ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ФЕЉТОН – Регионално обединување
15.04.2019 👁 Прочитано: 3792

КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ – последна шанса за балканската шесторка
- општа слика за економските состојби меѓу 6-те земји - членки на КИФ



Цели триесет години, бизнис секторот во земјите од регионот е иницијатор и активно вклучен во креирањето политики, деловен амбиент и услови за подигнување на степенот на меѓусебната економска соработка, но и во обезбедувањето поголем економски раст на секоја од земјите поединечно со крајна цел нивно интегрирање во меѓународните асоцијации НАТО и Европската унија.

Какви се показателите за движењето кон таа цел?

Сите земји од Западен Балкан, според методот на Светската банка, во 2017 година, беа класифицирани како земји со повисок среден приход. Оваа категорија ги опфаќа земјите со бруто национален приход (БНП) по жител помеѓу 3.956 САД долари и 12.235 САД долари. Но, повеќето земји од Западен Балкан се скоро на дното на оваа група на приходи, односно 4.174 САД$ во Косово, 4.982 САД$ во Албанија, 5.028 САД$ во Македонија, 5.544 САД$ во БиХ и 5.551 САД$ во Србија, па дури и Црна Гора која е со највисок БНП по глава на жител (8.088 САД$), остварува само една петина од просекот на ЕУ – БНП по глава на жител.

Ниското ниво на економски активности, поради кои изостана потребниот позабрзан раст во земјите од Западен Балкан, го ограничија нагорното поместување кон категоријата на развиени земји, така што највисокиот БДП по жител од 7.837 САД$ во Црна Гора, е само 21% од БДП по жител на ЕУ остварен во 2017 година. БДП по жител во Македонија од 5.253 САД$ во 2017 година е само 14% од истиот на ЕУ во 2017 година, а изнесувал 15,6% од истиот во ЕУ во 1990 година.

Сепак, за незадоволителните резултати треба да се има предвид дека Балканот, но и регионот на источна Европа изминатите три децении поминаа низ транзициски период преку распад на еден општествено економски систем и поставување нов, распад на големи државни системи и креирање на нови мали држави со слаби економии, без воспоставени стандарди, со изгубени пазари, нарушените трговски и економски врски, економски санкции и ембарга, протести, бегалци, се` до тешки воени конфликти кои оставија голем политички и економски белег во сите земји од регионот на Западен Балкан.

Без да се оспорува негативното влијание на погоре споменатите фактори, сепак, останува дилемата - можеше ли да биде подобро? Како стопанските субјекти можеа поинаку да се соочат со далеку поконкурентните производи на меѓународните пазари, со далеку повисок степен на конкурентност, во отсуство на поволни инвестициски средства за развој и соодветна економска политика, без системска поддршка? Економиите во повеќето земји од регионот бавно заздравуваа од надолните движења во првите години на осамостојувањето, што резултираше со постепено намалување на производството и се ` пониско искористување на расположливите ресурси.

Согласно наведеното, се потврдува бавниот, незадоволителниот и несоодветниот економски развој во изминатите години , поради што земјите од Западен Балкан се третирани како неуспешни транзициони земји. Но, овде треба да се спомене дека за разлика од регионот на којшто припаѓаме, земјите од Централна Европа, па дури и некои од земјите со кои во минатото бевме дел од еден ист општествен систем, СЕПАК успеаја да ги исполнат условите и стандардите што ги бара меѓународната економија и да станат дел од Европската унија, некои од нив се дури и лидери во економскиот раст во Европа, а беа и дел од регионалните асоцијации каде членуваат и земјите од Балканот.

Пример за тоа е ЦЕФТА-регионот и согласно овој централноевропски договор за слободна трговија, целта е да се овозможи спроведување на трговската либерализација и создавање зона на слободна трговија на земјите- членки, подобрување на условите за поттикнување на вложувањата во регионот, укинување на бариерите и проблемите кои се јавуваат во трговијата се` со цел да се олесни движењето на стоките и услугите во транзит, како и да се осигурат праведни услови на конкуренција на регионалниот пазар и постигнување на стандардите кои ги бара Европската унија, за да може овие земји по одреден период да станат дел од европското семејство. ЦЕФТА е првично основана од Полска, Чехословачка (подоцна Чешка и Словачка) и Унгарија во 1992 година. Подоцна, членки стануваат Словенија (1996 година), Романија (1997), Бугарија (1998), Хрватска (2002) и Македонија (2006) - сите денеска веќе членки на Европската унија, со исклучок на Македонија. Имајќи предвид дека овие земји влегоа во ЕУ и со тоа ја напуштија ЦЕФТА, беше одлучено Договорот да се прошири и со останатите балкански држави, кои веќе создадоа матрица на билатерални договори за слободна трговија во рамките на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа, по што, покрај Македонија, се приклучуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Србија, Црна Гора и Косово. Новиот Договор стапи на сила на 1 мај во 2007 година.

