удел во постигнувањето на националните цели, која се издава во корист на МЖСПП. Финансиската гаранција се активира доколку КП и СП најмалку од 5 % или повеќе не ги исполни националните цели утврдени во прописите за посебните текови на отпад осносно се наплатува во троен износ ако националните цели не се исполнат за 30 % или повеќе.

Во главата V се уредува наичнот на исполнување на обврските на КП и СП во управувањето со посебните текови на отпад.

Во членот 29 се утврдува дека КП и СП се должни преземањето и транспортирањето на собраните отпадни производи и текови на отпад да го доверат само на правни и физички лица кои поседуваат дозволи за собирање и транспорт на отпад согласно Законот за оптад и кои можат да ги предадат само кај правно лице кои врши складирање на отпад кое има дозвола за складирање и за тоа да имаат склучено договор со КП и СП. Истото се однесува и во склучај кога отпадот се предава за преработка и рециклирање, при што може да се достави само на правно лице со кое КП и СП имаат склучено договор. Со цел да се избегне иста количина на отпад да биде евидентирана само кај еден КП или СП, правното лице што врши складирање е должно да води евиденција согласно законите за посебните текови на отпад и Законот за управување со отпад, но и да достави извештај до КП и СП за тоа која количина ја има евидентирано за секој КП или СП одделно.

Во членот 30 се пропишува обврска за КП и СП да изработи Програма за проширена одговорност во која е презентиран начинот на исполнување на обврските и постигнувањето на националните цели. За Програмата се утвдува минималната содрижина и истата се донесува за истиот период за кој важи и дозволата за управување со тек на отпад на КП и СП.

Во членот 31 се разработуваат обврските на КП и СП за постигнвуање на националните цели за определена година, која не смее да ги пренесе на трети лица. Заради следење на колчината на пуштени производи на пазар, КП на секои три месеци доставува извештај до Управата за животна средина за производите пуштени на пазар од договорните производители. Дополнително, за својата работа КП и СП до 31 март во тековната година доставува Годишен извештај за претходната година до Управата за животна средина (во понатамошниот текст: УЖС), врз основа на кој се оценува дали КП и СП ги имаат исполнето националните цели. Во случај ако не се исполнети националните цели до 5 %, КП и СМ се должни да платаат соодветен надоместок кој, согласно член 32 се уплаќа на посебна сметка во рамките на трезорската сметка и се користат за спроведување на Програма за управување со посебните текови на отпад.

Со членот 33 се утврдува дека уделот на КП и СП во вкупното количество на пуштени производи на пазар се пресметува како процент од вкупното количество на вид на отпад кој припаѓа на споебен тек на отпад што се создава од производите, додека уделот во исполнувањето на националните цели се пресметува како процент од остварените количини на собран, повторно употребен, преработен и рециклиран посебен тек на отпад од страна на КП и СП во однос на вкупно остварените количини на собран, повторно употребен, преработен и рециклиран ист посебен тек на отпад.

Членот 34 ја уредува обврската на СП за доставување на квартални извештаи за пуштените производи на пазар од производителот до УЖС.

Со членот 35 се дава можност колективните постапувачи со МЖСПП и/или Владата, како и заедно со здруженијата кои ги застапуваат интересите на економските оператори кои постапуваат со отпад, да се договорат за преземање на заеднички мерки кои ќе водат до исполнување на националните цели со склучување на доброволни договори.

Со членот 36 се разработува содржината и потребните податоци на Годишниот извештај кој КП и СП се должни да го достават до УЖС, која го одобрува во рок од 60 дена од денот на доставување, додека во членот 37 се утврдува обврската податоците во Годишниот извештај да биде предмет на материјална и финансиска ревизија.

Во главата VI се утврдуваат правилата за управување со посебните текови на отпад

Во членот 38 се уредува обврската за плаќање на надоместок на КП од страна на договорните производители, како и определувањето на неговата висина. Имено, со цел да се обезбедат доволно средства за исполнување на обврските од ПО, надоместокот не може да биде помал од 30 % од висината на надоместокот утврдена во законите за посебните текови на отпад, при што во предоните одредби се овозможува постепено постигнување на висината од 30 %. Дополнително со цел да се осигура навремено плаќање на надоместокот од страна на производителите, и со тоа да се намалат можностите за неолјална конкуренција, во членот се утврдуваат строги правила и рокови кога истиот се плаќа, како и се утврдува обврска за извстување до УЖС доколку надоместокот не биде платен во определениот рок од страна на производителот.

Во членот 39 пак се утврдува обврска КП висината на надоместокот да ја објавува јавно, како и се бара истиот да биде еднаков за сите договорни производители на КП, освен по исклучок може да се даде попуст на основачите и на договорни производители кои имаат удел поголем од 20 % во количината на тек на отпад со која постапува колективниот постапувач. Во ставот 5 се пропишуваат трошоците кои задолжително треба да бидат обезбедени од надоместокот на КП, при што се спречува КП, со цел да привлекуваат повеќе производители, да утврдуваат надоместок кој е низок и не овозможува реално исполнување на обврските на ПО.

Со членот 40 се пропишува дека КП треба да управува со посебен тек на отпад на производители кои заедно пуштаат на пазарот не повеќе од 50 % од вкупната количина производи пуштени на пазарот во Република Северна Македонија, сметано во однос на вкупната количина на производи пуштени на пазарот од претходната година.

