1035 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
09.04.2019 👁 Прочитано: 1233

БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА


Државниот Универзитет на Република Словенија, Економски факултет - Љубљана, ги презентираше програмите за магистерски студии ИБА (Интернационална бизнис академија) и тековните активности на Факултетот, којшто континуирано е високо рангиран меѓу најдобрите бизнис-школи на светско ниво.

„Економскиот факултет во Љубљана претставува пример на овие простори како треба економијата и бизнисот да бидат поставени во корелација и меѓусебно да соработуваат“, посочи претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на денешната презентација во Комората. Фокусот на своето излагање го стави на тема „Европската унија - една држава, приказна со 5 ѕвезди“. Така, како што истакна Азески, ја гледа ЕУ кон чие членство се стреми и нашата земја, што заедно со моделот на регионално поврзување треба да ја придвижи на економски план, но и регионот во целина, во насока на постигнување економски раст и развој како земјите - членки на Европската унија во регионот.

„Потенцијалот со којшто располага Унијата претставува најголем предизвик за нашата земја“, вели претседателот Азески. Јасно е дека ЕУ е нешто помеѓу федерација и конфедерација, најстар континент кој до 40-тите години бил тло со многу војни, но по овој период доаѓа до поставување на нова стратегија која се базира на економски развој на континентот. Почнувајќи како заедница на производители на јаглен и челик, се’ до денеска кога економското обединување по разни основи е причината за поврзување на земјите од Европа, како единствен пазар за 500 милиони луѓе кои функционираат во различни политички системи. „Тоа, вели Азески, треба да биде порака и за Балканот, дека спојувањето на економски план е рецептот кој треба да го примени овој регион, ставајќи го акцентот на регионалното поврзување.“

„Во таа насока, како исклучително перспективна земја од регионот која направи сериозен исчекор со влезот во Европската унија е Словенија, вели Азески, а Економскиот факултет во Љубљана е на листата на светски признати факултети и бизнис - школи. А токму преку образовниот модел што го нудат програмите за магистерски студии ИБА (Интернационална бизнис академија) и тековните активности на Универзитетот од Љубљана - Школа за економија и бизнис, доскорешен Економски Факултет - Љубљана, граѓаните имаат можност за дообразување во насока на примена на европски модели на учење и пракса, за оние што ќе се запишат на постдипломските студии на Факултетот во Љубљана да бидат мост помеѓу нашата земја и влезот во ЕУ.“

БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА

Економскиот факултет - Љубљана од 25.3.2019 година, со Одлука на Парламентот на Р. Словенија, е преименуван во Универзитет од Љубљана - Школа за економија и бизнис. Факултетот минатата година трет пат ја доби EQUIS акредитацијата (најреномирана акредитација за практична бизнис-академска мастер програма во Европа), носител е и на AACSB акредитацијата (највисока акредитација за практична бизнис-академска мастер програма во САД), ја поседува и акредитацијата AMBA за меѓународни постдипломски студии. Факултетот се вбројува меѓу 50 најдобри факултети и бизнис - школи во светот и е рангиран на второ место во Југоисточна Европа и во првите 500 факултети на Шангајската листа. Според „Financial Times“, во 2018 година, е во првите 100 најдобри бизнис - школи на светско ниво.

Во рамките на презентирањето на програмите за магистерски студии и тековните активности на Факултетот, свое излагање имаше и д-р Андреја Кодрин, член на Инвестицискиот комитет на Европскиот фонд за стратешки инвестиции и воедно основач и директор на неколку светски познати иновативни компании. Во излагањето на тема: „Краток преглед на иднината на Европската унија: меѓу мир, глобална конкуренција и инвестиции“, д-р Кодрин посочи дека моќта на Унијата е што на огромен простор со неколку стотици милиони жители обезбедува мир и стабилност, кои се основата за раст и развој на одредена територија, земја континент. Тоа и се случи со Европа, вели Кодрин, по обединувањето во ЕУ-семејството.

Денеска Европската унија нуди многу можности за развој преку користење средства од европските фондови за иновации, образование, животна средина, дигитализација, климатски промени. Лидер во Европа при користење на овие можности се Естонија и Литванија кои имаат повлечено до 3.000 евра по жител во просек средства од ЕУ-фондовите. Словенија има искористено 1.100 евра по жител. За таа цел, д-р Кодрин порача дека нашата земја треба да има стратегија како и во која форма ќе успее да ги искористи средствата што и’ стојат на располагање од Европа.

Професор Метка Текавчич, декан на Универзитет од Љубљана - Школа за економија и бизнис, се осврна на значењето на Универзитетот со којшто раководи од аспект на креирање кадри со богато знаење применливо во пракса. При тоа, таа посочи дека и овде, но и во Љубљана имаат многу студенти кои ги запишуваат нивните програми, но од лани работат на привлекување на нашите ученици по завршување на студиите да се вратат во земјата и да го дадат својот придонес што го стекнале преку европско знаење.

Пред присутните се обрати и Зорица Апостолоска, министер без ресор, задолжена за привлекување странски инвестиции во Владата на Република Северна Македонија, која посочи дека државниот Економскиот факултет од Љубљана, несебично го спроведува билатералниот договор помеѓу двете земји и веќе две децении ги држи отворени своите студиски програма за нашите сограѓани, што им нуди несебична можност своето образование да го оформуваат согласно модерните образовни трендови, да се стекнуваат со нови знаења и know-how, односно да се профилираат согласно барањата кои ги поставуваат глобалните економски трендови. Апостолоска потенцираше дека државниот Економски факултет од Љубљана преку својата достапност за граѓаните на нашата земја станува партнер во градењето на човечките капацитети на економијата и институциите на системот да одговорат на предизвиците кои ги поставуваат модерните економски текови.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и’ врачи Плакета на деканот на Универзитет од Љубљана, проф. Метка Текавчич, за меѓусебна успешна соработка и препознавање на Комората како нивен долгогодишен партнер во земјата. Претседателот Азески е член на Советодавното тело на Универзитетот од Љубљана - Школа за економија и бизнис и, како што рече, навистина  е редок пример да се има чест да се биде во друштво на интелектуалци какви што има на Факултетот во Љубљана.

На крајот, свои излагања имаа и неколку студенти кои своите успешни образовни приказни успеале да ги преточат во конкретен бизнис во нашата земја.

Даниела Михајловска Василевска

БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА
БИЗНИС ОТВОРЕН ДЕН 2019 НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ - ЉУБЉАНА