1035 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
12.04.2019 👁 Прочитано: 825

ПРОЕКТИ: КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА ЗА ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНИ ОБЈЕКТИ СО ПОДРШКА НА ПРОЕКТОТ ТРАИНЕЕ


Подобрувањето на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти е еден од приоритетите во рамки на проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ (ТРАИНЕЕ), кој е дел од Работната програма за „Безбедна, чиста и ефикасна енергија“, под повикот за „Енергетска ефикасност“ ЕЕ-2016-2017,од програма „Хоризонт 2020“. Овој проект во рамки на своите активности креира мерки кој претставуваат надградба на веќе постигнатите резултати во претходните два проекта - „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност 2014-2016“ и „Градење на вештини за енергетска ефикасност 2012-2013“, со развој на тренинг шеми, проширување на обуките и со преквалификации на работната сила (архитекти, градежни инженери, техничари и градежни работници) за да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност.

Приоритет на секоја национална економија е создавање предуслови за креирање конкурентна работна сила во сите области, подготвена да се справи со предизвиците на модерните економски текови.

Зголемување на понудата на неформалното образование за стекнување на квалификации, преку проектот ТРАИНЕЕ се обезбедува со развивање програми за обуки за професионалци на средно и на повисоко ниво согласно Националната платформа на квалификации на инсталатери и дизајнери на обновливи извори на енергија, архитекти, инженери и техничари. Програмите за обука преку Центар за менаџирање со знаење и вештини ќе обезбеди континуитет во спроведување на програмите за поддигање на вештините за енергетска ефикасност во градби , со развој и спроведување на информациско моделирање на градби.

Во насока на подигање на капацитетите во градежниот сектор за воведување енергетска ефикасност при градење на енергетски ефикасни згради ќе се спроведуваат активности за запознавање со алатките за информациско моделирање на градби (БИМ софтвер), во сите фази на изградба, користење и одржување на градбите.

Информациското моделирање на градби (БИМ) е во центарот на дигиталната трансформација на градежниот сектор и градежната средина. БИМ не е новина, но веќе претставува глобален тренд во експанзија. „БИМ“ алатката претставува интелигентен софтвер/платформа за соработка - централно проектирање, моделирање, планирање во архитектурата, градежништвото и другите инженерски фази. „БИМ“-процесот го развива градежниот објект во 3Д-модел, каде сите чинители можат да придонесуваат, да анализираат и да пресметуваат трошоци и на тој начин се добиваат големи придобивки од неговото користење. Извештаите предвидуваат дека поширокото усвојување на „БИМ“ ќе овозможи заштеда од 15-25% на пазарот на глобалната инфраструктура до 2025 година. Токму промените водени од новите технологии најверојатно ќе имаат најголемо влијание врз градежниот сектор.

Во таа насока, во рамките на Проектот се креираат активности со цел да се поттикне употребата на „БИМ“-алатката на тој начин што околу 30-тина заинтересирани компании ќе бидат вклучени преку петдневни обуки за градежни инженери, архитекти и техничари, а преку „онлајн“ модулите за учење на далеку истите ќе добијат едукација и конкретни насоки за имплементација на „БИМ“.

Со тоа, преку примената на алатките за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling), на национално ниво, ќе се постигне зајакнување на мултидисциплинарниот пристап кон одржливото градење и демонстрирање на разликите во проектираните и актуелните енергетски карактеристики на градбите. Воведувањето на примена на информациско моделирање на градби, што е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото, ќе се спроведе со иницирање работилници и обуки за подигање на свеста кај сите засегнати страни, кај градежните компании, инженерите, архитектите, работниците, но и кај инвеститорите и одговорните владини институции, како и крајните корисници на објектите, со цел да се прикажат финансиско-енергетски заштеди во градби.

Овој проект ќе пилотира две студии на случај, каде ќе бидат земени 4 згради на кои ќе се имплементира „БИМ“-процесот и дел од „БИМ“-алатките кои дополнително ќе се развијат за време на Проектот.

Градежниот сектор е специфичен по тоа што голем дел од работниците немаат формално образование или немаат официјални документи за вештините што ги поседуваат. Тоа ги прави компаниите неконкурентни во бизнисот, а работната сила неконкурентна на пазарот на трудот. Она што за нас ќе биде предизвик е токму да се спроведе препознавање на вештините што ги имаат работниците, техничарите и инженерите преку нивно сертифицирање, како и да се одржат акредитирани обуки што ќе бидат направени во согласност со потребите на инвеститорите, градежните компании и професионалните организации.

Во рамките на Проектот се формираше Центарот за менаџирање со знаење и вештини кој треба да создаде услови за континуиран процес на обуки за работници, техничари и инженери. Сертифицираните обуки во овој Центар ќе се развијат за сите занимања во градежниот сектор, како и за сите нивоа на квалификации, од работници до инженери, тоа се околу 10 занимања, кои би требало да ги надградат своите знаења за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, особено од делот на искористување на сончевата енергија. Се очекува, во рамките на проектот ТРАИНЕЕ, низ овие обуки да поминат околу 500 професионалци, и тоа 150 техничари, 80 градежни инженери, 20 проектанти на фотоволтаични системи и сончеви топлински колектори и 250 работници.

Методологијата за препознавање на нивните знаења и вештини во претходните проекти веќе беше спроведена на околу 1100 работници од градежниот сектор. Сега оваа методологија ќе се развие и за инженерите. Македонија е земја лидер во регионот со спроведување на методологија за препознавање на знаења и вештини, а нашите искуства се цитирани и на европско ниво.

Ќе се организираат 35 сесии за препознавање на знаења и вештини каде ќе се вклучат околу 200 компании и 10 образовни институции. За зголемување на видливоста ќе се направи листа на сертифицирани обуки и јавно достапен регистар на 10 провајдери на обуки, 240 сертифицирани тренери, 80 сертифицирани инженери и околу 1500 техничари и работници. За промовирање на овие активности ќе се организираат две меѓународни работилници и една меѓународна конференција со 100 учесници.

Проектот „ТРАИНЕЕ“ се спроведува од Стопанската комора на Македонија како координатор во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните - Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и Академијата БИМ од Шпанија.

Јадранка Аризанковска

ПРОЕКТИ: КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА ЗА ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНИ ОБЈЕКТИ СО ПОДРШКА НА ПРОЕКТОТ ТРАИНЕЕ