ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
17.09.2019 👁 Прочитано: 285

РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ


Управниот одбор на Советот на странски инвеститори денес оствари работна средба со претседателот на Република Северна Македонија,  Стево Пендаровски.

РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИНа почетокот на средбата,  претседателот Пендаровски беше запознаен со приоритетите и целите на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Како што истакна Петер Штефан, претседател на Советот на странски инвеститори во рамки на Стопанската комора на Македонија, Советот  од своето постоење се стреми да стане активен партнер во креирањето подобра деловна средина во земјава и унапредување на условите за инвестирање на странскиот капитал во земјава.

Во оваа прилика претседателот на Советот му ги испорача клучните пораки на првиот човек на државата содржани во последното издание на „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори, кои се фокусирани кон подобрување на деловната клима и создавање подобри услови за водење бизнис во земјава:

- воспоставување стабилно, предвидливо и конкурентно опкружување како елементи од суштинско значење за секој странски инвеститор;

- создавање деловно опкружување во кое ќе се воспостави поголем степен на доверба во институциите на системот и, во исто време, ќе придонесе за натамошно зајакнување на приватниот сектор;

- навремено спроведување на сеопфатната агенда за структурни и институционални реформи на пазарот на трудот и образовниот систем;

- зајакнување на инструментите за борба против неформалната економија, со цел да се обезбеди фер конкуренција на пазарот на кое било ниво;

- создавање недвосмислени и применливи закони и други прописи, со можност за учество на бизнис-секторот во нивната подготовка, дерегулација во областите каде што тоа е можно, како и носење на закони во скратена постапка само по исклучок, а не како правило;

- важно е да се продолжи со реформите во јавната администрација, насочувајќи се кон подобрување на ефикасноста и координираноста во дејствувањето, како битна претпоставка за функционален јавен сервис во интерес на бизнисот;

- стабилноста и трајноста на правната рамка - „правилата на игра“ на пазарот мора да бидат познати и предвидливи за сите учесници на пазарот.

РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИПретседателот на државата, Стево Пендаровски, пред да се отвори дискусија и дебата со членовите на Управниот одбор на Советот на странски инвеститори, се заблагодари на организираната средба. Тој најави активна комуникација со Советот на странски инвеститори, со можност овие средби да прераснат во редовна практика, како и активно координирано делување на регионален и на меѓународен план. Посочувајќи дека економијата е апсолутен приоритет во државата, претседателот Пендаровски, заедно со неговиот економски тим, остави простор и за натамошна размена на идеи, искуства, како и тековна комуникација со бизнис-секторот за најзначајните отворени прашања, во насока на предочување до надлежните институции за нивно ефикасно решавање.

Осврнувајќи се на пристапните преговори со ЕУ за кои, како што рече, очекуваме да добиеме датум кон средината на идниот месец, шефот на државата потенцира дека без луѓе од еснафските здруженија неможе да се оди на преговори во Брисел.

-Нема сфера во општеството што не е поврзана со економијата. Во преговарачките тимови ќе мора да има луѓе од еснафот. Наскоро стануваме и членка на НАТО, а тоа значи дека перцепцијава за земјава нагло ќе се смени, ќе се зголеми довербата кај инвеститорите зашто ќе не гледаат како предвидлива дестинација за вложување, истакна Пендаровски.

Истовремено, беше изразена подготвеност за натамошна комуникација и координација со Советот на странски инвеститори во однос на вклучување на економски профилирани кадри во мисиите и амбасадите на државата во странство, како и заемна размена на информации или учество на бизнисмените при реализирање на билатералните посети на претседателот на државата во странство.

Членовите на Управниот одбор на Советот посочија повеќе суштински пораки до претседателот. Беше акцентирана важноста земјата што поскоро да стане да стане дел од евроатлантските интеграции коишто, преку демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, се посебен гарант на стабилноста и обезбедувањето на просперитетот и обезбедуваат добра инвестициска клима и развој на економијата. Неефикасната и спора администрација претставува голем товар за економијата во целост, додека образовниот систем во Македонија треба да претрпи суштински промени за да може да обезбеди висококвалитетен и стручен кадар, кој ќе има соодветни знаења и вештини потребни на пазарот на трудот, како за странските, така и за домашните компании. Членовите на Управниот одбор на Советот на странски инвеститори укажаа на потребата од усогласување на домашното законодавство со правото на Европската унија, особено во областа на даночното и финансиското известување, потребата од поголема координација на административните служби заради обезбедување ефикасни и брзи услуги за потребите на бизнис-секторот, доследна имплементација на прописите во практиката, од страна на надлежните институции, на еднаков начин, за сите засегнати страни, како и подготвеност за заеднички реален придонес на бизнисот за имплементација на владеењето на правото, како темелна вредност на општествениот поредок и битна претпоставка за натамошниот процес на преговорите за членство во големото европско семејство. 

РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ

На средбата се разговараше и за динамиката на соработка за реализација на проектите од заеднички интерес помеѓу економскиот тим на Претседателот на државата и канцеларијата на Советот на странски инвеститори при Комората.


д-р Елена Милевска Штрбевска
Влатко Стојановски

РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ
РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ
РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ
РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ
РАБОТНА СРЕДБА НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ  СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