ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Вести
15.08.2019 👁 Прочитано: 427

КАКО ДА ЌАРИМЕ ОД ТРАНЗИТНИТЕ ТУРИСТИ?


Македонија е земја низ која поминуваат бројни странски туристи на пат кон Грција, но додека патуваат за да стигнат на море, голем дел од нив ја испуштаат шансата да посетат некој македонски град, локалитет, знаменитост.
Нашата земја би можела да заработи од транзитните туристи, кои во текот на летото минуваат низ Македонија. Aвтопатот од релацијата Куманово – Гевгелија транзитните туристи го минуваат за околу три часа.  Само по Коридорот 10 низ нашата земја транзитираат по 3.5 милиони туристи, беше соопштено лани од владин претставник.
„Повеќе пати сум поминувал низ Македонија, и за мене е убава земја од она што попат можев да го видам. Поминавме со автомобил покрај Велес, но не свративме во градот“, вели Милош М. од соседна Србија.
Оние кои патувале преку агенција, велат дека попат нема многу места каде може да се застане и да се испие кафе.
„Два пати поминував низ Македонија на пат за Грција. Застанувавме само на бензинска пумпа за да купат луѓето цигари, не знам за кое место точно се работеше. Сум поминувала низ Македонија, но не сум посетила ниту еден македонски град“, вели девојка од БиХ.
Се работи за еден посебен вид на туризам кој дава можност да се креира посебен вид на понуда наменета исклучиво за патници /туристи на поминување преку одредена територија  која за нив не е крајна дестинација за престој, вели Биљана Пејоска Ристеска, извршен директор на Стопанската комора за туризам.
„Постоењето на таква понуда е темел за развој на транзитниот туризам. Секогаш треба да се има на ум дека патувањето на туристите до крајната точка на дестинацијата внесува доживувања на чувства кај патниците /туристите (позитивни или негативни ) и од атрактивностите  на попатните застанувања кои ги користат било да е тоа со ноќевање или само одредена временска пауза од неколку часа. Основна цел на транзитниот туризам е во вкупниот простор на туристичкиот потенцијал да воспостави силна релација помеѓу инфраструктурната опременост и туристичката понуда на транзитните патни правци. Во Македонија таква усогласена релација не постои со години наназад. Промоцијата на подрачјата низ кои се патува не е во согласност со инфраструктурната опременост во хотелско - угостителски капацитети соодветни за овој вид туризам. Тие недостасуваат во голема мера долж Коридорите 10 и 8. За да поттикнете дополнителна потрошувачка кај транзитните туристи понудата треба да ви биде комплетна  и тоа од  промоција, сместување  до продажба на локални производи(приказни) од секој вид. Што значи се работи за недостаток на можности, а не за недостаток на желба кај тој тип на туристи“, вели таа.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот изминатиот период направиле промоција на Македонија во странство преку онлајн-рекламирање во 12 земји, во Словенија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Хрватска, Полска, Романија, Шведска, Естонија, Израел и Турција. Туристичката понуда на земјава е претставена и на осум интернационални саеми.

Превземено од: Фактор.мк
https://faktor.mk

КАКО ДА ЌАРИМЕ ОД ТРАНЗИТНИТЕ ТУРИСТИ?