Иако ЦЕФТА е инструмент кој треба пред се` да ја поттикне интра-регионалната соработка, епилогот од несоодветно водените економски политики за побрз развој и приспособување кон конкуренцијата на либерализираниот пазар, како и индивидуалното недоволно ангажирање да се искористат соодветно дадените можности од воспоставената правна рамка, услови денес и по 12 години се ` уште да имаме кревки економии кои не успеаја да ги искористат сите дадени можности за потребното економско регионално поврзување. Заздравувањето на ниско конкурентните економии на земјите од Западен Балкан е повеќе од потребно и тие се карактеризираат со:

- ниско, односно недоволно ниво на инвестиции од 21% до 30% одделно по земји (просечно околу 22% учество во БДП во земјите од Западен Балкан во 2017 година);

- ниско ниво на странски директни инвестиции, од 2 до 7% учество во БДП во 2017 година, со исклучок на Црна Гора со 11,57% во 2017;

- ниско учество на додадена вредност на индустријата;

- високи стапки на невработеност (Албанија 13%, БиХ 20%, Македонија 22%, Црна Гора 16%, Србија 13%, додека во ЕУ 7,6%);

- а последните години и со сериозен недостиг од квалификуван стручен кадар без кој е невозможно да се планира и да се креира економски раст на која и да било земја.

KIFКоморите како организации кои секогаш го ставаат бизнисот пред политиката, укажуваат дека не ги интересира минатото и политичката разновидност, туку економската соработка, а притоа свесни се за проблемите кога политиките немаа слух за економијата, ги отвораа вратите за соработка залагајќи се за слободата во движењето на луѓе и стоки, бидејќи историски и географски сме значајни едни на други како пазар на кој сите сакаат и натаму да бидат присутни.

Во таа насока, уште п ред 25 години, во 1994 година, националните комори од балканските земји ја основаа Асоцијацијата на балканските комори - АБК (Стопанската комора на Македонија, стопанските комори на Албанија, Бугарија, Црна Гора, Кипар, Романија, Србија, Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција и Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција). Асоцијацијата на балканските комори е прва создадена коморска организација со регионален карактер на просторите на Југоисточна Европа, преку која на најдобар можен начин се манифестираше општествена зрелост на приватниот сектор, каде стратешката цел беше да се обнови прекинатата регионална стопанска соработка, со цел да се дојде до создавање зона на слободна трговија на Балканот и забрзување на интегративните процеси кон ЕУ.

Дека коморите имаат клучна улога во економскиот развој на земјите поединечно, но и во рамките на регионалното поврзување, говори и фактот дека како резултат на имплементацијата на заклучоците од Берлинскиот процес што почна под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, во 2015 година е формиран Коморскиот инвестициски форум (КИФ). Целта на КИФ е да овозможи поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во имплементација на проектите кои се од важност за неговиот економски просперитет.

Преку КИФ, кој претставува заедничка платформа за економска соработка во регионот на Западен Балкан, интензивно ќе се работи на унапредување на конкурентноста на економиите, подобрување на бизнис климата во регионот и зголемување на меѓусебната стоковна размена, воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на регионалната мобилност и креирање агенда за дигитална интеграција.

Мисијата на КИФ и на целокупниот Берлински процес е да го вклучи регионот, односно соседството на Европската унија во зона на стабилност, безбедност и економски просперитет, со цел овие земји да имаат европска иднина, на која мисија треба да се гледа како на последна шанса за економски позабрзан напредок на регионот, а со тоа и на секоја земја поединечно на патот кон одржлив развој и на патот кон асоцијативното членство во ЕУ.

Сашо Деспотоски