Благодарница за Горан Антевски, претседателот на АОТС Македонија и претседател на ЕФААС
➢ Актуелно (25.09.2020)
👁 Прочитано: 1343



Благодарница за Горан Антевски, претседателот на АОТС Македонија и претседател на ЕФААС

М-р Горан Антевски, во улога на претседателот на АОТС Македонија (Македонско-јапонско здружение за техничка соработка), воедно и претседател на ЕФААС (Европската асоцијација на АОТС здруженија), награден е со Амбасадорска благодарница од страна на Н.Е. Кеико Ханеда, амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија.

Антевски, како управител на „Раде Кончар - ТЕП“ - Скопје, истакната фирма-членка на Стопанската комора на Македонија, воедно е и заменик-претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија.

Формалната церемонија на доделувањето на Амбасадорската благодарница се одржа на 24.9.2020 година, во присутво на Н.Е. Кеико Ханеда, заменик-амбасадорот, Сатору Такахаши, како и членовите на Управниот одбор на АОТС Македонија.

Здружението за странски технички стипендии (АОТС) е основано во 1959 година со поддршка на Министерството за меѓународна трговија и индустрија на Јапонија - МЕТИ (кое е сегашно Министерство за економија, трговија и индустрија), како прва организација за техничка соработка на приватна основа во Јапонија.

Во своето 21-годишно постоење и работа, АОТС Македонија има обучено и стипендирано повеќе од 200 македонски граѓани во АОТС-центрите во Јапонија.

Вкупниот број на учесници кои добиле обука во Јапонија и учесници кои имале обуки во своите земји достигна повеќе од 400.000, од 170 земји од целиот свет.

Служба за информирање при Комората