Имајќи во предвид дека во изминатиот период е забележано од КП да финансираат активности кои директно не придонесуваат кон подигнување на јавната свест за управување со посебните текови на огпад, со членот 42 се утврдува ограничување во изонс од 7% за КП односно 5 % за СП кои можат да бидат потрошени за оваа намена. Со ставот 6 од овој член министерот ќе ги пропише видот на активностите за информирање на јавноста и подигање на јавната свест за управување со посебните текови на отпад кои можат да бидат спроведени од КП и СП и кои можат да бидат прикажани како трошоци.

Во членот 42 се утврдува одговорност и обврска за градоначалниците на општините, општините во градот Скопј и градот Скопје (во понатамошниот текст: градоначалници) да преземат мерки за исполнување на националните цели. Воедно, КП и СП се должни да преземат мерки за поддршка на единиците за локална самоуправа за воспоставување на собирни центри и друга инфраструктура за одделно собирање на посебни текови на отпад каде што крајните корисници можат бесплатно да ги остават отпадните производи и посебните видови на отпад. Градоначалникот е дожен да склучи договор со секој КП и СП обезбедувајќи за секој постапувач еднакви услови, како и да бара нивна заедничка соработка во воспостаувањето на инфраструктурата. Воедно КП и СП се должни, имајќи ја во предвид големината и структурата на населението на општината односно општината во градот Скопе и градот Скопје, да обезбедат сразмерно еднакви услови за општините. Дополнително, градоначалниците се должни најдоцна до 31 март во тековната година да достават до стручниот орган извештај за тоа колку се постигнати целите утврдени во договорите што ги склучиле со КП и СП.

Членот 42 ја утврдува обврската за водење на електронски систем на база на податоци на КП и СП кој треба да е функционален, безбеден и заштитен, чии податоци се чуваат најмалку седум години.

Со членот 44 се уредува воспоставувањето и водењето на Регистар на КП и СП за кој е задолежена УЖС.

Условите за одземањето на Дозволата за тек на отпад за КП и СП се уредени во членот 45, при што КП и СП се должни да ги известат производителите за секоја ситуација која настанала а доведува до престанок на работа на КП и СП.

Членот 46 ја уредува базата на податоци и информативниот систем за остварување на приширената одговорност на производителите што се води од страна на МЖСПП кој е составен дел на Информативниот систем за отпад.

Со членот 47 се уредува донесувањето на Годишна програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад што ја изработува УЖС и врз основа на која на годишно ниво, преку јавен конкурс, се доделуваат средствата собрани од надоместокот кој се плаќа согласно законите за посебните текови на отпад. Ставот 5 дава можност срествата од програмата да се доделат и со одлука на Владата за посебни намени.

Во членот 48 се уредува донесувањето и содржината на Програма за управување со посебните текови на отпад, за период од пет години, која е составен дел на Националниот план за управување со отпад.

Членот 49 ги пропишува намените за кои средствата од Годишната програма за финансирање можат да бидат доделени со јавниот конкурс, како и начинот на неговото објавување и спровеудвање. Јавниот конкурс се спроведува од комисија која ја формира министерот, која врз основа на утврдени критериму одлучува за доделувањето на средствата, чија одлука, по донесување од страна на министерот, се објавува во Службен весник на РСМ.

Главата VII го уредува надзорот

Членот 50 ги пропишува органите кои можат да вршат надзор над спроведувањето на овој закон и тоа: МЖСПП, Државниот инспекторат за животна средина, УЖС и Управата за јавни приходи преку даночнит инспектори.

Членот 51 го уредува делокругот на надзор на државниот инспектор за животна средина, додека членот 52 ги утврдува решенијата што тој може да ги донесе. Во членот 53 се уредува делокругот на надлежност на даночниот инспектор, а во членот 54 се утврдуваат решенијата што тој може да ги донесе. Со членот 55 се утврдува делокругот на надзор на службените лица во УЖС.

Заради меѓусебната поврзаност со други прописи, со членот 56 се уредува дека во инспекцискиот надзор можат да се применуваат и одредбите од Законот за инспекцискиот надзор, Законот за управување со отпадот, Законот за животната средина и прописите за посебните текови на отпад и Законот за даночна постапка.

Со членот 57 се уредуваат одговорностите на службените лица во УЖС за спроведувањето на овој закон, како и мерките и постапките кои можат да ги применат.

Постапката за едкуација во вршењето на инспекцискиот надзор е пропишана со член 58.

Надзорот над законитоста на работите на органите на оштините, општините во градот Скопје и градот Скопје е пропишана во членот 59, при што надзорот го врши МЖСПП во однос на тоа дали градиначалниците ги исполниле своите обврски прошишани со овој закон, особно за склучување на договори со КП и СП и доставување на извештаи до УЖС за исполнувањето на целите утврдени во истите. Со членот 60 се дава можност да се одземат надлежностите на единиците на локална самоуправа ако не ги исполнат своите обврски утврдени со овој закон.

Главата VIII го уредува прекршочните санкции.

Со членовите 61, 62 и 63 се пропишани три категории на санции кои се разлкуваат по тежината на прекршокот што го уредуваат и по висината на предвидената казна. Во членто 64 се предвидуваат казни за службените лица кои треба да постапуваат согласно овој закон која е пропишана во износ од 500 евра во денарска противвредност, додека за градоначалниците е предвидена казна од 1.500 евра во денарска противвредност.

Членот 65 овозомжува да се води постапка за порамнување за прекршоците утврдени во членот 62 и 63 од овој закон, а члено 66 уредува дека прекшочната постачка ќе се води од прекршочна комисија формирана согласно Законот за животна срдина.

Преодните и завршинте одредби од глава IX ги уредуваат начинот и роковите во кои производителите, КП и СП треба да се усогласат со одредбите на овој закон.

Согласно член 71 овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува на 31 јуни 2020 година.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје