НОВА УСЛУГА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА: МЕСЕЧЕН ЕКОНОМСКИ ПРЕГЛЕД (МЕП) ЗА ТЕКОВНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО ЕКОНОМИЈАТА
➢ Актуелно (22.09.2020)
👁 Прочитано: 979


Стопанската Комора на Македонија (СКМ) започна со нова аналитичка услуга за своите членки - Месечен Економски Преглед (МЕП) за тековните движења во економијата.
НОВА УСЛУГА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА: МЕСЕЧЕН ЕКОНОМСКИ ПРЕГЛЕД (МЕП) ЗА ТЕКОВНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО ЕКОНОМИЈАТА

МЕП има за цел да обезбеди концизен аналитички преглед на најзначајните тековни движења во македонската економија, како и да даде согледувања за следниот период. Воедно, имајќи предвид дека македонската економија е мала и отворена кон светот, МЕП вклучува и актуелни информации за движењата во светската економија и пазарите за берзански суровини. МЕП е пред се насочен кон потребите на членките на СКМ, со идеја да им обезбеди единствен и навремен аналитички материјал со информации кои се релевантни за нивното работење. Но, заради уникатниот пристап и опфатот на таргетирани теми, веруваме дека МЕП ќе го привлече интересот и на други заинтересирани субјекти, како и медиумите. МЕП се објавува редовно, секоја втора недела од месецот.

Од аспект на структурата, МЕП ги вклучува најзначајните економски индикатори: Бруто Домашен Производ, Индустриско производство, Трговија, Градежништво, Туризам, Деловни очекувања во преработувачката индустрија, Плати, Трошоци на живот, Надворешно-трговска размена, Јавна потрошувачка и Берзански суровини. Анализата ги опфаќа статистичките податоци од последниот месец, како и споредби со претходен период од тековната година и истиот период од минатата година. Ваквиот пристап е со цел да се опфатат најновите движења, но и да се добие јасен показател за трендот на движење на варијаблите, како и меѓугодишната споредба која ги исклучува сезонските влијанија. 
Уникатниот карактер на МЕП во однос на сличните аналитички материјали од други институции, е во неговата прилагоденост кон потребите на претпријатијата-членки на СКМ. Тоа се отсликува во методолошкиот пристап на собирање на материјали и информации, кој вклучува не само статистички податоци добиени од Државниот завод за Статистика, НБРМ, Министерство за Финансии, Царина и слични институции, туку и аналитички податоци добиени од меѓународни извори (Светска банка, ММФ, УНКТАД и други), како и информации и показатели добиени од соодветни анкетни истражувања на претпријатијата. Ваквиот методолошки пристап обезбедува поизразена оперативна димензија на анализите и следствено, можност за поголема искористеност во пракса од страна на корисниците.  

Во овој контекст, вреди да се истакне уште една специфичност на МЕП. Во секој месечен економски преглед, покрај редовната обработка на горенаведените економски показатели, се прави и подетален и посеопфатен осврт на една таргетирана тема, зависно од актулената состојба. Со оглед на тоа дека 2020 година главно ја обележува здравствената криза КОВИД-19 и економската криза, во досегашните прегледи, како посебни теми беа издвоени влијанието на почетокот на здраствената и економската криза врз БДП, перформансите на извозните и увозните претпријатија во услови на светска рецесија и нарушено функционирање на меѓународната трговија, како и состојбите во туризмот и последиците од кризата врз претпријатијата од туристичкиот сектор. Така, во неколкуте досегашни месечни економски прегледи, се содржани таргетирани анализи за движењата на македонскиот БДП кој стагнираше во првиот квартал од 2020 година, а во вториот квартал забележа висока контракција; висок двоцифрен пад на индустриското производство, преополовен извоз и увоз, колапс на туризмот и високи стапки на пад на активноста во градежништвото, трговијата, и други сектори; големата рецесија на економиите на земјите од ЕУ и САД и како тоа влијае сега и ќе влијае во иднина врз македонската економија; сеопфатна анализа на состојбите во туризмот и угостителството како сектор кој најрано и најдиректно беше погоден од здравствената криза, вклучувајќи и оценки на претпријатија од овој сектор за досегашните мерки за помош на туризмот во однос на нивните очекувања и предлози итн. 

Најновото издание на Месечниот економски преглед (МЕП) ги анализира тековните економски движења во македонската економија, со осврт на движењата во авто-индустријата во регионот на Западен Балкан и последиците од здравствената криза Ковид-19 врз овој сектор.

Работи што го одбележаа изминатиот период се:

•    Најновите проекции за Еврозоната предвидуваат пад на БДП од 8% во 2020 година
•    Намалување на економската активност кај земјите од Западен Балкан во првиот и вториот квартал од 2020 година
•    Длабоки последици од кризата врз авто-индустријата 
•    Висока контракција на БДП во Македонија во вториот квартал од 2020 година, која укажува на потребата од нови мерки за поддршка на стопанството
•    И во јули продолжи трендот на пад на индустриското производство, трговијата и градежништвото
•    Раст на стапката на невработеност, уште еден сигнал за потребата од поддршка на компаниите за заштита на работните места
•    Извозот и увозот со благ пораст во однос на претходните месеци, но значајно под минатогодишното ниво

За следење на движењата на МЕП и претплата, повеќе информации на контакт-адресата: antoneta@mchamber.mk.

м-р Антонета Манова Ставреска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија