1035 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Неделен коментар
12.04.2019 👁 Прочитано: 849

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?




М-р Зоран Јовановски
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Македонската економија е една од шесте економии на Западен Балкан, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Во основа, регионот помалку или повеќе има големи сличности во поглед на минатото, карактеристиките и последиците од екстерните економски влијанија. Во овој контекст, за да видиме каде се наоѓа македонската економија во групата на земји од Западен Балкан, според брзината на својот раст, корисно е да видиме што покажуваат податоците. Тие даваат прилично јасна слика и упатуваат на недвосмислен заклучок.

Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, во првата деценија од овој век (2001 година - 2010 година) економскиот раст на нашата земја, мерен преку реалниот раст на бруто домашниот производ, изнесувал во просек 3% годишно. Во истиот период, другите пет земји од регионот, анализирани заедно како група земји, имале просечен економски раст од 4,5%. Тоа значи дека македонската економија во тие десет години имала побавен економски раст од просекот на другите пет земји од нашиот регион за цели 1,5 процентни поени!


Извор: Меѓународен монетарен фонд

И не само што сме заостанувале во однос на просекот зад другите земји во регионот, туку сме имале побавен раст од секоја земја поединечно во рамките на регионот. За споредба, во периодот 2001 - 2010 година, кога просечниот раст на македонската економија бил 3% годишно, просечниот економски раст на Албанија бил 5,6%, на Србија 5%, на Косово 4,6%, на Босна и Херцеговина 3,9% и на Црна Гора 3,3%.

Трендот на побавен раст на македонската економија во споредба со економиите во нашиот регион продолжува и во втората деценија од овој век, но сега веќе заостанувањето е значително помало. Така, во периодот 2011-2018 година, петте други земји од нашиот регион имаат како група просечен економски раст од 2,5% годишно. Во истиот период македонската економија оствари просечен раст од 2,2% годишно, или побавен раст за 0,3 процентни поени годишно.


Извор: Меѓународен монетарен фонд

Набљудувано по поодделни земји, во периодот 2011-2018 година, побавен просечен раст од нашата земја имаа Србија (1,8%) и БиХ (2%), а побрз раст имаа Албанија (2,5%), Црна Гора (2,7%) и Косово (3,5%). Набљудувано по поодделни години во овој период, во пет од осум анализирани години сме имале побавен раст од просекот на другите пет земји од Западен Балкан, при што заостанувањето се движи во распон од 0,3 до 3,3 процентни поени годишно. Во три години сме имале побрз раст, при што распонот на нашиот побрз раст е од 0,3 до 2,7 процентни поени годишно.

Кога ќе земеме сé заедно, во периодот 2001 - 2018 година, македонската економија во просек растела просечно годишно 2,7%. Во истиот тој период, групата на останатите пет земји од Западен Балкан имала просечен годишен економски раст од 3,6%. Значи, просечно годишно растот на македонската економија бил понизок за 0,9 процентни поени! Уште повеќе, не само што сме заостанувале во однос на просекот зад другите пет земји, туку сме имале побавен просечен годишен раст и од секоја од тие пет земји поединечно. Најбавен економски раст на Западен Балкан!


Извор: Меѓународен монетарен фонд

Се поставува прашањето: што носи иднината, како ги перципира Меѓународниот монетарен фонд перспективите за раст за оваа и за наредната година? За 2019 година, Меѓународниот монетарен фонд предвидува раст на македонската економија од 3% годишно. Тоа е за 0,5 процентни поени побавно од просекот на растот на другите пет земји од регионот. Поединечно, само за Црна Гора е проектиран понизок раст од нашиот. За 2020 година, проекциите на Меѓународниот монетарен фонд ја следат истата патека. Проекцијата за македонската економија е годишен раст од 3,1%, за другите шест земји од регионот просечен раст од 3,5% годишно и повторно само за Црна Гора проекцијата е пониска од нашата. Се разбира, проекциите на Меѓународниот монетарен фонд не мора да бидат точни, како што се покажа во 2018 година кога последната проекција на ММФ беше 1,9%, а беше остварен раст од 2,7%.

Сепак , јасно е дека македонската економија не може да се пофали со брзината на својот раст во изминатите 18 години, но и со проекциите за иднината. На крајот, се поставува и клучното прашање: што може нашава земја и сите економски чинители во неа да преземат во однос на економскиот раст? Крајно време е да го вклучиме алармот!

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?